Време на лаги (Табу I)

/, Литература, Блесок бр. 77-79/Време на лаги (Табу I)

Време на лаги (Табу I)

Извадок од романот

I. Пандорината кутија

Парализиран, со прелом на ’рбетот и со внатрешни повреди, лежеше под шаторското крило на полската болница. Еден прилично несмасен, приучен болничар со тенки мустачиња на тркалезното лице се обидуваше во устата да му влее лимонада – да, баш лимонада, и тоа веројатно на истиот начин на кој некогаш потпоручникот Џон Полард го поел адмиралот Нелсон после битката со Французите. Поради тешката состојба во која пациентот се наоѓаше, вкусот на зашеќерена вода со неколку капки сок од наполу скапаниот лимон не можеше да допре подалеку од кожата на усните на воениот капетан Питер Маер и се враќаше низ неговата брада помешан со крв.
Зошто желбите на хероите на умирање се толку приземни, толку проклето типични во својата плитка патетика, баш како тие луѓе во последен момент да се обидуваат, преку некоја навидум споредна дреболија каква што е лимонадата на адмиралот Нелсон, да остварат врска со загубените идеали, да ја добијат конечната потврда за она што се случило? Тие добро знаат – иако тоа знаење доаѓа предоцна – дека во секоја цел која е остварена со нивна помош и запечатена со нивната крв има точно толку горделиво чувство на победа колку што собира во кусиот миг кога под петицата на војничката чизма пукнува лушпест оклоп, а ѓонот се валка со сивозелената утроба на бубашвабата. Длабоко во себе – некаде во цревата, а не во срцето – тие чувствуваат дека сè што со нивна помош ја постигнало целта, на некој чуден начин успеало да ја утне намерата. Очите на доктор Виктор Тауск се наполнија со солзи: наспроти сè, им се восхитуваше на луѓето како Питер Маер.
Однадвор се слушаше слаб топовски оган. Сè уште при свест, Питер го замоли докторот, ако има повеќе среќа од него, да отиде во Полах, убаво мало место покрај езерото Фушл во Штаерска, и лично на неговата свршеница да ѝ предаде предмет кој многу ќе ѝ значи. Воениот капетан Питер Маер беше практично пресечен на нивото на вториот и третиот грбен пршлен со шрапнел долг колку нож. Парчето железо кое му се беше забило во ’рбетот беше подолго, потешко и помасивно од обично сечиво со какво се реже леб.
Со прегледот на трупот установени се многу нагласени грчеви во колената. На уштип од внатрешната страна на бедрото, ногата на пациентот потполно се испружи, а настапи рефлексно празнење на меурот и цревата. Жалиме – пишуваше на крајот на медицинскиот извештај кој го потпиша Виктор Тауск – што околностите не допуштија да се истражи плантарниот рефлекс и зглобниот клонус.
Меѓу работите на Питер, докторот лесно го најде предметот кој требаше да ѝ го однесе на Кристина Егер во Полах. Беше тоа малечка метална кутија без украси која не изгледаше сосем како кутија за накит и на прв поглед не беше јасно за што служи, но очигледно во неа имаше драг спомен. Не можеше да одолее: го отвори поклопецот. Внатре имаше плочка во која како шари беа втиснати ситни меандри, метални цртички и точкички не поголеми од врв на игла. Тоа што го виде беше попрецизно од механизам на часовник, но сосема сигурно не му припаѓаше на часовник.

