ГАРГАРА

ГАРГАРА


Во времето кога во Лемберг се случуваше револуција на угостителските објекти на почетокот на XXI век, поголем дел од моите пријатели мечтаеја еден ден да раководат со свое кафуле и да се вклучат во битката со идеи и пари. Ако размислиме добро за потеклото на оваа идеја, ќе сфатиме дека не треба ниту да се чудиме ниту којзнае колку сериозно да ја приемаме. Едноставно редот на нештата е таков што младиот човек кој води вообичаен стил на живот мора барем еднаш да дојде до таквата идеја, и тоа сосема спонтано. Замислете го младиот човек кога ќе испие неколку пива и кога со тетеравање ќе тргне в тоалет. Моментот кога мочниот меур е преполнет обично прецизно се поклопува со моментот кога мозочните ќелии почнуваат да ја наметнуваат мислата за блискоста со Супермен. Идејата за Супермен е поврзана со моќта, а моќта е поврзана со поседот, раководењето и евентуално уште и со креативноста. Наоѓајќи се во пивница која го прави среќен, младиот човек ќе помисли да создаде своја пивница, кафуле, ресторан или рок-група.

Отворањето свое кафуле во Лемберг не е толку забавна работа како што изгледа однадвор. Понекогаш е потребно да си и повеќе од Суперман. Вистина, тоа е и доста креативна работа во која шансата за кикс е релативно мала. Избираш мебел каков што ти се допаѓа, пушташ музика каква што ти се допаѓа, создаваш свој ред, свој свет што потоа ќе го споделуваш со другите. Решенијата со организацијата на останатите кафулиња, колку и да се оригинални, не се патентирани. Можеш да вклопиш една своја идеја, а десет да препишеш од конкуренцијата или да увезеш од странство, и пак да се чувствуваш како голем изумител.

Иако сите мои другари ја спомнуваа идејата за отворање кафуле, знаев дека само јас живеев со таа идеја и дење и ноќе, и не само кога пиев пиво, туку и кога пиев јогурт и кога останував жеден. Сонот да станам сопственик на кафуле ми се исполни во 2004 година. Сега, осум години подоцна, не можам да речам дека се каам што го отворив кафулето, а сигурно не и дека сум многу среќен поради тоа. Едно знам: тогаш не можев ни да замислам колку кафулето ќе ми го измени животот.

Се сеќавам добро на тоа попладне кога седев со својата пријателка Кристина во кафулето Златен дукат, близу до стариот Плоштад ринок во Лемберг. Занесено ја листав книгата за пофалби и поплаки на кафулето кога женска смеа ме оттргна од занесот. Кристина и келнерката, која веројатно долго постоја над нашата маса очекувајќи ја нарачката, се смееја поради мојата задоцнета реакција. Дента избрав портокалово-црна топла чоколада, а Кристина – индонезија тораја тонг кафе. Келнерката беше на граница на полнолетство а височка 175, тело на танчерка, слатко мило лице. Враќајќи ги двете менија, нежно ги легна прекрасните меки гради на шанкот.

Две работи од цела Украина се најдобри во Лемберг: девојките и кафето. Ние во Лемберг со особена гордост се нарекуваме жители на градот на кафето. Во подземното кафуле Златен дукат го имаат можеби и најубавото кафе во Лемберг. Дента кога седевме со Кристина, паметам дека долго се забавував читајќи ја книгата за пофалби и поплаки. Најмногу пишувале луѓе од Киев и од Полска: „превкусно кафе, фантастична арома, пријатна атмосфера“, но се пишувало и поезија и проза, и глупости и мудрости. На почетокот на книгата за пофалби и поплаки сопствениците ја напечатиле легендата за Јузефа, која се врзува со кафулето. Пред 400 години овде бил станот на родот Коркеси. Јузефа била најубава девојка во Лемберг, но неосвоива. Доаѓале и доаѓале мажи, нуделе богатства за раката на Јузефа. Останала неосвоива с¬ѐ до оној ден кога почувствувал мирис на кафе. Кога ѝ кажале дека мирисот е од зрната што ги донесол некој трговец, Јузефа се согласила да се омажи за трговец уште пред да го види.

