Бебето-радио

Бебето-радио

Сигурна сум дека мајка ми полудува. И само јас забележувам. Бидејќи новото бебе шмрка во малата спална на горниот кат, далеку од нас. Стојам и го слушам бебето од дното на скалите. Мајка ми вели да го засилиме гласот на радиото секогаш кога бебето почнува да цимоли. Вели дека бебето не мисли ништо кога го прави тој звук, само потпуштете го радиото, до Бога. Ако се посомнева дека одам до скалите да слушам, ме вика и ме прекорува како да имам шест години. Можеби и имам, си мислам, веројатно сакам да имам. Кога ѝ велам дека бебето ја бара, дека е гладно или дека му студи, таа ќе ме погледне како кога бев малечка и кога ќе ме фатеше дека лажам. Има совршено добро објаснување, вели таа смирено: детето се вклучува пред мене.
Го ѕирнав бебето вчера, кога мајка ми си дојде дома. Не ја очекувавме уште два дена, излегла пред време, се јавила да дојде такси, па тато и Тамар сè уште беа кај баба. Јас првпат бев сама. Планирав да исчистам, можеби да купам цвеќе, барем да зготвам нешто, пред да дојде таа. Бев во бањата, косата ми беше намачкана со шампон, кога некој чукна на надворешната врата. Останав кај што бев, има толку чудаци што одат по куќи деновиве, а и не очекував никого. Чукањето не престана, па станав од кадата и потрчав до полуотворениот прозорец и ѕирнав надолу. Мајка ми се потпираше на ѕидот на тремот. Ја видов нејзината ретка руса коса што ѝ леташе околу главата и розовата кожа на нејзиниот скалп, како скалп на пластична кукла. Под раката држеше еден врзоп, на земјата до неа се лизгаше една голема сина вреќа. Додека стоев таму, а пената од шампонот ми се цедеше по рамената, сакав да не одговорам на тропањето. Знаев дека сешто може да се случи кога ќе се отвори вратата. Така, малку постојав и ја погледав, а мајка ми го преместуваше врзопот на колкот и се навалуваше напред за да го потпре челото на вратата.
Во кујната се обидувам да ја скријам планината од валкани садови во мијалникот. Ѝ нудам шолја чај на мајка ми. Сè по ред, рече таа, и го премести бебето од колкот. Беше големо, крупно момче со осип преку горната усна. Мајка ми го одмота врзопот од ќебињата и го префрли бебето преку рамо како мало купче водени алишта. Не ми се допаѓаше како главата му се мавта напред-назад. Вратот му се чинеше прекревок за тоа. Мајка ми не изгледаше природно со бебето, и сето време додека го држеше, лицето ѝ се грчеше во нешто што прво мислев дека е насмевка. Се појави кога слушна дека бебето плаче; повеќето луѓе би се измамиле, но не и јас. Откако малку постоја во кујната и погледна во сè како да ѝ е првпат, се сврти и рече дека ќе го остави бебето на место.
Мајка ми се облече во најубавиот фустан, светло розов со фарбели на ракавите и околу јаката. Престудено е за тој фустан, па рацете ѝ се намовнати. Ѝ носам џемпер, ама таа вели, не, толку е жешко овде, ѝ треба време да се олади. Не се измила од вчера, а треба. Ако се приближам, ќе помирисам скиселено млеко и нешто друго што не можам да го идентификувам. Одбива да ми одговори на прашањата. Мислам дека не ги ни слуша, го слуша бебето, телото ѝ се извива накај ходникот, во мислите патува по долгиот, неосветлен ходник додека не запре пред затворената кремаста врата. Розовиот фустан е за девојки, претесен ѝ е на градите. Стомакот ѝ го влече предниот дел напред, па ѝ се гледаат голите колена. Ѝ тече млеко преку комбинезонот. Материјалот станува крут од млекото што се суши. Се гледа дека дојките ја болат, нежно ги потпира со прекрстените раце. Лицето ѝ е зацрвенето. Мислам дека се разболува. Радиото свири цело време. Кога ќе слушне и најмал коментар, се исправа, веднаш заинтересирана. А не, вели, без зборови, без разговор, без глупави муабети, до Бога, и си игра со копчето за да најде музика. Би било добро да ја најде Moon River, вели тивко, ама сеедно. Кога собата пак се полни со ноти, се опушта.
