Бони и Клајд

Бони и Клајд

М. влезе во продавницата, од сите тие бои малку ѝ се заврте во главата, се правеше една чудна вртелешка исто како на оној портрет на Феликс Фенеон, пријателот на Сињак, гласноговорникот. Тука помеѓу продуктите во секаква големина врескаа жолтите кругови и ѕвезди, а црвените полукружни ленти создаваа фина глазура со сопствен ритам. М носеше со себе огромен облак на тежина, ама од оној најлошиот, оној што не се раствора во цигари и кафе, Сињак само го издолжуваше времето и не беше од никаква помош. Зарем треба да биде рамнодушна кон вакво работно место? Имаше чувство на пониска вредност, во главата и бучеше од сопствениот глас што ја испраќа во казнено-поправен дом за да разбере дека таа не вреди и нејзиното убаво лице не ѝ донесе никакво добро, само илузија дека може да биде се што сонуваше како малечко девојченце. Презентерка. Промотерка на тоалетна хартија. Си се потсмеваше себе си, чекаше нејзиниот координатор да ѝ каже како треба да им пристапи на муштериите во овој малечок дуќан. Си замислуваше дека нејзината реплика би била: „Добар ден! Правиме промоција на тоалетна хартија, од оваа хартија газот ќе ви биде чист и мазен, а хемороидите за вас ќе бидат минато. Еве слободно пробајте! Вецето е таму, избришете го газот за да видите какво величествено чувство ќе ви предизвика!“
Ама ништо од нејзините фантазии. Координаторот и даде многу едноставен пристап: „Правиме промоција, имаме промотивна цена, ако купите две пакувања ќе добиете гратис салфетки од истата фирма“.
Глупости.
Барем да беше во некој од големите супермаркети, таму ќе можеше да глуми дека работи а всушност ќе си бленеше во големите неонки. Тука, во ова дуќанче сите ја слушаа. Касиерката љубопитно го следеше секој нејзин збор, а продавачките им довикуваа на редовните муштерии дека хартија никогаш не им е на одмет, да си земат додека е таква цената оти утре сè ќе биде поскапо. Роботи, робови, сеедно, така им е подобро на луѓето, си заспиваат навечер лесно како мали, розови бебенца. Забораваат на својот здодевен и мачен живот додека ги гледаат криминалните серии, се подгрева нивната имагинација, благодарни се што ја избегнале напнатоста да бидат погодени од некој куршум, или спалени во каминот на некој лихвар поради коцкарски долгови. На М. и стана мачно да дрдори во својата глава, не сакаше нејзиниот глас да стане многу силен па да се исплаши како некое зајче пред челуста на овој ѕвер. Сопственичката на продавницата си зела слободен ден, па продавачките и дозволија да го испие кафето во нејзината канцеларија. „Газдарицата седи тука“ – си мислеше таа: „Седи тука и ги брои парите, илјадници денари, стотици евра… а јас…“
Се соземаше и повторно љубезно им се насмевнуваше на сите луѓе, весели и тмурни, ја повторуваше истата реченица стотици пати. Правеше сопствена статистика, најмногу ја сакаат дедовците, мажите помеѓу 20 и 30 години и средовечните тетки. Ја мразат младите девојки и трудните жени, сигурно и завидуваа на нејзината витка става, ја мразат старите баби и средовечните мажи. Сепак ништо од ова не беше доволно за да се чувствува исполнето, би сакала да работи нешто друго, креативно или полезно за општеството. Можеби требаше да студира медицина, а не историја на уметност. И беше тешко, нозете ја здоболеа стоејќи покрај полицата на која беа наредени тоалетните хартии. Неколку луѓе го изигнорираа нејзиното понизно поклонување пред нивните купувачки нозе, а еден средовечен маж се развика дека тој не користи повеќе тоалетна хартија бидејќи од такви фирми, како нејзината, добил воспаление на чмарот и од тогаш практикува да се мие по секое одење по голема нужда. Таа не се посрамоти, иако многу очи беа вперени во нејзиното лице. Сакаше да му каже дека воспаление на чмарот се добива и од разновиден сексуален живот, ама се воздржа па си се заврте кон рафтовите со чоколада. Бонбониерите ја носеа во некој романтичен свет, ñ стануваше топло на срцето, се сеќаваше дека е жива. Ја зема најголемата бонбониера за да ја разгледа поубаво, ја заврте а цената напишана на задната страна беше точно колку дневницата предвидена за нејзината работа тој ден. Очите неконтролирано и се наполнија со солзи ама ги запре неочекуван допир на нејзиното рамо. Таа се заврте и виде дека тој стои пред неа, како да ја материјализирал нејзината фантазија, можеби не толку дотеран, но сепак прекрасен.
– Еј… како ти оди? – и рече тој, а таа вџашено гледаше во неговото лице.
Се сепна и заборави дека треба да му каже дека токму тука се случува промоција! Промоција на тоалетна хартија! Ама неговиот блузон, капата и раката што ја држеше во задниот дел на пантолоните и кажуваа дека тој има поинаков план, дека тука завршува нејзината презентерска кариера. Таа е нешто друго, од секогаш била. Тој ја познава, само и дозволи на кратко да и се порадува на скапата бонбониера, ама ја спаси цената на задниот дел, ја спаси од лагите. М се насмевна како мало девојченце кое штотуку престанало да плаче и гордо ги шмркнува мрсулите бидејќи добило подарок заради модрото коленце. Тој и ја задржа главата и ѝ ги бакна мокрите усни. Ја вознемири неговото постоење, тој ја разори нејзината безопасна медитација и без сомнеж ја распара вештачката кожа што таа ја наметна ова утро. На кратко се соблече и водеа љубов, тука насреде продавницава! Не, не, секако дека не! Тој полека влезе во канцеларијата на сопственичката, го зеде клучот и го испрати купувачот кој тукушто плати и излегуваше од продавницата. Тој без размислување ја заклучи влезната врата, го извади едниот пиштол и ѝ го подаде на М. Својот пиштол го впери во една од продавачките. М почувствува дека нејзината инспирација е премногу голема, премногу издржлива за да се загледува во чоколадите, му ја залепи ладната цевка на челото на човекот со воспалениот чмар. Тој се помоча во гаќи и почна да плаче. Де, де, ништо страшно! Таа само го бараше неговиот паричник. Касиерката не размислуваше ниту една секунда туку ја испразни касата. И уште веднаш да кажам, нема да дојде полиција бидејќи ова не е холивудски филм!
М. отиде во тоалетот за да ја отвори задната врата која се наоѓаше токму таму. Тој сакаше да им покаже малку милост на купувачите, па му тутна една крупна банкнота на едно деденце кое одвај одеше и цврсто го стегаше лепчето. Продавачката го прострела со поглед и усилено се накашла. Тој ја загледа зачудено со неговите бистри и невини очи. Продавачката знаеше дека тој сака да биде модерен Робин Худ, а таа мразеше вакви таканаречени благородни гестови бидејќи самата знаеше дека такво нешто на светот не постои. Тој и го поттурна рамото со цевката:
– Што е? – ја праша со заповеднички тон.
– Ништо… само девојка ти ќе умре – рече соблазно продавачката.
Лицето му доби бледо-жолта боја. Тој избезумено се затрча кон тоалетот, ја викаше со нејзиното вистинско име, М. Не се одѕиваше. Влезе во тоалетот.
Нејзиното тело безживотно висеше на јажето извадено од една вреќа за кафе, закачено на надворешната водоводна цевка.

АвторИрена Јорданова
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 56|