Враќање во Балатонсентѓерѓ

/, Литература, Блесок бр. 42/Враќање во Балатонсентѓерѓ

Враќање во Балатонсентѓерѓ

Не е Јакша виновен што жената се вљубила во него му пишувала љубовни писма полни копнеж. Откако заедно го прелиставме снопот уредно средени хартии, се договоривме да ги фрламе. Денес веќе ги нема во нашиот стан, но јас сеедно ги спомнувам. Таа вечер го испрашував додека, потпрени еден на друг, се спуштавме низ стрмните улици на Буда кон валканата трамвајска станица, како е можно некоја жена да се вљуби во некого по само една обична вечера? Повеќе им верував на нејзините патила, отколку на Јакшиното рационално објаснување како на осамените жени не им треба многу да му се препуштат на моменталното чувство. Го молела да ѝ го исполни сонот, велејќи дека сè има во животот, дека е среќна, само уште него да го има. Јас го испраќав на деловни патувања а таа го дочекувала на романтични викенди. Три по ред. Во магливото загребско утро, се враќаше по зимското палто не верувајќи му на пролетното превртливо време. Стигнуваше на Келети исончан. Мојот Јакша – нејзиниот спасител. Следните два пати се работело само за попладневни кафиња. Дури ни навечер не се сретнувале. Нејзините писма раскажуваа за места низводно од градот, каде реката веќе го прима зелениот отсјај на разлистената шума. Се жалеше на неговиот брз ôд, но сè на шега. Уживала да трчка во ритмот кој тој ѝ го задал. Понекогаш пишуваше потполно неважни детали за себе бидејќи мислеше дека му треба разонода од напорната работа. Како ја сака својата кола, како со неа оди во природа, во посета на бабите и дедовците, а секој извадок завршуваше со подеднакво болно страдно воздивнување – те нема, Јакша, зошто не можеш да се одлучиш? Јакша сметаше на мене – јас знам дека тој многу малку зборува за својот живот. Особено на странци. Нему му е неможно да биде близок со кој било освен со мене. Пред да тргне на пат ќе речеше дека му е здодевно, дека мора да се помести, да излезе од секојдневието и да го истражи она што ќе го најде таму каде што ќе замине. Не постоеше цел – ни географска ни духовна. Будимпешта не беше Будимпешта, и Река не беше Река. Се заминуваше поради заминување, се враќаше поради враќањето, поради навраќањето кон самиот себе. Сè помеѓу тоа беше средство за самоспознавање. Колку и да ме болеше тоа. После фрлањето на писмата и последниот телефонски разговор со Река, требаше да се вратиме на старо. Извлекувањето на тема од пајажината на минатото не е нешто кое зрелите луѓе си го прават еден на друг. Дури и на невнимателниот пријател му беше простено што целиот случај во забуна го изнесе пред суд. Игор – не можеше да верува дека такво нешто би се испречило меѓу нас. Понекогаш мислам дека е подобро вистината да не постои. Но кога тоа ќе го кажам на глас, Јакша ме укорува, вистината е релативна работа.