* * *

„Каде го најде тој податок?“ праша Твртко, со израз на лицето кој вешто имитираше незаинтересираност. Двајцата бевме фасцинирани со животната приказна на Виктор Тауск и одлучивме да ја истражиме, секој на свој начин. А почна вака: тргнав со воз во Виена и, како и секогаш, ги купив сите дневни весници. Помеѓу главите на политичарите и колумнистите осамна големото, округло, озарено лице на пријателот кој таа година славеше во сребро заокружена годишнина од работата, и кој, да не е страстен истражувач, ќе беше научник. Додека читам, не можам да ја сопрам смеата – тој е како вљубен младич – сферите на здодевноста им ги препушта на универзитетските професори, а самиот не успева да ја прикрие опседнатоста. Твртковата нарав е сета од пасија, секое прашање вешто го води кон она кое моментно го преокупира, а понекогаш и несвесно го вметнува името на својата нова „љубов“, па пред новинарот, за јавноста која во неславните поглавја на домашната историја и пречесто има докажано колку лесно се одушевува од никаквеци и како уште полесно ги заборава своите херои, мојот пријател конечно ги отвора картите. Вели, има интересни теми за кои би требало да се пишува, и луѓе кои останале непознати и покрај тоа што за нив божем се знае.
„А најмалку од сè се знае што сториле за нашата средина“, вели тој.
Зошто се некои заслужни, генијални духови осудени на тивок, маќејски презир на историјата, на ретки блесоци интерес кои може кај луѓето какви што сме јас и Твртко да ги разбуди нивната нетипична судбина, на искри очајно препознавање кое во миг го проголтува мрак – откако само со куса цикцак линија опишале пат на еден сјаен ум – па се чини дека и сеќавањето на тој ум е само потврда на отсуството, исчезнување на уште едно залудно напишано име од црната плоча на локалното небо?
Можеби Твртко – со залогот на повеќегодишното затворско искуство во текот на кое не само што не го загуби интересот за појавните облици на животот туку и нему природената љубопитност се засили до граници на издржливост, а социјалната проникливост стана остра како нож – можеби тој би можел подобро да ги објасни причините, да ни каже од која материја е направен тој универзален бришач со кој малите средини со тек на време успеваат од својот круг да ги исклучат неподобните величини, истите оние величини на кои, иако додека живи во странските градови биле високо вреднувани, во метрополите на „универзалниот“ дух одеднаш им се губи секој траг. Се случува тоа зашто тие доаѓаат „однекаде“ и кога ќе умрат, истиот оној квалитет кој додека биле живи ги правел вредни за интерес, врз основ на кој се чинело дека се граѓани на свет поширок од овчото трло на идиличната висорамнина во родниот крај, тој нивен квалитет повеќе нема кој да го брани.
„Во чие име делувале? Чии се, всушност, тие луѓе? Од каде дошле? Кому му припаѓа нивното дело?“ И на крајот – „Му треба ли некому нивното дело?“ – тоа стануваат клучните прашања на кои се сведуваат говорите на гробот.
„Оплакувањето странци е призор во кој недостасува мајката; проклетата мајка родна земја“, велам јас.
„Секако, ти знаеш како се убил; дозна како точно се убил?“ прашува Твртко.
Дознав, нормално, и сега не можам да престанам да го замислувам призорот на неговото самоубиство.
Среде масата стоеше шише сливова, а тука имаше и цигари, и сланина. Виктор ѝ напиша на најмладата сестра Нада: „Фала за потсетувањето на непцата на стариот крај“, ги запечати ковертите со уште неколку убаво срочени писма какви што секогаш составуваше кога ќе го обземеше немир сличен на грижа на совест, а потоа се зафати со работа врз макотрпното препишување на имотот. Инфлацијата беше обезвреднила речиси сè што поседуваше. Можеби само не книгите, мислеше. Нив секако треба да ги вклучи во инвентарот на бесмисленоста. Во колку кутии ќе ги собере кога ќе ги спакуваат и однесат? Дваесет? Помалку. Книгите остануваат. Па макар и во кутии. За иднината.
