Бушбушкалај

Бушбушкалај

Мал куќен дух
Зошто се мразам себеси

Не знам точно кога и зошто нашиот живот тргна по тој тек. Ништо не се договаравме. Можеби понекогаш паѓаше збор за некои слични нешта додека ги разгледувавме случките кои го сочинуваа нашиот живот. Можеби тоа некако се подвлекло, потсвесно, така да кажам.
Едно утро малку повнимателно зјапнав во ливчињата кои мојата жена им ги оставаше на децата на масата. Зборови со јарки бои на јарка хартија, не може да не се видат.
Беа тоа пораки од типот ИСПИЈ ГО МЛЕКОТО или ПРОВЕРИ ГО ШПОРЕТОТ или ЧЕКАЈ ЈА СЕСТРА ТИ И БИДЕТЕ ПРЕД ШКОЛОТО ВО 16ч или ГОЛЕМА БАЦУВКА, МАМА.
Тие совршено се согласуваа околу ливчињата. Ние никако. Одлучив да се обидам, од штос, и онака повеќе немавме некои големи блага да изнесуваме еден пред друг.
Подготвив ливче на кое пишуваше ДОБАР ДЕН, КАКО СТЕ? и намерно задоцнив на ручек. Но требаше да знам дека нема да ме чекаат. Дојдов до масата и ѝ го покажав ливчето на жена ми. Преврте со очите и продолжи да јаде. Без збор. Им го покажав потоа на децата, не знаејќи што да правам. Тие веднаш отидоа во собата и донесоа ливчиња и боички. Жена ми и јас загадочно се гледавме, како да почнува нешто ново, нешто кое е потполно невозможно, но барем малку возбудува. Таа нагло ги зеде ливчињата од нивните раце и на едно од нив напиша СЕДНЕТЕ И ЈАДЕТЕ И ДА НЕ СУМ ВЕ ЧУЛА, им го покажа на секое посебно, потоа на мене. ФАЛА напишав.
Се трудев да не мласкам. Сите се смеевме без глас. ХА ХА! напишав и им го покажав на сите наоколу. Ливчето одеше во круг, валкано од храна. Сите допишаа ХА ХА!
Бев глуп. Почнав нешто кое ќе морам да го следам, иако веќе ми изгледаше никакво.
КАКО БЕШЕ НА РАБОТА? ЗОШТО ЗАДОЦНИ? напиша жена ми.
ЗА ШТО ЗБОРУВАТЕ? добив ливче од страна.
ЌУТЕТЕ И ГЛЕДАЈТЕ СИ РАБОТА напиша мама и им го покажа тоа со одлучен гест. За миг сакав да се побунам што им ја одзема играта. Потоа помислив дека јас сум тој кој се користи со нивната игра за да решам некои невидливи нешта.
ОСТАВИ МЕ НА МИР! напишав.
Јадевме во тишина, како и обично. Важно е, за сега, нештата да одат по својот тек. Сигурно еднаш ќе можам да напишам сè што мислам.

Превод од хрватски: И. Исаковски

АвторСенко Каруза
2018-08-21T17:21:05+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 66|