Врелина

Врелина

Рамномерното биење на оддалеченото црковно ѕвоно ја вознемирија тишината што до тој миг владееше во станот. Старицата го крена погледот од книгата што ја читаше и се загледа во небото без ниедно облаче. Стариот часовник означуваше пладне и таа си помисли дека би можела да појде на прошетка. Ја положи книгата на масичката пренатрупана со лекови, трошки од бисквити и со нејзиниот накит од сребро и килибар, а потоа со напор стана и се упати кон излезот.
Штом зачекори на улицата, застана. Сонцето беше толку силно што ги затвори очите. Видното поле за миг ѝ се исполни со блескаво црвено јадро, кое ту се приближуваше, ту се оддалечуваше, пулсирајќи во свој ритам, а потоа се повлече. „Јулската жега во овој град знае да претера“, заклучи во себе и продолжи да оди кон кејот.
Шеталиштето беше празно. Освен неколку велосипедисти, немаше никој друг на патеката. Полека чекореше по познатиот пат, лизгајќи го погледот по опуштените гранки на врбите, по листовите на тополите што леко трепереа носени од едвај сетните воздушни струи, па по румената крошна на дрвото чие име не успеа го открие. Вито и гордо – барем така ѝ изгледаше – ова дрво се издигаше над околното густо зеленило, стремејќи се кон височината и дарежливо нудејќи му го на сонцето своето лисје со несекојдневна, кадифена боја.
Вниманието ѝ го привлече и широкото стебло од десната страна на патот. Му пријде, ја испружи дланката и ја допре грубата кора, воодушевувајќи се на напнатите линии, кривулестите бразди и огромните јазли што се протегаа до високата крошна. Постојано и мирно, тоа ширеше спокој и ведрина околу себе. Слаба насмевка го осветли нејзиното овенато, но сè уште убаво лице.
Старицата ја држеше раката на стеблото десетина секунди, па продолжи понатаму.
Воздухот беше густ од влага и го отежнуваше дишењето. Посматрајќи ја треперливата игра на сенките на земјата, одеднаш ѝ се причини дека се движи во простор што постои сам за себе. Издвоен. И посебен. Како да талка, си мислеше, низ свет што само личи на оној стариот, добро познатиот. А е всушност друг. Налик на сон. Или привидение.
Темна сенка прелета преку очите на старицата со боја на лешник. Не беше сигурна дали ова ново, но старо чувство изникна од сончевата сенка во која беше обвиткана тука на кејот, или од долгите самотни часови во станот. Затекната во вакви мисли, се закашла и на лицето ѝ се појави некоја необична тврдост.
Со погледот ги побара двете диви патки. Кога ги виде, од џебот извади ќесе со јачмен и го испразни. Овие патки ги хранеше цело лето, уживајќи во нивната лакомост и прекрасна боја на перјата. Во тој миг ја набљудуваше темнозелената глава, светлосивиот стомак и кафеавите гради на поголемата птица. Кога последното зрно им исчезна во жолтите клунови, се сврти и се упати кон своето омилено место.
Ѝ пријде на реката, со напор се наведна и седна. Врз матната зелена површина играше витата контура на мостот. Се слушаше и уедначено свирење на штурец. Неколку светлосни дамки танцуваа околу нејзините отечени нозе – Сонцето, горе, се пробиваше низ крошната на разгранетото дрво.
Кога една гранка, која паднала којзнае каде и кога, бавно исплови по средината на реката, одеднаш се присети на зборовите што некогаш одамна, пред повеќе од половина век, ги прочита. „Водата на реката што минува прва доаѓа и последна заминува“, пишуваше ефешанинот Хераклит. Дури сега сфаќа што порачувал мудриот Грк, си помисли отсутно спуштајќи го прерано паднатиот лист во водата. Го гледаше како некое време се бори со силните водни струи, па се губи од нејзиното видно поле. И жолтото лисје исчезнува во маглата на заборавот, промрмори и едвај забележливо кимна со главата.
Кога стана и полека тргна да се враќа, забележа младо момче што црта графит на високиот ѕид кренат долж целиот кеј. Момчето со спреј нанесуваше сребрена боја, а потоа се оддалечи еден чекор, и накривувајќи ја малку главата, опитно го одмеруваше својот труд.
Во текот на годините, момчето врз овој ѕид имаше насликано десетина огромни слики. Неограничен од димензиите и формите, настојуваше на камената подлога да ги пренесе – користејќи буен колорит и фигуративни форми – сопствените идеи и слики од фантазијата. Некои критичари кои се согласија да се спуштат до кејот и да го видат насликаното истакнаа дека тој секогаш истражува нешто посебно и поинакво. Упорно тежнее да отвори нови перспективи во свеста на набљудувачот, нагласуваа други. Како на своите ѕидни слики да го издвојува она што во тој миг се наоѓа во времето. Па тие минливи мигови ги преобличува во трајно доживување.
Во очите на момчето се отсликуваше огромното лице на човек. Со искривена насмевка на крајчињата од усните, непознатиот човек набљудуваше оддалечена бела фигура. Налик на смртта. Момчето му пријде и околу усните додаде тиркизно, истакнувајќи го потсмешливиот став на насликаниот човек кон силуетата. Задоволен со сработеното, уште еднаш со полузатворени очи ја опфати сликата.
Додека момчето го довршуваше графитот, старицата се оддалечуваше по патеката. Туткајќи го врвот од памучната блуза, размислуваше за горчливиот мирис на влагата и тишината што ја чекаше во станот.

Превод: Румена Бужаровска

АвторДрагана Кршенковиќ Брковиќ
2018-08-21T17:20:47+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 92|