Во честа на маргаритките

/, Литература, Блесок бр. 54/Во честа на маргаритките

Во честа на маргаритките

Инаку, самата збирка е концепирана во два дела, првиот го носи насловот како и самата збирка – ХаусМајсторот и Маргарита, а вториот – Маргарита и Мајсторот. Уште во најраната фаза на македонскиот поетски дискурс постои една дихотомија при што едниот нејзин пол традиционалната критика го именува како лирски исказ, а другиот како лирско-епски исказ. Ова критичка интуиција лесно се преведува во два типа можна конституција на секој поетски дискурс, нешто што во теоријата на исказот, по Роман Јакобсон, се дефинира како метафорички и метонимиски пол на дискурсот. Всушност, Венко Андоновски покажа дека таа типологија може да функционира и врз примерот на македонската песна4F, а оваа збирка на Булгакова покажува како таа дихотомија е функционална и кога песните се собрани под еден кров. Ако се тргне од сознанието дека во метафоричниот тип пеење темите се надоврзуваат (се нанижуваат) една на друга според критериумот сличност, тогаш слободно може да се каже дека тој критериум е доминантен во првиот дел. Од друга страна, трансферот од тема во тема повлекува една линеарност на сликите, една нивна логичка подреденост. Имено секоја слика дообјаснува друга и на тој начин твори еден наративен контекст што особено доаѓа до израз во вториот дел. Зашто, малите приказни, кусите раскази за Маргарита на Булгакова ни покажуваат колку силно е присутна и Маргарита на Булгаков (особено во Маграрита (или нова Елоиза), Втиснување, Прст на чело, Најтажната капа на светот). Оваа подвоеност е забележлива и во однос на самиот ритам, кој е крајно мелодичен кога се врзува со метафоричниот дискурс, како во првиот дел и говорен кој се препознава во метонимиската песна од вториот дел.

2. За една подможност во рамките на првата можност за читање:

Ова е можност за читање на овие стихови на Булгакова доколку не сте се потсетиле на Булгаков. Впрочем не сакате да го препрочитувате посочениот роман зашто тој никогаш не бил вашиот омилен автор, или сте го прочитале еднаш одамна зашто сте морале (како лектира во средното училиште или како омилен автор на професорот кој ви предавал светска литература додека студиравте) и не сакате повеќе. И толку! Но, сепак можеби ќе најдете некој свој омилен автор, некој друг. Зашто, и покрај тоа што овие стихови се крајно исповедни, тие не го застапуваат монолошкиот концепт на субјектот, знакот и текстот. Напротив! Тие ја афирмираат дијалошката философија, логиката на отвореноста, незавршеноста и особено аспектот на Другиот. Булгакова тргнувајќи од потребата за еден непрекинат, поттикнувачки сеприсутен и севремен дијалог, ја промовира онаа позната мисла на Бубер: Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба5F. Речта е драма во која учествуваат три лица – вели Бахтин6F. Кој било разговор е полн со пренесување и толкување на туѓи зборови. Во него, на секој чекор стои цитат или повикување на она што е речено7F. Такво повикување имаме и во оваа збирка на Булгакова, па така таа е во допир со О. Вајлд (Круг), П. М. Андреевски и Т. Ујевиќ (Де(фи)ниција), В. Шекспир (Стража), Ф. Ниче (Распнување), А. де Мисе (Одврзани), Ж. Кокто (Лебедова песна), М. Цветаева и Р. Рилке (Луна(тици), Писмо), Б. Шлинк (Читачот), Стендал (Втиснување), С. Пушкин (Карма), Л. Толстој (Пруга), А. Барико (Понорница). Еве ви можност, драги мои читатели, на свој начин да го остварите допирот со овие стихови.

3. Втора можност за читање, онаа посложената
(ако сте го препрочитале романот Мајсторот и Маргарита од Михаил Булгаков):

Дијалогизмот, цитатноста, интертекстуалноста, пред сè се иманентни форми на говорната комуникација, а потоа и книжевно-уметнички феномени. Во тој контекст стожерно значење добива категоријата на „туѓата реч“ која ги обусловува и опфаќа сите видови и облици на книжевно-уметнички дијалогизам. Туѓиот говор е говор во говорот, исказ во исказот, но истовремено и говор за говорот, исказ за исказот 8F. Туѓиот говор во овие стихови е оној говор на Михаил Булгаков или поточно на Маргарита на Булгаков. Во секоја жена спие Маргарита. И секој човек го носи Мајсторот во себе. – е нагласено во авто(пред)говорот кон оваа збирка поезија. Тие ќе се разбудат само доколку им се вкрстат патиштата. Единствено во тој миг, деловите стануваат свесни за целоста. Во спротивно, Маргарита ќе талка низ градот со мимози во раката, а Мајсторот ќе самува во својата визба, без воопшто да дознае дека е Мајстор (така говореше Булгаков). Авторката и покрај тоа што така отворено зборува за врската која ја гради оваа нејзина збирка со познатиот роман на Булгаков, сепак укажува на фактот дека неговото препрочитување не е задолжителен предуслов за читањето на нејзините стихови. Но е пожелно, слатко нагласува! Така што во оваа нејзина изјава ја препознаваме мислата на Бахтин која гласи: Текстот живее само допирајќи се со друг текст. Но, ваквото допирање на текстовите ѝ дозволуваат/овозможуваат на Булгакова едно патување кон своето внатрешно средиште или кон својата вистинска суштина. Со други зборови ѝ дозволуваат една интровертна потрага по спиритуалниот центар во себе. А иницијациската структура го доближува патувањето до митскиот ритуал на посветување кој се одвива низ симболичката смрт и симболичкото воскреснување. Така што, таа чувствува дека една таква симболичка смрт, а потоа и симболичко воскреснување е можно преку Маргарита на Булгаков. Всушност Маргарита на Булгаков и поетесата се едно исто и тоа во секоја прилика се нагласува преку признанието, преку декларирањето:
Маргарита сум
и талкам низ градот.
(од Втиснување)
Јас – Маргарита,
и заслепена,
и ослепена,
со прсти ќе го читам
твоето ремек-дело
(од Најтажната капа на светот)
Маргарита сум
и јавам на зборови.
(од Свита)
Маргарита
сум
и ја имам моќта.
(од Капија (Триумфална))
Јас Маргарита
и
Ти Мајсторот
на зборот
(од Перуника)
Јас,
Маргарита,
и суво стебло
и неродно дрво
со поглед да раззеленам
можам.
(од Расцутување)
#b
4. Види Венко Андоновски. „Песна зад песните“ во Дешифрирања. – Скопје: Штрк, 2000.
5. Види Martin Buber: Ja i ti. – Beograd: 1977.
6. Види Михаил Бахтин: „Проблем текста“ во Књижевност. – Београд: 1978, бр.1.
7. Види Mihail Bahtin: „Iz predistorije romaneskne reči“ во O romanu. – Beograd: 1989.
8. Види Mihail Bahtin: „Ekspozicija problema tuđeg govora“ во Marksizam i filozofija jezika. – Beograd: 1980.

2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 54|