Кога заврши со работата, го зеде офицерскиот пиштол од фиоката на долниот дел од масата, стана, ги рашири завесите и фрли поглед на улицата. Во кусото затишје после бучно пробдеаната ноќ, малку пред будењето во нов работен ден, Виенчаните спиеја. Спиеја и гулабите помеѓу покривните греди на таванскиот стан наспроти неговата зграда. Нанишани во мракот на тивкиот гулабарник. Преку лицето му првна детска насмевка и веднаш потоа исчезна испеглана со тапа рамнодушност. Беше угодно пред зора тоа лето, околу четири часот наутро, во четврток на 3 јули 1919 г. Улицата беше влажна: ноќта накусо падна дожд. Направи јазол од јажето за повлекување на завесата, го затегна околу вратот, се качи на прозорецот, го потпре пиштолот врз слепоочницата и испука. Истурениот товар на Викторовиот мозок, конечно ослободен од зададениот склоп мисли, го остави зад себе, на тепихот, завесата и прозорот, материјалниот траг на неговата последна, можеби и единствена слободна одлука. Тргањето на наполу разнесената глава го повлече телото и тоа со сета тежина се обеси. Доктор Тауск, во прошталната порака намената за доктор Фројд, самоубиството го нарече „најздрав чин“ во својот „безуспешен“ живот.
А можеше тоа да биде ден по ништо различен од другите; едвај нешто потипичен од типичен трети јули во животната рутина на д-р Виктор Тауск! Тој во раното попладне тргна во кројачката работилница да го подигне костумот за венчавање, а ни самиот не беше свесен колку е всушност депресивен, колку всушност сè му е сеедно. Помисли дека оди како стар коњ кој на слепо го пронаоѓа патот до шталата, забележа како забрзаниот, деловен ритам на неговите чекори се одвојува од неговата волја. Насочени кон целта, самодоволни, дури би можело да се каже и самодопадливи, Викторовите нозе итаа кон кројачницата, и сосем неочекувано ѝ оставаа на неговата уморна душа простор за неврзано скитање, некаде покрај или над машинската спрега на телото, некаде на бледосиното небо над австриската престолнина, каде што ветрот ги шибаше ситните бели облаци кои ги викаат овчички и се обидуваше да ги напика в ќош. На Виктор му недостасуваше родната грутка; мирисот на земјата која, во миговите на слабост и поднапиен сентимент, можеше да ја нарече своја. Дали згреши што се врати во Виена? Не, немаше друго: мораше да се врати. Дали згреши што ја остави Коса, после немата кавга во која не можеше да искаже што чувствува. Коса Лазаревиќ знаеше подобро од него што му треба, што сака и што го мачи. Не мораше ништо да каже. Таа знаеше, и беше доволно да замине после жестокиот секс во кој секое негово навидум страсно, до грубост пренагласено движење очајнички го прикриваше заситувањето. Не беше тоа заситување со Косиното тело, туку со градот. Не го сакаше Белград. Заправо, повеќе не беше во состојба да одреди што сака, а што не сака и кога едно престанува, а друго почнува да посакува. Ја сака ли тој сега Хилда? Дали ја остави Коса Лазаревиќ поради Хилда Леве? Или сè уште ја сака Коса, ако некогаш воопшто ја сакал? Има ли во 1919 година некој воопшто морално право да го постави за себе или за другите прашањето: што е воопшто љубовта? Што е таа денес? Таусковото духовно лебдење го приземји ненадејната, како тег тешка помисла на непријатниот крај на лечењето на пациентката која во своите списи ја бележеше со името и првата буква од презимето: Наталија А. Мислеше дека последната во низата на неговите тешко заболени пациентки, триесетгодишната жена со латвиско потекло, бившата студентка по филозофија, иако потполно глува како последица на болеста која је прележала во раната младост, има сериозен проблем со „границите на егото“.
