ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

/, Литература, Блесок бр. 114-115/ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ


Следниот чекор кон надреализмот, Влада Урошевиќ го прави во периодот кога започнува да ја исцртува својата уметничка (поетска) траекторија, некаде во почетокот на педесеттите години на минатиот век. Во тоа време надреализмот како движење сѐ уште официјално постои, но податоците за него се оскудни и не ретко подбивно-критички настроени. Токму со негативна конотација се и некои од првичните определби на македонската критика за книжевните почетоци на Урошевиќ: Димитар Митрев, врвниот арбитер во тоа време, во серија текстови објавени во списанието Современост (1954-55) го „обвинува“ Урошевиќ дека е „дадаист“, а за Георги Старделов – Урошевиќ е „надреалист“, што, според него, било крајно „опасно“ за младата македонска поезија („Едно предупредување на естетиката ad hoc“, Млада литература, 1955).

„Не се малкумина критичари кои, со леснотија, го определуваат Влада Урошевиќ како надреалист“ – пишува од денешна перспектива современиот бугарски поет, сликар и критичар Роман Кисјов и со право констатира дека „и покрај тоа што надреализмот имал силно влијание врз неговата поезија, тоа определување всушност ја ограничува оваа поезија, ја упростува и, во крајна линија, ја клишетира, зашто таа е многу побогата, покомплексна и помногуслојна, и на неа ѝ е туѓо и неприродно секое клише. Поезијата на Влада Урошевиќ ѝ се измолкнува на секоја дефиниција, како што сонот ѝ се измолкнува на фатката на логиката“ – заклучува Кисјов во предговорот кон бугарскиот избор од поезијата на Урошевиќ насловен Митологија на сонот (2013). Се разбира, Урошевиќ, како и секој друг автентичен и оригинален автор, во своето дело води еден креативен дијалог, меѓу другото, и со надреалистичката поетика.

Може да се рече дека на творечки план, афинитетите на Урошевиќ кон поетиката на надреализмот, „таа најголема уметничка авантура на XX-от век“, најнапред се интуитивни, не секогаш свесни, а поттикнувани од некои одвај насетливи траги и речиси случајно најдени патокази. Според авторовите сведоштва, првите прочитани вистински надреалистички текстови се примероците од некои надреалистички белградски изданија пронајдени во Народната и во факултетската библиотека, вон од официјалната академска лектира: „И покрај моите симпатии спрема белградската надреалистичка група, морам да признам дека могу повеќе афинитети чувствував спрема парискиот надреализам (…) и неговата свртеност кон сонот, кон загатката на потсвеста, кон тајните на случајот“ – читаме во „Сентиментална панорама на надреализмот“.

И навистина: Влада Урошевиќ е еден љубопитен и пасиониран поклоник на сонот како „единствен живот во нас“ (според верувањето на Андре Бретон) или еден непоправлив сонувач. Во веќе споменатите разговори со Јанковски, по повод сонот како суштинска одредница на неговиот творечки ерос, тој ќе истакне: „Мене сонот ме фасцинира како еден од начините на кои нашето психичко битие се обидува од стварноста да создаде една друга стварност. И таа фасцинација, секако е поттикната од една страна од фантастиката, од друга страна од надреализмот.“ Можностите на сонот за „проширување на границите на реалноста“ и за „освојување на слободата на духот“, сфаќањето на сонот како „крај” на познатата реалност и „почеток” на некоја друга, фантастична или надреална реалност, потчинета на поинакви закони и логика, но подеднакво вистинита и клучна за нашето суштествување, неслучајно, авторот ги доведува во корелација со сопствените афинитети кон фантастичното и надреалното како парадигми на имагинарното и ониричко искуство кои му се иманентни на целокупното негово творештво.

Уште од збирката првенец со парадигматичен наслов – Еден друг град – објавена во далечната 1959 година, Урошевиќ хронотопски ги вкрстува во едно хармонично созвучје: реалното и имагинарното, јавето и сонот, блиското и далечното, искуството и сеќавањето, Редот и Авантурата, животот и креацијата… Спонтано препуштајќи ѝ се „уметноста на прошетките“ (според синтагмата на Гијом Аполинер), Урошевиќ мошне луцидно и од позиција на необичност, ја гради сопствената очудувачка визура на градот-лавиринт. Реалниот топос – градот Скопје – со извесни отстапки се разбира, е дизајниран според надреалистичката перцепција на градот: во добро познатиот град, авторот открива „еден друг град“, град „за кој не сум сосема сигурен / дека е означен на географските карти“ – како што вели лирскиот субјект во истоимената песна.

Ново поглавје во личната историја на Урошевиќ за врските со надреализмот се отвора по неговиот прв престој во Париз (октомври 1967 – јуни 1968): „И бев присутен кога на ѕидовите на Сорбона осамнаа, во мај 1968 година, пароли небаре излезени од под перото на надреалистите: ’Да ја донесеме имагинацијата на власт!’“ Веќе од следната, 1969 година, Урошевиќ објавува низа преводи на надреалистите во Разгледи. Од неговата преведувачка лабораторија ќе произлезат бројни антологии на француската поезија во кои надреалистите заземаат клучно место1F , а оваа благородна мисија кулминира со, сега веќе култната книга во Македонија, Големата авантура: францускиот надреализам (1993).

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2022-04-03T19:27:35+00:00 август 10th, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 114-115|