Бони и Клајд

Бони и Клајд

Тој очајно се обидуваше да ја поткрене за нозете, да ја спаси, можеби се уште не е мртва!
Да, таа беше мртва!
Кој го направи тоа? Кој?
Продавачката?
Касиерката?
Месарката?
Можеби сопственичката која незабележително дошла на своето работно место?
Се качи на тоалетната школка, го исече јажето со своето мало, џебно ноже. Го нарами нејзиното тело и полека ја спушти на плочките. Неколку минути без престан и даваше вештачко дишење, не губеше надеж, и го масираше срцето.
Но, не! Таа не се разбуди. Го обзеде бес, сакаше да го најде убиецот. Проклетникот што и го направи ова на неговата љубов. Само што излезе од тоалетот виде дека луѓето се организирале и еден крупен маж со малата полица за бонбони го удира стаклото на влезната врата за да излезат. Продавачката возбудено го бодреше човекот и му кажуваше да удира посилно бидејќи стаклото е подебело.
– Кој ја уби…? Кој ја уби??? – се развика тој на сиот глас
Човекот со полицата в рака се сепна и исплашено гледаше во пиштолот вперен во продавачката.
– Дечко… ние сите тука стоевме до тебе, никој од нас не ја уби твојата девојка… и самиот знаеш дека ти ги дававме паричниците.
Тој не можеше да им верува на лукавите очи на продавачката… таа знаеше! Таа рече дека М. Ќе умре!
– Ти рече дека таа ќе умре! Убиец! – и рече тој и го впери пиштолот во нејзината глава, беше подготвен да го повлече резето.
– Да, реков! Знаев дека ќе умре! Секогаш знам кога некој ќе умре! – се развика разгневено продавачката.
Тој ги притискаше усните и сакаше да ги запре солзите што му се разлеаја по образите. Прстот му играше на резето, ама не можеше да го притисне. Оваа продавачка не е тоа што се претставува, таа е нешто повеќе. Можеби не е човек? Продавачката ја подаде својата рака и го побара клучот од продавницата за да ги ослободи недолжните заложници. Му вети дека сите осомничени за убиство ќе останат, вклучително и самата таа. Останаа касиерката, двете продавачки и месарката. Тој ги ослободи купувачите и повторно ја заклучи вратата. И нареди на продавачката да каже сè.
– Јас знам кога некој ќе умре! – рече продавачката
– Значи вие ја убивте! Која од вас ја уби! Кажувај!
– Не, никоја од нас не ја уби, ние не сме убијци! Зошто не се обидеш да се сетиш што се случуваше тие неколку минути? – му рече загадочно продавачката.
– Многу добро се сеќавам, таа замина во тоалетот, а ти ми рече дека таа ќе умре! – викаше тој на сиот глас, но продавачката како да не се плашеше ни ронка од неговиот пиштол.
– Не, таа се навали на твоето уво и ти кажа дека повеќе не може да живее на овој начин. Ама ти беше презафатен со твојата мисија, и воопшто не ја забележа.
Тој збунето и растревожено ја гледаше продавачката, очите му шараа низ нејзиното лице, бараше некоја бора да му покаже дека таа не ја кажува вистината. Продавачката смирено го набљудуваше.
– Тоа не е вистина… јас не се сеќавам… – зборуваше тој, но како да се бранеше од себе си.
– Таа те погали по рамото, и знаеше дека не ја слушна, таа сакаше да не ја чуеш, твојот живот не е добар за секого, веројатно и се допадна божемната нова работа, чесна работа, се почувствува како дел од нас, виде дека е убаво да се живее нормален живот… а таа никогаш не може да го има тоа, сигурно сакаше да си купи бонбониера со дневницата и да знае дека заработила нешто самата, дека тоа го добила со сопствен труд.
Тој седна на едно од столчињата, го навали пиштолот близу до земјата, ја наведна главата. Да, навистина, таа ја гледаше бонбониерата токму кога тој влезе во продавницата. Ама тој помисли дека е тажна, дека мрази што мора да ја работи таа глупава работа. Изгледа пиштолот беше наменет за него. Тие се Бони и Клајд, зарем не? Тие мора да умрат заедно! Таа реши дека денес е денот кога мора да заминат. Сепак им упати еден последен поглед на овие три работнички… но, нешто се промени, очите на продавачката сјаеја, речиси молскавично блескаа, чекаа тој да го повлече чкрапалото, да си го разнесе мозокот на подот. Месарката пак незабележително ги триеше дебелките раце пикнати под стомакот.
Имаше нешто кобно во нивниот однос.
Тој почувствува дека тие очекуваат некаков блескав момент, тие не се обични работнички загрижени за своето работно место. Посебно продавачката, таа се однесуваше како некој лидер, таа е од оние луѓе кои ќе излезат од продавницата кога ќе дојдат камерите, тогаш нејзиното лице ќе има измачен израз, таа ќе биде спасителот на заложниците. Таа е лажен херој.
Тие ја убија Бони!
За малку ќе го изиграа и него.
Тој го крена пиштолот и го насочи кон продавачката, ја прострела низ черепот. Продавачката неподвижно падна на земја. Месарката го залепи своето масивно тело на една од полиците, сакаше да се затскрие зад другата, ситна продавачка. Ама тој стана од столчето и неконтролирано испука неколку куршуми. На подот истекоа локви крв, труповите на сите три лежеа еден врз друг.
Тој не чувствуваше вина, ниту грижа на совест. Знаеше дека го направи единственото вистинско нешто во својот краток живот. Го ослободи светот од овие три злобни суштества, полни со гнев и омраза.
Потоа влезе во тоалетот и седна до мртвото тело на својата сакана. Го залепи пиштолот на слепоочницата.
И секако, пукаше!

АвторИрена Јорданова
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 56|