Во последниот стадиум на болеста, Наталија А. мислеше дека докторот станал дел од машинеријата која управува со нејзините мисли, однесувањето, менструалниот циклус, со сите физиолошки активности и со сексуалните желби. Тврдеше дека се работи за забранета машина направена во Берлин и дека таа е избрана, со уште неколкумина луѓе, како опитно глувче за експериментално испитување на таа машина. Кога дозна за докторовото самоубиство, донекаде го ублажи мислењето за него, ѝ стана одеднаш жал, сè ѝ се разбистри. Втрча во зградата на полициската управа и пружи парче хартија на кое пишуваше дека бара аудиенција кај господинот шеф на полицијата во врска со смртта на доктор Виктор Тауск, нејзиниот лекар. Пред неа излезе службеник кој се претстави како инспектор и ѝ понуди да седне. Таа сосем добро читаше од усни, и во принцип можеше да зборува, но не сакаше и веќе долго се разбираше исклучиво со пишување. Во полицијата првпат после многу години ја отвори устата. Од една зачудувачка, до болка грда гримаса која ѝ го зафати целото лице, успеа да произведе глас. Беше тоа еднакво на чудо. Како да попуштил синџирот со кој ѝ бил врзан јазикот, таа прозборе во буица од грлести тонови:
„Го убиле. Тоа е нивно дело. Зашто не сакашe да колаборира. Го убиле подло, така да личи на самоубиство. Јас сè за тоа знам. Мене прашајте ме. Тој во суштина беше добар човек“, рече возбудено. Необичниот начин на кој таа ги артикулираше зборовите полицискиот службеник му го припиша на фактот дека Наталија, како странец, се чинеше Словенка, не знае доволно добро германски.
„Морале. Тие морале да го… Кога повеќе не можел да го поднесе товарот на совеста, кога видел каде води сето тоа, мислам, тоа управување со луѓе, таа машинерија на смртта…“ – извади шамиче и ги избриша солзите – „тогаш сакал да се извлече од сè. Но тоа повеќе не било изводливо: премногу знаел и тие морале да го. Да, јас тоа можам да го посведочам… морале да го… зашто и мене се обидоа да ми го направат истото. Прво ми го одзедоа слухот, и гласот, и месечниот циклус, потоа почнаа да ми шепотат да се убијам… по цела ноќ, цел ден, со години. Со години ми трубеа директно в мозок: Наталија, ти сега мораш да земеш нож. Наталија, оди во кујната и земи нож. Да земеш нож. Да земеш нож, да земеш нож…“
Гласот ѝ стануваше сè попродорен. Викна: „Нооож“, го дофати моливот на масата и почна со сета сила да си го боде горниот дел од дланката. Беа потребни дури двајца полицајци за да ја совладаат и да ја изнесат надвор. На улица навидум се смири, се согласи да ја придружат до дома, а потоа нагло се оттргна од нивните раце и безглаво потрча во правец на пазарот, каде што се загуби во толпата.
Шизофрената машина која ја тераше Наталија во трк како кучка која трча во круг по сопствениот опаш не му припаѓаше само на нејзиното лудило. Беше заедничка сопственост на имагинацијата на една посебна класа луѓе кои општеството ги беше напикало на работ од заедницата како психотичари и опасни лудаци. Она што беше посебно во врска со таа измислена машинерија го натера Виктор Тауск да застане во истражувањето за да размисли за можен логички одговор: технологијата на машината и основниот принцип со помош на кој функционираше беа слични, речиси идентични во сите описи на неговите и туѓите пациенти, независно од нивната возраст, образовниот статус или полот. Го прибележа следното:
„Шизофрената машина за наведување е апарат со мистична природа. Пациентите се во можност да пружат само магловити назнаки за неговата конструкција. Се состои од кутии, рачки, лостови за управување, копчиња, жици, батерии и слични делови. Пациентите се трудат да ја откријат конструкцијата на тој апарат со помош на техничките знаења кои ги поседуваат, а се чини дека со сè поголемата популаризација на науката, доаѓаат во прилика да ги искористат познатите технолошки принципи за да го објаснат начинот на кој машината функционира. Како и да е, сите досегашни откритија на човечкиот род како да не се доволни за да се опишат зачудувачките перформанси на таа машинерија за која сите пациенти тврдат дека ги прогонува.“