Јакша не е секогаш толку јак. Постојат начини да биде наговорен на нешто кое не го сака, да му се објасни дека она што јас го сакам е она што и тој го сака. Следното утро се разбудивме доцна, замајани од свежиот воздух на будимпештанската шума. Во последен момент фативме неколку резанки кашкавал за појадок и полустуден бокал бело кафе. Унгарската собарка нè гледаше под око. Веќе доцневме со заминувањето. На ненаместениот кревет и со куферот подготвен за заминување, легнав врз Јакшиното долго тело и почнав да му го бакнувам увото. Лежеше мирно. Од панталоните му ја извадив кошулата и почувствував како благо се опира. Знаев дека секој момент од тогаш па натаму го крадеме од некои други гости на унгарскиот пансион. Мојата цврста рака го наговори на послушност. Се насмеа. Рече, добро тогаш. Ме фати за дланката и ми покажа што сум му направила. Што му прави мојата уверлива женственост. Шепна дека ме посакува. Во сите ситуации, на сите кревети, валкано, чисто, безусловно. Ме гледаше додека од под кусото плишано здолниште го извлекував малото парталче во кое се имаше претворено свежиот утрински веш. Не ни даде да се слечеме. Телата, ограничени со испегланите алишта, несмасно се бореа за задоволство. Се бакнувавме незаситно, многу повеќе отколку дома. Жедно ја голтав неговата плунка чиј што вкус полека почнав да го заборавам. Низ главата ми се ширеше бран пријатни микро-бранови. Токму како и остатокот од масата, поверував во митот, не забележувајќи го мигот кога Јакша се појави во мене. Првиот, последниот, вечниот. Си реков тоа да биде она наше обложување од порано. Не се сеќавам веќе ни на прашањето ни на точниот одговор. Но знам дека тој загуби. Мораше во тој случај да ме поебе во возот за Будимпешта. Возот е валкан, се насмеав. Тој се сложи, вака е многу подобро, и цврсто ми ги стегна градите. Ме кршеше под себе. Го крадевме третиот саат на туѓиот ден.
Купето во кое на враќање во Загреб седиме има навлаки на седиштата со необично црвена боја. Не ми се чини лош тој воз. Освен што е зачаден. Јакша секогаш ја почитува мојата чувствителност на тутун и кога патуваме оди во ходиникот. Застанува крај прозорецот и ме гледа од надворешната страна на стаклената врата. На неговата страна од купето, одвоена со средното седиште, седи темнокоса девојка и пали цигара од цигара. Дури и да се разбираме, не верувам дека би прашала дали смее да запали. Не ја препознавам кутијата на цигарите кои ги пуши. Унгарски се. Облечена во црни панталони и волнен црн пуловер, телото ѝ изгледа тенко и слабо. Полека се наведнува нанапред додека го тресе пепелот од цигарата, дури и кога сè уште го нема. Таа положба на нејзиното тело не делува удобно. Повеќе како грч во желудникот. Долгата рамна коса непослушно ѝ паѓа преку рамениците врз лицето. Тоа ѝ пречи. Особено кога некој прамен ќе ѝ се залепи за усните намачкани со седефесто виолетов кармин. Косата така многу бргу се масти. И мене слично ми се случува. Седиштата во возот се изненадувачки удобни, а моето тело е потполно опуштено и лесно. Ми одговара водењето љубов во утрински термини. Или пред долгите патувања кога знам дека со часови ќе бидам здрвена. Јакша отвора книга и се подготвува за една од своите најомилени занимации – читање во воз. Тој не ја забележува девојката во црно. Ниеднаш не погледна на таа страна за да обрне внимание на присуството на уште некој кој го нарушува нашиот романтичен дует. Помеѓу нас нештата сега се решени, минатото е заборавено и ние тргнуваме во нови светли победи. Всушност, не знам зошто јас воопшто гледам во таа чудна девојка. Дури и да не се качеше во возот во Будимпешта, би рекла дека е Унгарка. Има темен, речиси маслинестозелен тен и високи татарски јагодични коски. Коса сјајна, скротена во жив слап. Понекогаш погледнува кон мене, без никакви гестови на комуникација, но повеќето од времето зјапа низ прозорецот додека од лицето не ѝ се симнува насмев на задоволство. Веројатно тоа ми пречи. Зошто е некој постојано задоволен? Зошто некоја Татарка би била задоволна зашто е во исто купе со Јакша и со мене?
