Бус

(Драги мои, никогаш не одмаздувајте се. Препуштете му го тоа на Господ зашто во Светото писмо пишува: Одмаздата е моја; јас ќе им вратам на оние кои заслужуваат – Исусово послание до Римјаните)

Од џамијата до автобуската станица има десетина минути бавно одење. Гужвата на станицата беше вообичаена за тоа време од денот. По лицата на луѓето кои чекаа можев да ги распознаам оние кои одеа на работа и оние кои се враќаа од ноќна смена. Понекогаш тие уморни и испотени лица дури и ме забавуваа. Некаде прочитав, многу одамна, дека со внимателно набљудување прилично сигурно може да се погоди со што се занимаваат луѓето во животот. Што се по професија. Тоа, додека чекав бус, ми беше омилена игра. Ја викав „Погодување професија“.
На станицата чекаа десетина луѓе, од кои повеќето беа жени. Две млади девојки, тинејџерки, го загледуваа згодниот младич кој стоеше недалеку. Гласно се кикотеа и се дошептуваа додека гледаа кон него. Тој за тоа беше и тоа како свесен но, неколку години постар од нив, надувано се правеше како да не ги забележува. Беше тоа почеток на прастарата игра на заведување која можеби неброено пати во иднина ќе ја повторат, и девојките и младичот. Повикот на природата во пракса, би рекол. Крај нив стоеше постар господин во темен костум, со бастун. Во доцните шеесетти, малку сед, изгледаше како тукушто да му се расипал Ролс-ројсот па е принуден да го користи јавниот превоз. Изразот на гадливост на лицето само се зголемуваше со незрелото однесување на двете девојки. Постојано погледнуваше на саатот, ја поправаше пеперутка-врската и се наведуваше во насоката од која бусот требаше да дојде. Банкар, оценив. Понатаму, една млада жена со полни раце пластични ќесиња водеше борба со две девојчиња од пет-шест години. Се обидуваа да се извлечат од нејзините дланки, но таа цврсто ги држеше. Автобусот не доаѓаше и тие стануваа сè побучни и понемирни. Немоќно, пристојно и трпеливо, тивко ги предупредуваше да се смират. Потпрен на оградата, еден млад пар се гушкаше и се бакнуваше никого не забележувајќи. Изгубени во времето и просторот, не им беше гајле за гужвата. Некако бев сигурен дека ќе го пропуштат овој и следните неколку бусови.
Ни на метар од мене, двајца младичи во накитени кадетски униформи разговараа за отсуството. Се договараа летото да го поминат заедно со девојките, на море. Единствено не можеа да се одлучат помеѓу југот на Италија и шпанската Ибица, а секој од нив имаше свои аргументи за и против. Две постари госпоѓи крај нив меѓусебно разговараа но всушност внимателно го слушаа разговорот кој го водеа двајцата кадети. Кога младичите во униформите почнаа да ги опишуваат минатогодишните летни ноќни забави со посочни детали, госпоѓите видно ги начулија ушите. Само се погледнуваа и со смуртени веѓи вртеа со главите, но некако знаев дека длабоко во себе се потсетуваат на сопствената младост. И тие некогаш биле млади и убави. Протестираа, всушност, против проклетата старост која ги снашла толку неправедно и брзо.
Небото во меѓувреме се наоблачи. Погледнав на саатот. Бусот број 30 доцнеше веќе четири минути. Почна да врне. Отпрвин ситно, па сè посилно. Луѓето околу мене ги испоотворија чадорите. Ме сепна допирот по рамото. Се свртев и видов две прекрасни црни очи.
– Доволно е голем за нас двајца – девојка со долга црна коса стоеше пред мене со отворен чадор. Ми се виде позната.
– Јас тебе од некаде те знам… – реков несигурно.
– Амина. Од факултет. И јас сум на социологија. Минатата година бевме на исти предавања. Социологија на религијата… се сеќаваш?
– Ах, да. Да… сега се сетив. Живееш тука негде?
– Не, бев кај другарка ми. Заедно ја пишуваме семинарската. А ти?
– Јас живеам овде, покрај Херодс – реков.
Ја гледав в очи. Имаше поглед кој ништо не сокрива. Искрен и невин. Повторно погледнав на саатот. Ја забележа мојата нетрпеливост.
– Сега ќе дојде… ќе паднат неколку капки дожд и целиот град е парализиран – рече колку нешто да каже.
– Да – реков. Одиш на факс?
– Не. Одам дома. Во четврток немам предавања.
– Блазе си ти – реков. Стоевме на дождот молчејќи. Бусот доцнеше добри десет минути и веќе помислив дека нема ни да дојде. Луѓето нагло се размрдаа и се раздвижија. Некои ги затворија чадорите и тргнаа напред. Тоа беше знак дека автобусот е на повидок. И Амина го затвори чадорот. Бусот застана со чкрипење и големата предна врата налик на хармоника се отвори си пискот. Во автобусот беше поголема гужва отколку на станицата. Прво влезе господинот во костум, а по него мајката со децата. Кадетите љубезно ги пропуштија постарите госпоѓи и неколку луѓе, а јас, со насмевка, галантно ѝ помогнав на Амина да се втурне во гужвата. Влегов последен. Како и што претпоставував, парот кој и понатаму се бакнуваше, остана на станицата. Беа среќни и заљубени. И сами на светот.
Внатре беше спарно, задушливо. Смрдеше на мокра облека и чадори. Однекаде, од гужвата, се проби Амина.
– Слушај, ако не се видиме, еве ти го бројот на мојот телефон па понекогаш јави се, може? – ми пружи ливче со телефонски број. Нејзиниот поглед прашуваше.
– Секако, и мене ќе ми биде драго. Се гледаме – погледнав на саатот: 9:46. Во мигот, ни самиот не знам зошто, се сетив на мајка ми која сега беше некаде далеку. Ми го подари тој саат пред заминувањето на студии и знам дека скапо го платила.
Посегнав во џебот и го допрев малото апаратче. Се протуркав, крај лутите лица, до средината на катниот автобус.
– Боже, се предавам во твои раце! Алаху акбар! – вреснувам и го притискам копчето на детонаторот.

Превод од хрватски: Игор Исаковски

АвторЕдуард Прангер
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 49|