Машината произведува слики споредливи со магичната лантерна или кинематографот, во еден план, баш како да се проектирани. Пациентите велат дека им всадува во умот и по потреба им намалува мисли и чувства преку бранови или зрачење со мистериозно потекло кое тие, со своето ограничено знаење на физиката, не се во состојба да го објаснат. Обично говорат за „сугестивен апарат“ чија конструкција не знаат точно да ја опишат, но затоа сите до еден ја именуваат истата темелна функција на машината: пренос на мисли и чувства од една страна и нивно „вшмукување“ од друга страна, при што се споменува еден или повеќе иследници кои управуваат со машината. Апаратот на нивното лудило произведува моторички телесни феномени, влијае на ерекцијата и на исфрлањето сперма, поради што пациентите тврдат дека е наменета за исцедување на нивната сила, намерно заморување и слабеење. Притоа спомнуваат различни бранови преку кои сугестијата се пренесува: воздушни, електрични, магнетни, радиобранови и некои други облици на бранови за кои читале, или за кои во свое време сè уште не можеле да дознаат зашто се откриени дури после нивната смрт. Феномените кои во нив машината за наведување на мислите ги побудува понекогаш и ним самите им се недофатливи и туѓи, како и да не се работи за нивното сопствено тело, како границите на нивниот човечки идентитет да напукнале и оставиле на површината да исплива грозен, механички туѓинец, странец кој сето време спиел во нив и чекал прилика да ја преземе власта.
Баш како и кај останатите шизофреничари со кои Виктор се занимаваше, и Наталиниот идентитет беше нестабилен, до крајност пропустлив; можеше да се меси како тесто направено од брашно смелено од трици од сите можни животни сензации, настани и попатни средби, и дека, баш затоа Виктор мислеше дека постои слаба, теориска шанса тој како психотерапевт да ѝ помогне да ја воспостави нормалната човечка способност за одвојување на внатрешниот свет од надворешната стварност, па макар ѝ „позајмил“ малку од својата сила, малку од своето „јас“. Фројд со тоа никогаш не би се сложил. Виктор, кој чувствуваше отпор кон фигурата на Великиот Учител, никогаш не ја загуби почитта кон него; Сигмундовиот татковски авторитет ги надминуваше дури и разочарувањето и силната повреденост која Тауск ги почувствува кога Фројд студено одби лично да го анализира, и едноставно ѝ го додели на неискусната Хелен Дојч, која на „кругот на посветените“ му припаѓаше едвај неполни две години. Како кругот на следбениците на Великиот Учител инцестуозно да се истроши во сеансите на меѓусебно анализирање, и наместо да се збогатува со размена на идеи, ја празнеше креативната енергија и го губеше ефектот во едноставниот механизам на воспоставување и уривање авторитети, во баналниот сплет на професионалната љубомора и личната несигурност, на болната, нездравата потреба туѓата внатрешност рутински да се отвори и сопствената храбро да се понуди на отворање, како една од оние први конзерви супа од домат кои тогаш сè уште не се отвораа со клуч, туку се пробиваа со нож. На ножот секогаш остануваше малку крваво-црвена содржина; како на оној обичниот, така и на оној психоаналитичкиот, наменет за отворање души. Крваво црвената содржина која со столетија била конзервирана во нашите потполно уморни души повеќе не се прелева преку работ и не остава траг врз острицата која нè ранила: технологијата ни донесе клучеви за разни нешта.
Како страшно се лажат оние кои мислат дека начинот на кој ние луѓето се спознаваме самите себе е девствено чист и независен од напредокот на технологијата. Тоа што резултатите до кои доаѓаме при сецирањето на сопствените тела, мозоци и чувства во сите времиња се подеднакво поразителни, заправо безнадежно тажни – тоа ништо навистина не менува – технологијата ѝ помага на човечката потреба за самозалажување да дојде до израз, да се усоврши, забележа Тауск. Конечното спознавање на човековото место во семирот ќе биде во потполност ускладено со новата технологија на смртта. Таа ќе ни помогне да не ја гледаме крвта. Којзнае, можеби во последната војна од нашата иднина ќе се умира од оружје кое не убива, од машина за наведување мисли, пишуваше во неговите белешки кон случајот на Наталија А.