Не јаде ниту мајка ми ниту бебето. Ѝ го подготвувам омиленото јадење. Пржени јајца и крем. Многу сум внимателна со малечките триаголничиња тост. За да изгледаат уредно. Ама таа ме гледа со подмолно знаење, како да знае нешто за храната што јас не знам. Плачот на бебето ја смени мелодијата, се спушти една октава, се уморило од повикување. Кога таа пред малку заспа кратко и немирно, се искрадов и застанав пред спалната. Се обидов да ја отворам вратата, ама не можев, мајка ми ја беше заклучила. Не видов клуч. Од другата страна се слушаше тивок шум, како збивтање.
Сега мајка ми трча низ куќата спуштајќи ги завесите. Нешто доаѓа, вели таа, нешто многу важно. Што, што, ја прашувам, ама таа не ми одговара. Додека се оддалечува, гледам дека на задниот дел од розовото платно на нејзиниот фустан цутат флеки од крв, некои свежи, некои постари и потемни. Можеме да излеземе, ми дофрла преку рамото, да не беше радиото. Ја следам во чекор. А бебето, велам, не смееме да го оставиме бебето. Таа полека се врти да ме погледне. Мммм, да, бебето-радио, вели таа, и нишка со главата, ги подзатвора очите и го тапка носот со показалецот.
Во текот на денот неколкупати чукаат на влезната врата. Таа ми вели не, не треба да одговорам, и со телото ми го блокира патот. Ама мамо, велам, веројатно е патронажната сестра, дошла да те провери. Таа ми вели да не бидам глупа. Сестра? Не сум болна, вели. Го исклучува телефонот кога ме фаќа кај што сакам да му се јавам на тато. Телефонирањето ќе ги наруши звучните бранови, вели.
Сега е доцна навечер, а мајка ми со саати седи на потпирката на еден стол во дневната, како некоја луда птица. Седи таму, ме убедува, покажувајќи нешто нејасно. Бебето е тивко. Во кујната свири радиото. Овде во дневната свири грамофонот. Сега ќе стигнат пораките, ми вели. Мораме да слушнеме какви се инструкциите, да бидеме во тек. Ќе ни кажат што да правиме со бебето, ја прашувам. Таа се лизнува од потпирката на столот и искривено се потпира на седиштето како кукла од партали, со раширени нозе. Лицето ѝ сјае на слабата светлина од прекинувачот. Молчи, ми вика, еве сега ќе примам порака. Најди пенкало и хартија. Бројам, вели, со разигран, детски глас. Ако избројам до десет, а тебе те нема, ќе дојдам и ќе те најдам, и тогаш ќе биде забавно.
Мајка ми изброи до осум кога се вратив во дневната. Седнав спроти неа и гледам дека броела на прсти. Вака нема да направам глупи грешки, вели, и ги дига двете дланки горе. Седиме и слушаме радио. Мајка ми започнува да чкрта по хартијата, од време на време запирајќи да слушне. Ја прашувам што црта. Го цртам детето горе во собата, вели, и ја дига хартијата. Нацртала голо бебе кај што лежи на некоја трева. Од вратот надолу изгледа нормално, ама наместо глава има радио. Од устата на радиото излегуваат ноти. Потоа гледам дека наместо папочна врвца од папокот на бебето излегува електричен кабел. Кабелот оди кон горниот дел на хартијата и завршува во еден неповрзан штекер. Што значи ова, ја прашувам. Ова е бебе-радио, ми вели стрпливо, како да сум многу глупа. Седиме во собата. Мајка ми се бори со тешкиот грамофон и го влече в скут. Жиците се оптегнати преку потпирката на столот. Таа ги врти копчињата. Од џебот извлекува едно парче ткаенина и почнува да го брише радиото со големо внимание, од време на време тапкајќи го и галејќи го. Набргу ќе знам што да правам, вели. Само треба да почекам. Пораката ќе си дојде.
Се обидувам да внимавам, но набргу чувствувам дека паѓам, дека тонам во сон. Во сонот, радиото свири, а далеку, далеку, меѓу нотите, некое бебе плаче, како мало интермецо, а потоа одеднаш престанува. Се будам. Завесите се отворени, а радиото е тивко. Има некоја атмосфера на исчекување која се чини дека трепери по белите ѕидови на куќата. Слушам како мајка ми тешко се спушта по скалите. Ја отвора вратата на дневната и ми се приближува. Гледам светла, влажна флека на нејзиниот образ. Така, вели, давајќи ми го клучот од спалната и тресејќи ги рацете, засекогаш го исклучив радионо.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторДебора Кеј Дејвис
2018-08-21T17:20:45+00:00 март 2nd, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 94|