ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


На крајот, не знам точно како и зошто, го прифатив повикот. Добро, веројатно си мислев – ќе го одработам тоа, ќе соберам горе крлежи или некоја егзотична ридско-планинска болест, па повеќе нема да ме викаат. На Велебит живее див планински рис, се сетив веднаш по разговорот, змии отровници, а сигурно има и волци.

Возејќи долго и бавно, не преминувајќи го ограничувањето на брзината, конечно застанав покрај брегот на Велебитскиот Канал, во местенце нагрдено од стотина грозни, повеќето полудовршени викендички што никнуваа тука и, сигурен сум, сè уште никнуваат без каков било ред и смисла. Раштркани под Велебит, тие изобличени бетонски коцки непоправливо го уништија пејзажот.

Плажата од чакал распослана лево и десно од насипот не делуваше примамливо. И покрај тоа, привремените жители на камп-населбата и на неколку околни хотели – жени, мажи и деца во најразлични возрасни групи – се печеа на сонцето, лебдеа по намрешканата вода не давајќи знаци на живот, а неколкумина постари се забавуваа вадејќи морски ежиња од дното. Ги оставаа тие проколнати суштества да исцркаат на брегот. Во воздухот се чувствуваше мирис на борови иглички, лесен очај и на десетици видови кремови за сончање. Неколку долги минути ја набљудував таа второкласна, застрашувачки здодевна летна разгледница, па се одвезов до самиот раб на населбата.

„Здраво, тука сме“, ми мавна Тања од ниското камено ѕитче на еден локал, досетливо наречен „Јадран“.

Таа, значи, седеше на тоа ѕитче како некаква влашка сирена непријатно изложена на УВ-зраците, а зад неа, на маса на терасата во сенка, беше се собрал остатокот од писателско-планинарската експедиција.

Велс Тауер, Американец случајно роден во Ванкувер, автор на збирка раскази преведени на сите поголеми и на неколку помали јазици во светот, од почетокот се држеше пријателски и сосема добронамерно. Велебитската авантура, како што самиот подоцна призна додека пешачевме во пресрет на планината, никако не се вклопувала во неговата двомесечна европска турнеја, но со задоволство се одѕвал на поканата да го посети Блаж Перковиќ и неколку дена да помине надвор од цивилизацијата.

За Маруша Клемен, словенечка поетеса од помладата генерација, се пренесуваа разни трачови. Најраширен беше оној за познат словенечки поет кој самиот, и тоа јавно, пред многубројни сведоци на некаква поетска вечер, изјавил дека тој веќе немал срце, зашто таа, Маруша, му го скршила, го исечкала на парченца, го истркалала во брашно и потоа го испекла во тава со кромид, пиперка и уште некои зачини, па го изела со сладост. После тоа морал да оди во Швајцарија каде што наместо срце му вградиле славеј во мал, златен кафез. За тоа малку време што го поминавме заедно, во неа не видов ништо срцејадачко. Златокоса девојка со сивосини очи, духовита, подносливо убава и да, складно градена, тоа не е спорно, но никако не би можел да ја поврзам со фаталната девојка од легендите кои, велам, кружеа за неа.

Последниот член во нашата петчлена ридско-планинско-писателска дружина беше израелскиот писател Етгар Керет. Тивок, добродушен и секогаш насмевнат, секаде е добредојден гостин. Со две книги кратки раскази го освои целиот свет. Многубројните награди, преводи и филмови не го преобразија во ексцентрична примадона, како што често знае да се случи, особено во светот на книжевноста. Етгар остана скромен, нормален тип каков што беше и кога го запознав неколку години претходно во Загреб каде што тогаш ја претставуваше својата книга раскази, прва преведена на хрватски.

„Станвај војско, let’s go!“, Тања го фати ранецот, го префрли на рамото и тргна.

До последните камени куќи под Велебит мораше да испешачиме околу три километри. Не поминавме ни половина пат, а веќе сите имаа стап во рацете, сите освен мене. При одењето бодеа во земја со стаповите, маваа со нив по растенијата и попат покажуваа кон овој или оној дел од пејзажот, па и јас посакав за себе еден таков. Гледав наоколу, но не наоѓав ништо соодветно. На крајот Тања ми најде речиси совршен стап. Само фрли поглед настрана и веднаш го забележа.

„En garde!“ пробав неколку мечувалски движења, мавтајќи низ воздухот.

Стапот фино ми лежеше в рака поради што неколку мига се чувствував добро.

Со Тања на чело се дотетеравивме до куќа од бел камен опкружена од неколку високи чемпреси. Можеби и не беа чемпреси, не сум стручен, всушност не е ни важно. Срдечните домаќини нè пречекаа, како што се вели, со раширени раце. Нè седнаа крај голема маса на терасата и забрзано почнаа да носат пршута, сирење, маслинки, домашен леб со големина на сателитска антена, кој самите го печеле под старински вршник, домашно вино и уште некој пијалак сличен на кефир.

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|