– Нешто си ми расеан денес. – Ми забележа Кристина, прекривајќи си го лицето со топла безгрижна насмевка.
– Кога ќе отворам кафуле, ќе ставам некоја ваква интересна книга за пофалби и поплаки. – ѝ реков на Кристина, менувајќи ја темата за мојата расеаност.
– Добра идеја. А знаеш што! – Татко ми уште чува дома некоја стара книга за пофалби и поплаки од некое старо кафуле што постоело порано, сега не постои веќе. Вели дека му ја дал сопственикот на кафулето за објавување, ама после не се појавил веќе да си плати за објавувањето ниту да објасни како да изгледа книгата. Некои тврделе дека бил ликвидиран уште истиот ден. Според некои гласини, убил КГБ-ист, па сакал в затвор додека туберкулозата не го извлекла оттаму право на небо.
– Кога било тоа?
– Не знам точно. Ама можеме во секое време да ја побараме книгата од татко ми оти тој таквите работи ги чува како очите. Може ќе добиеш дури и некоја идеја за твоето кафуле што сакаш да го отвориш, може и некоја легенда ќе смислиш. Тоа се бара во денешно време. – Се насмевна Кристина со насмевка на бизнис-лејди. Ми падна чудно со каква живост и стил се изразуваше, па претпоставив дека првата голтка кафе низ усната слузокожа експресно ѝ се пливнала во крвотокот.

Кога излеговме од подземјето, веќе беше преврнало. Млаките сончеви зраци креваа лесна пареа над шините од трамвајот број. Во таа сонлива релаксираност почувствував сплет од мириси и вкусови на кафе, чоколада, дожд и евтин женски парфем. Две суви девојки на превисоки потпетици се тетеравеа по калдрмата, како во натпревар која (побргу) ќе стигне до целта. „Кокошки“ – прокоментира Кристина во свој стил. Други луѓе немаше, дождот како да ги беше успал сите. Сончевите зраци си пронаоѓаа откршени огледалца во нерамната калдрма. Однекаде се слушаше мрзеливото ѕвечење на ’рѓосаниот трамвај во неговото бесмислено наближување или оддалечување.

Веќе следниот ден итав кон споменикот на Данило Галицки, погледнувајќи нервозно во часовникот. 13:15 – веќе 15 минути доцнев на договорената средба со Кристина, а и натаму тешко се пробивав низ масата народ. Милионскиот град се беше собрал во центарскиот вриеж од трамваи, автомобили, велосипеди, корпулентни баби, просјаци, убави другарки фатени за рака.

Во издавачката куќа Муза стигнавме половина час подоцна од времето за кога бевме најавени. Просториите на Муза беа сместени во стара станбена зграда на почетокот на улицата Кнез Роман. Вратата беше обложена со вештачка кожа, невозможно беше да се чукне, а ѕвончето не работеше. Кристина само што беше почнала да го бара татка си во именикот на мобилниот, кога низ вратата се проби слаб сноп светлина и силен мирис на изгниено дрво.
– Повелете, добар ден, како сте? – Ми ја подаде старечката рака – Генадиј Коваљук.
– Мило ми е, јас сум Орест. – Се претставив.

Целата канцеларија мирисаше на друго време. Буквално сѐ ќе го издадеше татко ѝ на Кристина дека тоа е само дневна соба на еден осамен дедо што тврдоглаво одбива да се пензионира, колку и да се потрудеше да ни ја претстави како своја канцеларија. На работната маса лежеа книги и листови хартија, за кои веднаш добив чувство дека таму лежат со месеци. Црвите крцкаво живееја во мебел што со сигурност беше постар од 1900 година. Седнавме на кауч каков што бев видел кај баба ми во детството, додека Генадиј бавно се пресигаше да го притисне копчето на електричниот чајник. Почувствував олеснување кога сфатив дека моето доцнење на средбата кај споменикот на Данило Галицки нема никакво значење, освен тоа дека Генадиј мораше да ја презагрее остинатата вода од чајникот.

– Сте се интересирале за книгата од Гаргара – Со неочекувана деловност забрза Генадиј.
Погледнав со неразбирање прво во Генадиј, а потоа кон Кристина, како да очекував превод.
– Кристина ми објасни дека доаѓате за книгата од подземното кафуле од 60-тите години.

