Вештица

Вештица

(извадок)

53.

По три дена, на 20 август 1633 лето Господово, во градскиот магистрат падре Бенџамин го доби следниов записник:
Записник од 18 август 1633 година, за судскиот распит со тортура на Јохана Грацијанчиќ, родена некаде на Истокот, претпоставка: област Македонија.
Попленето кај неа: една маѓосничка торбичка, со повеќе необични шупливи игли, со бои направени од билки, за кои обвинетата тврди дека служеле за создавање „слики“ по телото, најверојатно за ѓаволови печати. Со тоа се отвора основано сомнение дека таа е тајничка на ѓаволот: писмена е, но нема благородничко потекло. Признава дека е ќерка на Исијан, пастирот од Македонија. Попленето уште во торбичката: билје за кое обвинетата тврди дека служело за лекување, иако судот знае и за пракса на правење отровни напивки од истото, гореспоменато билје. И уште: една лупа, подарок од нејзиниот тужител, пречесниот Флоријан, на која вештицата најверојатно ѝ ја променила намената, а во согласност со своите ѓаволови вештини, штом ја носела со себе.
Кај старецот попленето: една мистериозна книга-писанка со кожни црни корици и жолт пергамент, сочинета со неразбирливо, источно писмо македонско, со наслов кој значи – „Книга за книгата“ (така вели обвинетата бидејќи го знае и нашиот јазик хрватски). Вели дека писанката е нејзина и дека ја изгубила во неговата куќа онаа ноќ кога старецот е уапсен, а таа избегала од потерата. Книгата, според исказот, ја пишувала и сочинувала самата. Во неа оваа чудна вештица запишувала свои мисли за тоа што се словата и книгите. Во тоа чудно нејзино сочинение е изложена една еретичка ука дека боите се исто што и гласовите и мирисите, дека Пресветлиот Господ Бог не бил совршен и наводно заборавил да ни даде уште едно сетило, односно дека најсовршена книга би била онаа која би била испишана со плотни, соблазнителни, блудни мириси наместо со зборови, оти зборовите се вистинско Слово, а само Бог е Слово и светлина. И разни други ѓаволови, полноќни и месечеви уки таму се изложени, како онаа дека најсовршена и најстрасна, вечно менлива и во вечно настанување и исчезнување книга би била онаа која би имала кружна форма. Писанката е испишана со калиграфија, за која, по направена проверка е утврдено дека навистина ѝ припаѓа на обвинетата.

