Во честа на маргаритките

/, Литература, Блесок бр. 54/Во честа на маргаритките

Во честа на маргаритките

Во стихозбирката на Нина Булгакова ја имаме и приказната која едноставно прераскажана би звучела вака: На секоја жена не ѝ треба некој кој знае само да ѝ ја смени прегорената сијалица зашто откажала фасонката, да ѝ ги поправи машината за перење алишта, ринглата, рерната, бојлерот… За тоа постои хаусмајстор. Тогаш кога оној кој треба да е Мајстор, а е само обичен ХаусМајстор, прераснува во вистински гонител (Хајка) и кога Маргарита конечно го наоѓа својот Мајстор (Втиснување), токму тогаш ХаусМајсторот треба да му го отстапи местото на оној вистински Мајстор, на Мајсторот на Маргарита:
Те нареков Мајстор
– јас, тајната сопруга твоја!
(од Најтажната капа на светот)

Оваа е приказна и за жолтата боја, бојата на мимозите, маргаритките, но и боја на љубомората, злокобата. Булгакова ја следи „жолтата нишка“ од романот на Булгаков: приказната за жената која освојува не толку со својата убавина, колку со својата колку необична, толку дотогаш невидена осаменост во своите очи, приказна за љубовта која убива како молња, како бодеж, приказна за двајца кои како да започнуваат разговор таму каде што вчера го сопреле, за двајца кои како да се познаваат со години иако се запознаваат во моментот кога го започнуваат тој разговор, приказна за жената која многу брзо му станува тајна сопруга на оној во кој таа го препознава својот Мајстор. И пред сè, приказна за женската подвоеност, за жената која истовремено е и љубовница/вештерка и сопруга/жена:
како е можно
со истото срце
толку да сакаш
и толку да мразиш

одеднаш.
(од Распнување).

Кај Булгакова акцентот е ставен на Маргарита. Кај Булгаков многу повеќе на Мајсторот. Сепак, некој ќе рече дека во насловот на Булгакова првичното место го има токму ХаусМајсторот. Да, и од тој факт не може да се побегне. Но, тој Хаусмајстор ја провоцира Маргарита на Булгакова да го започне своето тргање по вистинскиот Мајстор. Затоа и вториот дел од збирката го носи насловот Маргарита и Мајсторот, затоа во вториот дел Булгакова ѝ дозволува на Маргарита да зборува, поточно да пее во името на она мото, преземено од Новалис, со кое и започнува таа нејзина песна: Љубовта е нема. Само поезијата може да зборува во нејзино име.
Но во оваа втора можност за читање за мене е нешто друго многу попровокативно. Пред сè мислам на дијалогот кој овие стихови го водат со онаа славна, необично застрашувачка тројка со која се отвора самиот роман: професорот по црна магија – Воланд, оној некако издолжен субјект со искршени очила – Коровјов и црниот мачор со неверојатна големина по име Бехемот и особено со зборовите на Воланд: Што би правело твоето добро кога злото не би постоело и како би изгледала Земјата кога од нејзината површина би исчезнале сенките?
Авторката Нина Булгакова во името на магијата на поезијата се откажува од своето лично име, од она име која во ова живеење ја декларира како нечија сопруга, жена, мајка, пријателка исто онака како што веќе налудничавиот Мајстор ќе му се исповеда на својот цимер од собата во душевната институцијата, на поетот Иван Николаевич Бездомни признавајќи му дека се откажал од сопственото презиме како и од сè друго останато во овој живот во името на мајсторството и во името на Маргарита која го прави единствен и неповторлив Мајстор. Но, Нина Булгакова ја презема и улогата на Воланд и во тој контекст нејзиниот Коровјов е онаа порака, онаа емоција што нејзините стихови ја испраќаат до читателот, онаа љубов и оној сон за таа љубов како состојби на духот кои го овозможуваат влегувањето во пределите на надреалното. Слободното, спонтаното редење на зборовите, како и доближувањето на оддалечените реалности на ниво на јазичка структура на песните, дејствува изненадувачки за рационалната свест и навика. И во тоа кај Булгакова го препознаваме црниот мачор. Спојот на обичното и приземното од една, и на исклучителното и ирационалното од друга страна го дефинира нејзиниот стил. Надреалното, впрочем како и кај наголемите надреалисти, никогаш не значи градење на царството на сонот над рамнината на реалното, туку обид за нивно поврзување и проникнување по пат на „споени садови“:
Целата бев поезија еднаш.

Додека чекорев,
штиклите ми ѕвонеа во стихови.

Во деколтето,
капки парфем се ронеа во хаику.

Од воздишките ми никнеа балади.
Од копнежите ми раснеа сонети.

Кога ти го довикував името
– мадригали фрчеа
во мојот глас.

Така ти доаѓав секоја ноќ.
Јас, во фустан од поезија.
(од Прозаична)

2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 54|