– Да, така нешто зборувавме. – Заговорив колебливо. Ни самиот не бев сигурен дали оваа моја посета во Муза има некаква смисла. Дојдов со убедување дека можам само нешто да придобијам, а ништо не можам да изгубам. Во секој случај, времето поминато со Кристина никогаш не ми било здодевно.

– Кафулето Гаргара беше едно од најмистериозните кафулиња во Лемберг уште од самото отворање. А сепак, не отворањето, туку затворањето на Гаргара, односно нејзиното исчезнување е тоа што ѝ обезбеди место меѓу најголемите мистерии на градот. Стави си шеќер во чајот, Орест. За Кристина знам дека го пие без шеќер. – Имаше намера во оваа дигресија на Генадиј само што забележа дека молсна огнот на љубопитноста во моите очи. Се смести во фотелјата и шмркна од чајот, па продолжи со приказната, овојпат од почеток.
Гаргара ја отвори човек со име Иван Володимирович во 1962 година. Сопственикот на Гаргара е личност обвиена во тајни. Се знае дека пред да го отвори кафулето заработувал за живот работејќи како виолончелист во црковен оркестар, иако не сум чул некој да знае во која црква свирел ниту пак сум чул во лембершка црква да се свирело на таков инструмент. Целото негово семејство беше постојано репресирано од режимот. Нивниот дом на преминот Крива липа бр. 7 во тоа време беше една од многуте омилени станици на агентите на КГБ. Едно претпладне легнат на грб, дрнкајќи како дете на виоленчелото, Иван Володимирович ја осмислил Гаргара. Истата вечер догуша во прав го расчистувал подрумот. По три ноќи напорна подземна работа добил една мала соба и една поголема просторија од триесетина метри квадрати. Неговата соба во станот на третиот кат ја затрупале тегли со зимница донесени од подрумот. На Иван Володимирович веќе му било сеедно како изгледа неговото дотогашно живеалиште оти во мигот кога ја создал Гаргара под земи, престанало за него да постои сѐ што е повисоко од 10 метри. Се преселил во подземјето. Не знам колку сте вие двајцата запознаени со тоа дека во подземјето на Лемберг има неколку километри ходници и разни простории од кои барем три четвртини се неоткриени. Се зборуваше едно време и за постоење на изгубена мапа на подземниот град сместен под Лемберг. Се сметаше дека оној што ја поседува изгубената мапа од подземјето би можел да има контрола врз животот во градот. Во тоа време најактуелно беше токму контролирањето на сѐ и секого. Сите бевме под постојан мониторинг, живеевме од сослушување до сослушување. Сега, пред 2-3 години… 2001-та ли беше… истражувачите на подземјето открија 5-метарска акустична цевка за прислушување монтирана во подот на Преображенската црква токму на местото кај што се исповедаат верниците.

– А што знаете за изгледот на Гаргра? – Се заинтересирав дали имало нешто оригинално во изгледот, што можеби би можел да го преземам.

