Во длабочините на меморијата:

/, Литература, Блесок бр. 113/Во длабочините на меморијата:

Во длабочините на меморијата:

„Болен Дојчин“ од Богомил Ѓузел и „Геронтион“ од Т. С. Елиот
Кој е Геронтион?
Кој е Болен Дојчин?
Раз/личности
Референци

За „Геронтион“ и за „Болен Дојчин“ може да се каже дека се сродни песни по повеќе критериуми на сличност и на разликување:
1. И двете песни се драмски монолози во кои говорникот е лик што тешко може да се утврди. Иако Дојчин е лик што е земен од балканскиот народен фолклор, тој во оваа песна презема сосема поинакви карактеристики и приказната за него е практично елиминирана2F. Со новото контекстуализирање на ликот, тој од спасител станува „морбиден епски лик“ (Наневски, 1977:304). Со тоа, и Геронтион и Болен Дојчин се всушност универзални ликови што на свој начин зборуваат и за глобалното и за локалното, и за универзалното и за личното. Во нивното „јас“ се кријат многу ликови од ризницата на цивилизациски прототипи (црното, белото). Дури и возраста на ликот-маската во двете песни не може стабилно да се утврди. Иако Геронтион вели дека е „стар човек“, разградбата на текстуалните елементи во кои нему му читаат и е човек без никакви сетила може да укажува и на едно поинакво гледање на текстот, односно да го прикаже ликот како човек што не е ни роден или е многу мал, слично како што тешките мисли на Дојчин се сопоставуваат на неговиот престој во „утробата“. Понатаму, и двата лика се однесуваат како еден вид претскажувачи, сесвидетели, како „умот на Х“ (Европа, Англија, Македонија), како ликови што можат да се издигнат над „смутот“ во кој живеат, но кој, се чини, е дел и од нив самите.
2. Коментарот за своите современици, сонародници и за состојбата во која се наоѓа цивилизацијата дозволува да се повлечат нишки на осмислена сличност. Бело-црниот град на Дојчин во кој владеат „смут и згушеност“ и задремани луѓе наликува на поопштата цивилизациска панорама на Геронтион. Впрочем, токму разурнатата цивилизација на Геронтион би била нецела и некомплетна без бело-црниот град на Дојчин, како нејзин неизбежен елемент.
3. Меморијата за историјата и за минатото и нивното мешање со сегашноста се елементи во двете песни, со тоа што, по однос на ова прашање, имаме надворешни сигнали за нивно разликување, кои во овој дел од анализата ќе ги прифатиме. Надворешниот елемент е контекстот во кој тие биле создадени, како општествениот така и поетскиот свет на авторите. Имено, ако Геронтион е плод на една континуирана традиција и запишано историско минато, Дојчин е плод на една неконтинуирана традиција и предоминантно „психолошко“ минато. Ова може да е еден клуч за толкувањето на предоминантноста на историските алузии во Геронтион (битките во првата строфа, алузијата на Версајскиот договор) во кои се мешаат религијата и ритуалите (христијанството, дождот), како и за предоминантноста на сонот и психичката состојба кај Дојчин (психолошкото минато), кое напати се меша со фактуелната историја (Самоил).
4. На стилски план, овие две песни исто така покажуваат сличност. Не малкумина критичари го коментираат творештвото на двата автора како херметично, мошне алузивно и потешко проникливо, антисентиментално и испразнето од лирска патетика. Изобилуваат мрачни слики и слики чија цел е да шокираат, негативни префикси и дефинирање на она што е преку она што не е.
5. За крај, инертноста и недејствувањето на двата лика, како и нивната поопшта функција. И двата лика се на некој начин „болни“, а таа болест и кај двајцата е и психичка и физичка, со тоа што кај Дојчин предоминира првата, а кај Геронтион втората. И двајцата на некој начин може да се поистоветат со митскиот лик на болниот Крал Рибар од легендата за Светиот Грал – кралот што треба да биде ритуално жртвуван за да може повторно да завладее ред, мир и плодност во земјата. Функцијата и на двата лика е онаа на Деридовиот концепт за pharmakon (лек, чаре), pharmakos (жртвен јарец) и pharmakeus (маѓесник, затвореник). „Доколку го сфатиме Геронтион како ‘жртвен јарец’, т.е. pharmakos, неговата функција за која е одбран е да го прочисти селото (градот, светот) од злото што се спрема да дојде, а сѐ уште не дошло (болештината, смртта, зимата, Богот-осветник)“ (Анчевски, 2007:117). Практично истото може да се заклучи и за Дојчин, тој маѓесник, а затвореник, чија жртва е лекот за градот, но е погубна за него.
#b
2. Ова го потврдува Милан Ѓурчинов во својот коментар за песната (1991:149).

АвторИгор Поповски
2018-08-21T17:20:35+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 113|