* * *

Систематичноста на Викторовиот чин – зашто тој истовремено и се застрелал и се обесил – сведочеше за потполната верба во ништожноста. Тоа било повеќе од разочарување, многу повеќе од конечно откажување. Не престанува да ме чуди педантеријата во изведбата на страшниот чин. Причините можат да бидат различни, но едно е сигурно: тој човек не се двоумел. Не поднесувал случајност. Не бил колеблив самоубиец. Не бил од оние кои со последниот крик откриваат дека се премислиле и посакуваат да повикаат „Помош!“, но за тоа повеќе немаат време. Не бил ни беден театрален излагач на сопственото страдање кој ја режира можноста за спас во последен миг.
„Кој всушност бил Виктор Тауск?“ е прашање на кое се обидуваме да одговориме мојот пријател Твртко и јас. Него го интересира животот. Сака да открие:
„За што живеел тој човек?“
Го интересираат неговите мотиви, придвижувачките сили кои влијаеле на неговите постапки, животните заплети. Моето поаѓалиште е инакво. Мене, за почеток, ме интересира неговата смрт. Се прашувам едноставно:
„Чуму? Чуму баш така?“

* * *

Сигмунд Фројд се возел со воз, од Дубровник, како што самиот вели, „со некој непознат човек“ кон „одредиште во Херцеговина“, и патем тој и неговиот случаен сопатник – многу млад, но исклучително култивиран и, би можело да се рече, веќе прилично добро образуван младич – го скратувале времето со разговор за Италија и прекрасните медитерански гратчиња кои неодминливо треба да се посетат. Му препорачал на странецот да отиде во Орвието и таму да ги погледне фреските. Ама чекај, како ли се викаше авторот на фреските? Уметниковото име на Сигмунд му било на врвот на јазикот, и сешто му паѓало на ум – и Ботичели и Болтрафио – но никако да се досети на вистинското име. Како што тоа обично се случува, разговорот течел понатаму, но него и понатаму го мачело она на кое не можел да се сети, и колку повеќе го напнувал мозокот, текот на асоцијации сè повеќе го заведувал на крив пат.
Малку после разговорот за Италија, почнал разговор за обичаите на босанските муслимани. Фројд на младичот му раскажал како некој колега, лекар со пракса во тие краишта, му ги опишал овдешните луѓе кои, за европски стандарди, имаат многу необичен пристап кон докторскиот авторитет; на лицето им е напишана апсолутна резигнација и согласување со судбината, иако на својот лекар му укажуваат потполна доверба. Верата во касметот, она што и како им го одредила судбината, не ги спречува при одлуката да го посетат докторот. Ако на роднините на болниот им кажете дека повеќе ништо не може да се преземе, ќе одговорат:
„Ех, господине, што да Ви кажам? Да можел уште малку да поживее, Вие сигурно ќе го спасевте!“

* * *

Негде на пат од Далмација кон Херцеговина, 1898 година, се случила таа, би се рекло потполно неважна, средба помеѓу Фројд и еден сосем обичен, иако пристоен и маркантен младич кој одлично зборувал германски. Младичот бил до таа мера фасциниран со авторитативната појава на својот сопатник што не успевал во разговорот да го наметне дури ни она што подобро од него го знаел, а ја познавал психологијата на тукашните луѓе како самиот себеси, зашто, иако со еврејско потекло и роден во Словачка, целото свое детство го минал во Сараево. Бил тоа младиот Виктор.

* * *

„Тоа си го измислила. Признај“, вели Твртко.

* * *

Во следниот податок не треба да се сомнева: Фројд истата таа година во Месечник за психијатрија и неврологија го објавил написот „За психичките механизми на заборавот“. Попатната, површна средба со еден младич, при тоа и потполн странец, останала забележена само затоа што славниот психоаналитичар решил да ги истражи причините на честите заборавања на имињата кои инаку добро ги знаеме, при што обидот да се потсетиме по правило нè заплеткува во мрежа на сè поголема и поголема забуна. Во тој напис Фројд го запишал сложениот механизам на блокирање на дел од информациите на меѓата помеѓу свесното и несвесното, и врз основа на сопственото искуство се обидел да ги расчлени сите токови на асоцијации врзани за имињата на луѓето и местата споменати во разговорот со случајниот сопатник. Ги разбил зборовите како Сињорели (зашто тоа било името на заборавениот мајстор на фреско-сликарството) на италијанското Сињор и го споил со германското Хер од германскиот превод на онаа реченица во која роднината на Босанецот на умирање слегнува со рамениците и му ја простува на лекарот немоќта со резигнирана забелешка – Што да се прави, драг господине! Спасот и така е во рацете на Господинот Татко, Алах, или кој веќе, помислил Фројд заедно со Босанецот од анегдотата.
Да, треба уште да се спомене дека германското Herr со звукот се споило со Хер од почетокот на зборот Херцеговина. На таа бизарна асоцијативна низа, големиот психоаналитичар ја додал и играта со првиот слог „бо“ од Босна, кој се појавува и на почетокот на имињата на уметниците кои му паѓале на памет додека безуспешно се обидувал да се сети на името на Сињорели. Во Фројдовиот механизам на заборавот се создала тајна врска помеѓу привидно неспоивото: Босна, Ботичели и Болтрафио создале волшебно тројство, а Фројд повторно се фатил за лингвистичкиот нож. Отсекол дел од уште едно име: од Бол-трафио останало само „трафио“, при што таткото на психоанализата дополнително, додека го реконструирал настанот, го пробола стрела на самообвинувачка болка – се сетил дека таа 1898 година, токму на денот кога се подготвувал за пат кон Босна, примил вест дека негов пациент извршил самоубиство. Дознал за тој настан во местото кое се викало Трафои. Лекарот длабоко во себе посакал да ја потисне мислата на неуспехот на терапијата која тој негов пациент, кој бил човек со бурни и неразрешливи сексуални пориви, наместо да го излечи, го повлекла во смрт. Запишал:
„Несвесно заборавав едно, додека свесно се обидував да заборавам друго. Додека мојата одбојност кон сеќавањето беше насочена кон содржината на една идеја, мојата немоќ да се присетам се појави во потполно поинаков контекст.“