– Никогаш лично не сум бил во Гаргара, а тоа што го знам за изгледот е од прекажување. Сум чул дека не веднаш од почетокот, но нешто подоцна во Гаргара имало жива музика најчесто од клавир и виолина. Ова ми е малку чудно зашто на толкав мал простор тешко е да најдеш место за музичари. Факт е дека никогаш не сум бил во Гаргара, но знам колкави се подрумите под зградите на Крива липа. Во кафулето имало десетина маси, две-три од нив на шијачки машини. На ѕидовите имало врамени постери од Елвис Присли, Мерилин Монро, која почина токму таа 1962 година, и Реј Чарлс, кој почина нели сега пред некој ден. Името Гаргара Иван Володимирович го избрал затоа што му звучело ефектно, но и симболизирало една од основните потреби што ја имаа интелектуалците во тоа време. На првата страница од книгата за пофалби и поплаки пишува: Во Гаргара доаѓаат тие што имаат најголема потреба да си ја исплакнат устата, грлото и душата од секојдневната порција лајна што ја добиваат од власта, од претрпените неправди и угнетување.
Сопственикот на Гаргара сум го видел двапати. Обете средби беа во 1963 година и беа поврзани со објавувањето на неговата книга. Во тоа време нашата издавачка куќа беше најпозната од оние што објавуваа украинска литература. Уште тогаш превладуваа рускојазичните автори. Со Иван Володимирович се сретнавме првпат кон крајот на јуни. Тој дојде кај мене на разговор и седеше токму каде што седите сега вие. Од таа прва средба ми остана во сеќавање чувството дека тој човек е овладеан од некаков свет спокој. Не можам да погодам колку години имаше зашто физички личеше на дваесет и седум-осум, но според разговорот оставаше впечаток на многу позрел, па претпоставувам дека едноставно беше младолик. Лицето ми беше познато и цело време се прашував од каде. Но, ако не сум се сетил тогаш, нема да се сетам ни сега. Ми кажа дека сака да објави книга, што звучеше нормално зашто впрочем за тоа доаѓаат кај нас. Сепак, кога ми ја објасни целата идеја, го погледнав скептично. Иван Володимирович не сакаше да објави своја книга, туку книгата за пофалби и поплаки од своето кафуле. Го сфатив тоа како обид за маркетинг на кафулето.

Не се знае точно по кои канали Иван Володимирович успеал да ја прошири информацијата за постоењето на Гаргара, а сепак таа да се држи во тајност. Разбирам дека тогашните, да ги наречеме „хипици“ или „алтернативци“ (со подоцнежна терминологија зашто ниеден од овие два термини тогаш уште не се употребуваше) си имале свои кругови, но невозможно е да се замисли тие кругови да се издигнат на ниво на угостителски објект, а КГБ за тоа да не дознае. Нема теорија! Во тоа време постоеја здруженија, на пример во Порохова вежа се собираше т. н. Здружение на шахистите. Членуваа украински националисти кои се собираа таму божем за да играат шах. Но и во таквите случаи беше само прашање на време кога ќе паднат маските.
И покрај подземниот карактер, Иван Володимирович се трудел Гаргара да ги има сите елементи на еден угостителски објект. Меѓу другото, уште од почетокот покрај менито ја направил и книгата за пофалби и поплаки. Една таква книга може да биде корисна за газда што ретко влегува во своето кајфуле, но конкретниов случај книгата за пофалби и поплаки на Иван Володимирович не можела да му каже ништо повеќе од тоа што самиот го забележувал седејќи секоја вечер со гости што се повторуваат. Затоа и проверувал што ги весели и што ги нервира гостите само првиот месец. Освен неколку афоризми, еден виц, две-три вистински пофалби за Гаргара, не нашол ништо друго. Потоа, како сега кога отвораш на интернет некоја веб-страна некое време, а потоа сфаќаш дека темпото на актуализација е пребавно, па престануваш да ја посетуваш, така и Иван Володимирович престанал да ја отвора книгата за пофалби и поплаки. – Овде Генадиј направи мала пауза продлабочувајќи ги брчките на десниот образ во лукава насмевка, со гордост на старец кој се разбира од интернет. – Кога ја отворил пак по три месеци, била испишана речиси целосно. Покрај глупавите афоризми и забелешки дека некој некого сака, дека некој бил тука, дека келнерката не се насмевнала или дека келнерката има убави атрибути, јасно се забележувале два ракописи кои исполнувале деведесет насто од целата книга. Било очигледно дека двајца од гостите имале посебна потреба да ја раскажат својата или нечија животна приказна. Пишувањето е еден вид гаргара на душата.

Иван Володимирович живо се заинтересирал за напишаното. Веднаш знаел дека тоа не се ни пофалби ни поплаки за сервисот во Гаргара. Тоа биле две нарации, два животни патишта раскажани на два различни јазици. По кратко разгледување заклучил дека текстовите напишани на руски ги пишувала жена. Другите текстови биле напишани на чешки или на словачки. Ова го заклучил Иван по цртичките кои значат должина – ги има во чешкиот, словачкиот и унгарскиот, но овде тоа бил словенски јазик.

АвторИгор Станојоски
2018-12-19T13:01:17+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 101-102|