Записник:
Во летото господово 1633, на 18 август, во стражарската куќа на слободниот и кралевски град Загреб на Гричкиот рид, целосно во ѕидините и бедемите на истиот град и во истоимената жупанија, имено на местото вообичаено за мачење, Јохана Грацијанчиќ, врз основа на донесениот заклучок од господинот инквизитор е најпрвин ревносно и христијански поттикната и сериозно опомената, за да се открие она што има да се открие. Но бидејќи таа и натаму опстана во одречувањето, предадена е, во 6 часот изутрина на министерот на правдата, крвникот, за овој да го пребара она што треба да го пребара по нејзиното тело и да ги изнајде ѓаволските печати. Печатот е веднаш пронајден, во форма на живописно обоена пеперуга под папокот, имено, кон срамното место што само по себе ја оверува вистината дека оваа бедница му дозволила на ѓаволот да ја запечати со знак толку видлив и срамен што крвникот, откако го изрежа од телото, го приложи со ужасен срам пред чесниот суд на градот Загреб, и со видно згрозување. На прашањето кога и како ја запечатил ѓаволот, обвинетата вели дека сама се обележала, со игли и бои за пишување по кожата. На печатот јасно се гледа дека двете латинични букви од кои се состои пеперутката се наоѓаат неразделно сврзани, во блудна прегратка: Ј и Б, што укажува на тоа дека ѓаволот најверојатно има име кое почнува со буквата Б.
Крупни капки пот течеа по челото на падре Бенџамин. Од очите му течеа солзи. Неговите очи прелетуваа по ситниот ракопис на записничарот:
На оваа забелешка, вештицата Јохана одговара со правдање дека никогаш не го видела ѓаволот, ниту општела со него и дека не знае за никакво име кое почнува на Б. Бидејќи одречува, во 6 и половина е подложена на мачење со врзување и стегање на рацете. Спомнатата издржа на таа справа за мачење до девет и половина, по што е симната од справата и е предадена на вториот министер на правдата, кој ја постави на скалите за растегнување.
По шест часа мачење на таа справа, поради губење на силата е симната од скалите и е вратена во ќелијата.
Мачењето е продолжено на полноќ, истиот ден, кога обвинетата е повторно ставена на скалите за растегнување. До шест часот изутрина, на 19 август е мачена со намера да признае дека предизвикала машка немоќ кај преодличниот свој сопруг, пречесниот и веќе речен Флоријан, но таа одречува сè. На прашањето од каде кај неа разни магични треви и за што ги користела, вели дека го лекувала со нив татко ѝ, илузионистот и сенкар, вештерот Исијан од Македонија, за кој веќе преодличниот господин инквизитор води процес со несоборливи докази за ерес. Вели дека лекувала еднаш и еден сиромав скитач, но на неговото име не се сеќава. И покрај палењето оган на слабините, обвинетата не сакаше да признае ништо повеќе.
Во шест изутрина е симната од таа справа и по еден час пауза, во кој обвинетата побара вода, на што има неспорно право по дванаесет часа поминати на тортура, на ногата ѝ е ставена шпанска чизма. По два часа поминати на оваа справа за мачење, обвинетата Јохана Грацијанчиќ конечно призна дека полово општела со ѓаволот, и тоа во првата ноќ (17 август), кога била донесена во занданата. Општела со него во својата ќелија. Нечестивиот се појавил во ликот на градскиот инквизитор, ѝ се обраќал со „мила моја дјевојчице“ и „лудице моја“, со што се потврдува дека ѓаволот ги знае сите јазици на светот, вклучувајќи го и хрватскиот; ѝ ветувал спас ако се покае и ако општи со него, но таа му одговорила дека нема за што да се покае и дека е чесна. И откако така му рекла, тој се нафрлил врз неа, и со сила живеел со неа како маж со жена што живее. И дека она било студено, како и семето, што е неспорен доказ дека тоа бил ѓаволот, а не пречесниот господин наш, инквизиторот. Од горенаведеното може да се заклучи (и тоа судскиот совет на градските големци го заклучи со посебен заклучок за овој процес, под ред. бр. 167/4) дека нечестивиот не бира средства во својата пресметка со Господинот Наш Исус Христос и дека веќе се дрзнува да ја зема појавата и на најодличните и најпречесни наши првенци, особено оние кои ги водат овие ужасно мачни процеси исполнети со искушенија, за да ги унижи, посрамоти и да фрли кал врз нивното достоинство и углед.
Пресуда: речената Јохана да се запали во првиот час по изгревот на сонцето, на 21 август, на Каптол, заедно со нејзиниот татко, старецот Исијан, за пример на сите од слободниот и кралски град Загреб, кои паѓаат во искушение да му се запечатат на ѓаволот.
Книгата испадна од рацете на падре Бенџамин. Очите му беа крвави, устата сува; веќе немаше ни солзи. Погледна низ прозорецот: луѓе носеа диреци и штици за подигнување клада. Во еден миг помисли да му пише на папата, да го моли на колена за нејзиниот живот, но сфати дека нема коњ-писмоносец побрз од смртта, дури и да вечерал светлина наместо сено; разбра дека оној гад, змијоокиот намерно ја донел пресудата во еден ден, а за следниот ден го предвидел и извршувањето на казната. Не му преостануваше ништо друго освен да чека да се случи чудо; сè беше во Божји раце, како и онојпат кога каменот му го зеде, а сега огнот му го зема најмилото! Та нели е тоа исто, падре Бенџамине, две лица на иста смрт?
Плач, слово најсовршено, значение во одлагање, светлина земска, и затоа темна!

2018-08-21T17:21:11+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 59|