* * *

„Тешко дека Фројд во блискиот соработник Тауск би го препознал младичот од возот, но Виктор таква средба сигурно би помнел. Би му кажал на Фројд. Би го потсетил.“
„Сигурен ли си дека би го потсетил?“ му противречам на Твртко.

* * *

На крајот од текстот за механизмите на заборавот, Фројд заклучил дека, иако понекогаш забораваме имиња од едноставни причини, понекогаш ги забораваме и од причини кои се мотивирани од потсвесно потиснување.
Во односот на Виктор и Сигмунд многу нешто останало неразјаснето; нешто било потиснато во темнината на потсвеста, а нешто е засекогаш избришано, и тоа не само од Фројдовото сеќавање туку и од она подолгото, историско паметење. Првата „вистинска“ средба меѓу нив двајца се случила многу подоцна – во есента 1908 година – и тоа такаречи по забуна, на начин кој би бил необичен дури и како детаљ од роман. Во обете верзии на првата средба помеѓу Виктор и Сигмунд, онаа можната и онаа со писма документирана, има точно толку случајност колку што ја има во идејата за касметот, или малку помалку – онолку случајност колку што собира во еден кус и скептичен блесок во окото на европски интелектуалец. Додека ѝ се потсмева на резигнацијата со која источникот ја прифаќа и најтешката судбина, западњакот не успева до крај да ја прикрие фасцинацијата. Иако не е во состојба да ја прифати идејата за касметот, тоа одушевување кон туѓата, застрашувачка идеја за спокојното прифаќање на судбината, дури и кога е втемелено врз делумно неразбирање, остава неизбришлива трага во западниот интелектуалец, особено кај оној кој, како Виктор Тауск, од раната доба бил изложен на фронтални судири на различни верски и културни наследства, но и на чудовишни споеви на неспоиви традиции кои кулминираат со атеизам.
Интервенцијата во текот на судбината, а во крајна консеквенција и самоубиството е една од таквите интервенции, за луѓето каков што бил Тауск станува нужност и природно решение, единствен рационален избор на човекот кој не сака да биде машина за наведување. Иако целиот живот го поминал во борба против разновидни облици на манипулација: од манипулација со чувства и наметнување систем на вредности во традиционалното семејно воспитание, преку хипокризијата на љубовните и пријателските односи, манипулацијата со патриотизмот и идеите во науката, до средбата со сè подобро организираниот механизам за наведување на масите во колективното лудило на политиката – Виктор ненадејно сфаќа дека не успеал да биде среќен, а уште помалку слободен.
Лу Саломе, Таусковата краткотрајна, но страсна љубовница, всушност заедничка љубов на Виктор и Сигмунд, го прима Фројдовото писмо со веста дека Виктор се убил. Фројд ја известува предоцна, дури неколку месеци после Викторовиот погреб. Ѝ пишува од емоционална дистанца која не покажува премногу чувства на блискост со мртвиот пријател, можеби едвај со мала добро скриена машка љубомора потсмирена со сознанието дека Виктор, „животното на страста“, е конечно мртов:
Кутриот Тауск, чие пријателство во еден период беше многу силно, извршил самоубиство на многу радикален начин. Се врати уморен, со мисла за стравотиите на војната, можеше да се види како во Виена се обидува да закрепне во неповолно егзистенцијални околности кои беа предизвикани од враќањето на трупите од боиштето. Се обиде во својот живот да воведе нова жена, требаше со неа да се венча за осум дена… но решил поинаку. Потресни се неговите проштални писма упатени до свршеницата, до првата жена и до мене; сведочат за неговата потполна луцидност, не обвинуваат никого, освен што упатуваат на неговата сопствена недоволност и на фрустрирачкиот живот, и поради тоа не фрлаат светло врз самиот чин.