Шјофок е последното место низ кое што возот минува пред да почне да го обрабува плиткиот песочен брег на Балатон. Многу пати одовде сме минувале, пред три години. Сите станици на коишто возот застанува крај Балатон во своети име го содржат и името на езерото. Балатон нешто. Никогаш не знаеме колку точно ги има. Ја знаеме само последната, гледано од правец на Будимпешта, или првата кога се тргнува од Загреб. Таму Јакша речиси заглави минатата година. Беше тоа третиот викенд со Река. Кондуктерот го исфрлил од возот бидејќи немал резервација. Пролетта со необична брзина се претворила во лето. Во рамното панонско место температурата достигнала речиси пустинска височина. На улиците немало никого, освен продавачите на сладолед од автомат. Но, тие се потполно бескорисни зашто не зборуваат ниеден странски јазик. Јакша имал евра. Итно му требала менувачница за да го фати возот за Будимпешта кој тргнувал за дваесетина минути. Одел по жешкиот асфалт во правецот кој му го покажале бескорисните сладоледџии, ја пцуел лошата среќа која можеби ќе го спречи да се види со пријателката и да ѝ каже дека тоа е последен пат, дека сè било грешка, таа погрешно го разбрала, лингвистиката е главниот виновник – унгарскиот не спаѓа во индо-европската група јазици. Излетал од зафрлениот хотел во кој се одморале германски пензионери и со купче зелени банкноти во потната дланка потрчал со сета сила кон возот кој веќе ја напуштал станицата. Balatonszentgyörgy – Budapest. За тие делови на приказната знаев сè – за нив смееше да се зборува. За неописливо здодевните туристички пакети на Балатон на кое заминува средноевропската елита. Но, контекстот мораше да се избегнува. Ниту у од унгарското искуство.
Не можев да спијам. Ја набљудував чудната Унгарка како си игра со својот мобилен. Зјапав непристојно, обземена час со нејзиното физичко присуство, час со растечкиот страв да не изгледала слично пријателката на Јакша. Не се ли сега сите Унгарки Јакшини пријателки? Кога таа зборуваше на телефон, се обидував од интонацијата да насетам за што се работи. Не можев. Се чувствував издадена. Можеше за мене да каже дека сум најлоша гадура, дека ја гледам како да сум полудена – можеше да кове заговор против мене, иако не знам зошто. Возот почна да забавува. Девојката се налакти на прозорецот и кога го препозна своето место, се крена и ја поправи истутканата облека. Ги натовари торбите на обете раменици кои под нивната тежина тажно се свиткаа. Ме погледна кусо, без збор, а потоа излезе додека Јакша ѝ ја придржуваше вратата на купето. Тоа беше првпат да обрне внимание на неа. Таа рече köszönöm. Köszönöm szépen. Косата ѝ го сокри лицето додека нервозно се провлекуваше низ тесниот премин кон вратата на возот. Јас не знам со која интонација на унгарски се изговара фала, но нејзиниот глас беше мек и тажен како кадифе. Како да го оплакуваше последниот момент на драгоценото искуство.
Гледав надвор, во темнината, и го следев нејзиното мало тело како ита кон натписот Balatonszentgyörgy – што ако тоа е навистина таа и ако нашето заедничко враќање од Будимпешта не беше случајно? Баш како што утринава го наговарав на водење љубов иако времето беше против нас, така ни на Река не би можел да ѝ ја одбие последната желба – таа да ја запознае жената за која тој се одлучил и поради која таа ќе продолжи да зборува со тажен глас. Молчев. По нозете ме шибна студениот воздух којшто од станицата се вовлече во застанатиот воз. Ни збор обвинувања повеќе, реков. Сè што ми дојде под јазикот, проголтав – оправдан сомнеж или само параноја. Во мене растеше зачнатиот мит, од утринава – детално изменети и испреплетени сокови на двајца луѓе. Кога возот повторно се забрза, кондуктерот нè потсети дека не смееме да заборавиме да го смениме вагонот. Ги собравме работите и послушно го следевме до купето кое иташе кон загребската железничка станица. Бевме сами. Јакша ме замоли да ја стави главата во мојот скут. Ги собу чевлите и удобно се намести како да е дома, в кревет. Му го држев лицето в раце. Знаев дека не смеам веќе да мислам на Унгарија. На заводливо болната интонација на непознатиот јазик кој сè уште одекнува низ празниот панонски пејзаж. Треба да се заборави. Да се заборави она што мора да се заборави и да се сеќава на она на кое да се сеќава мора. Тоа е принципот врз кој почиваат големите нации и големите љубови.

Превод од хрватски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:32+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 42|