Болка и апостроф

Болка и апостроф

– пара-есеј –

Топол, ветровит ден, во едно од нашите кафулиња, сместено спроти зградата на италијанската амбасада. Чувството при влегувањето ми е некако необично, полека сепак, разбирам дека произлегува од новиот stylish image на послугата, во детали усогласен, прилагоден, дотеран според боите / ставот на оние хипердизајнирани телохранители, стражари и администратори отспротива, облечени во црна, бела, црвена боја и хипермодерни облекла.
А кога, максимално cool, влегуваат како на сцена, или во филм, каде претстои мегдан со ривалска група, нивните светнати, брилијантински фризури, совршено мачистички очила за сонце (без оглед на неговото моментално присуство и застапеност горе на хоризонтот), заедно со арогантниот untouchable изглед, создаваат впечаток на театар.
Во сочелувањето на овие фигури со нас, се случува имаголошки двобој, чии победници се, без исклучок, оние Другите, навидум посјајните, постилизираните, поелегантните.
Зашто, додека тие можат максимално да го авторизираат својот изглед (екстериер) и задоволно да го протежираат својот добростоечки, западен идентитет; дотогаш јас, како и моите сограѓани, главно се насочуваме кон самооправдување и самоопсервација на својот дубиозен ентериер, раскошно наполнет со куп неостварени и недопирливи сништа за убавото, безгрижното, лежерното, автентично наше easy living.
Во постојан напор да го дочекаме и докучиме својот идентитет, не знаејќи да се решиме кои сме всушност ние самите? Дали оние, кои однадвор се забележуваат и вреднуваат според некои наброиви квалитети и показатели на современиот животен и културен стил – или, сме оние, што однатре постојат, копнеат, тагуваат, принудени да го играат оној идентитет, наметнат од општеството, останувајќи во раскол со своите неоспорни, духовни, а во допир со околностите на времето и просторот, сепак болни квалитети.
Додека лекторката од една богата, речиси соседна земја, повремено го зема детето од училиште, со колата чиј вграден аларм е фасцинантен; дотогаш, јас сè уште, се возам главно по списанијата, земајќи наркотички overdose од текстови и идеи, неопходни за пребродување на ова гламурозно време на статусни симболи и икони на моќта.

Во меѓувреме негодува и мојот шеф, не можејќи, од перспективата на своите приватни базени и вили, да се помири со мојата хипертрофирана глад по текстови (глад за израз), моето расипување на времето и еросот, ерос на тажната моја заробеничка екстаза на секојдневието.
Болката и несамоидентичноста на интелектуалецот; неговото искуство на маргиналец, аутсајдер, азилант; во сопственото милје, во сопствената култура и земја, којашто повеќе не го смета како вредност за себе; длабоко продира во мене и ме разјадува. Предизвикува шизоидно искуство; криза на идентитетот; фрустрација како доминантен модалитет на самоодносот, чувство на вина, поради тоа што сè уште немам ниту соодветен, следствено и легитимен показ на мојата сообразеност со императивите на кибер-просторот, виртуелната реалност, силиконската долина.

И зарем навистина, love is all you need?
И зарем навистина, макар и симболично, биологијата триумфира над идеологијата?
И зарем, во вакви прилики, љубовта, бидувајќи единствена алтернатива, попрво асоцира и заличува на принуда, на бескраен процес, на несоница и несполука?

Во својата неутешност, знаејќи дека сум кукла на немоќта, реликт на Другоста; што се очекува да исчезне, да биде совладана, соџвакана, проголтана; зарем чекањето, самото Чекање, како мудрост, трпеливост, како верба во проточноста на времето, кое безутешно врви и одминува, заедно со сведоштвата на мојот живот; зарем чекањето ќе остане единствената, само моја одлука (или акција)?

Чекањето (на) ред, наспроти ригидната безнадежност и обездоменост во светот, во општеството, во семејството, во Себеси;
Чекањето (во) ред, наспроти растечката закана и губитокот на супстанцијалноста;
Чекањето, како бесповратно, бесконечно одложување на себеси, и својот идентитет …
Животот како чекање и таложење.
Горчина на самоодлагањето.
И немир во стутканото огледало.

АвторЕлизабета Шелева
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Критика, Литература|