* * *

Баш како војната за сè да била виновна – или помалку самата војна, а повеќе повоеното губење на илузиите! Барем така му се чинело на Фројд, а можеби тоа бил најлесниот начин во јавноста да се протолкува Викторовиот трагичен случај.
Фројд донекаде бил во право, иако Виктор знаеше како да излезе на крај со воените трауми – како со туѓите, така и со сопствените. Како лекар од фронтот – немаше време да размислува. Неговиот интелект, со сите мозочни капацитети насочен кон помагање на унесреќените, немаше време за емоционални испади. Треморот на шокираните од топовскиот трескот и крајната нервна напнатост која со тие кутри ја делеше – беше само тема за психолошка анализа и, неколку години подоцна, за академска расправа. Да беше било поинаку, можеби Виктор ќе се убиел веќе во август 1915-та, или на некој друг начин ќе се обидел да побегне од воениот апсурд. Во секој случај – се врати со нарушено здравје, но жив од боиштето. Во Белград, на 3 март 1917-та, на Деветтиот семинар на офицери од медицинската струка конечно доби прилика да ги изложи забелешките за психологијата на дезертерите. Со двојно знаење: на доктор по право и на лекар од првата линија на боиштето, не без гордост на откривач, се потруди да ги дефинира типовите воени бегалци. Сепак, додека смирено пред медицинарите и воените стручњаци го разлагаше проблемот на дезертерството, длабоко во себе ја потиснуваше непријатноста и страшното чувство дека против своја волја бил принуден и понатаму е принуден да учествува во неморална работа, дека зел учество и дека и понатаму зема учество во апсурдната суровост која не може да ја спречи, прво, затоа што не е во позиција да реагира, второ, затоа што беше опасно осамен во своите ставови, и трето, поради тоа што не поседуваше соодветна моќ на убедување. Виктор располагаше со знаење, памет и интуиција; беше привлечен, дури и убав маж, пленеше внимание и на многу начини предизвикуваше љубомора, но – за разлика од својот голем урнек Фројд – тој немаше харизма. Доколку Виктор по некоја случајност не беше лекар, туку пророк, ќе беше како Касандра – никој немаше да му верува. Најтешкиот миг во врска со војната не се случи во воениот виор, туку на суд кога беше еден во поротата која требаше да пресуди дали некои млади, исплашени луѓе кои на глупав начин се обиделе да ја ескивираат воената должност се криви или не. А однапред се знаеше дека – какви било аргументи да се изнесат – психолошки, правни, лекарски, или едноставно човечки – тие кутрите ќе завршат пред стрелечки вод. Беше надгласан, а најлошото од сè се случи кога Виктор околностите го доведоа во прилика со скалпел да засече во мозокот на погубен воен дезертер. Човекот во чиј мозок засече беше бил негов пациент. Викторовиот скалпел го допре просторот на апсолутната бесмисленост, и како сета оностраност да се сведе на тој апсурд поткрепен со гротескниот, изопачен, потполно залуден чин на академска љубопитност. Тајната која при сецирањето на мозок на дезертерот пред него се отвори, секако, не беше одредлива со параметрите на науката. Повеќе наликуваше на Пандорината кутија.

Автор: Сибила Петлевски
Превод од хрватски: Игор Исаковски

2023-06-07T21:36:03+00:00 август 1st, 2011|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 77-79|