Архивски мозаик

Архивски мозаик

(Влад Тепеш, Дракула – 1431-1476 – трипати кнез на Влашка. Ракописи за него се чуваат во швајцарскиот манастир Сен Гален, во една ленинградска библиотека и на многу други места во Романија. Крволок. Легенда. Вампир).
Долго време по животот на Дракула во еден град живееја Влад и Атарта со синот Мирча. Со заедничко презиме Сигишоара, семејството беше меѓу десетте најбогати во градот, познат по производство на лак за женски клепки приготвен од очи на дунавски крап. Влад беше висок стошеесет сантиметри. Ноќе раснеше и пак, преку ден, се намалуваше. Со некаква турска или татарска шапка за домашна употреба, големоок, со танок прав нос, жолт личеше на еден портрет од XV век, и денес во австрискиот замок Амбрас, близу до Инсбурк. Агарта имаше бели очи и бели нокти. Во саботите изгледаше двојно послаба отколку во другите денови. Мирча стоеше на рахитични нозе и некако ја држеше на раменици главата со киклопски обем. Од перче на својата коса цедеше гласови на харфа. Таткото не ја поднесуваше зимата. Студот го начнуваше. Од тоа на себе носеше сто и осум лузни, по три за секоја своја година, доколку беше стар само 36 години. Мајката го мразеше летото. Имаше наметка од сребрени лисици и во неа изгледаше како дворјанка. Ја чуваше во дрвен сандак на чиј капак стари мајсори изрезбариле трансилвански волци. Синот немаше лузни и немаше крзнена наметка. Имаше кучешки уши и не ги сакаше родителите. Влад следеше една вера, Агарта друга. Со помош на темни сили, тие ги венчаа своите вери. Се роди трета. Непозната. Влад и Агарта му ја залепија новородената вера на Мирча на очи како што се лепи сурово месо на модрина. Прикаската за нив ѓаволски се замрси.
(Од кажувањето на сведокот А, домаќинка, позната по своите многубројни скакулци извезени на јарешки кожи):
Околу полноќ, помеѓу 5 и 6 септември во таа година, ја разбудиле грозни вресоци, да се поверува дека тоа пеколот се отворил над улицата во која живееше во близина на семејството Сигишоара. Растреперена, не веќе во постела, со страв погледнала низ прозорецот. Како на сцена осветлена од месечина, Влад и Агарта панично бегале пред синот Мирча, крвави, по се изгледа нападнати додека спиеле. Нивното момченце трчало по нив со долг нож во рака. Во таа демонска игра Влад и Агарта биле мали, а Мирча, двојно поголем од себеси; имал волча муцка, исклештена и забеста. Така, во бегство и во брканица, сите тројца се изгубиле во куќата во која живееле и од која по неколку минути прснал оган во чија демонска јарост веројатно се спепелило семејството Сигишоара. Огнот згаснал брзо како што и дошол. По неколку минути на тоа место немало жар и немало пламен. Немало ништо.
(Од кажувањето на сведокот Б, самостоен хемичар познат по производство со кое се спречувало косата да пушти корен кон мозокот, од што, според негови испитувања, се задушувале прогресивните мисли):
Се враќал од свадба на вујко му. Кога видел светлост во куќата на семејството Сигишоара, несвесно ѕирнал низ приземниот прозорец со танка завеса и видел обред на една туѓа, за него непозната вера. Влад, Агарта и Мирча седеле на три столчиња без потпир, се нишале лево и десно, пееле. Зборовите на песната излегувале од нивните усти во облик на кугли – некои црвени и модри, другите незрели и скоро безбојни. Кога куглите ќе се допреле се распрснувале и станувале пламен. Тоа било сè што видел. Куќата пребрзо изгорела.
(Од прикаската на сведокот В, човек со свој стадион од стакло за трки на лебарки и пајаци):
Во ноќта на пожарот тој не можел да заспие и седел на терасата од која се гледала куќата на семејството Сигишоара. Бил свртен со очи на таа страна. Така и го видел настанот. Тие, таткото Влад, мајката Агарта и синот Мирча, во луд ритам танцувале на покривот на својата куќа. Од таа сцена и призрак ќе се наморничавел. Изговарајќи со крици некаква своја молитва, тие пламнувале. Сè повеќе и повеќе. Пред сведокот В да се соземе, огнот ја зафатил целата куќа. Од неа и од семејството Сигишоара не останало ништо.
(Наод на вешто лице во врска со групната хистерија по еден пожар, со што паѓаат под сомнение сите три сведочења):
Соопштението од различни лица за настанот во кој, наводно, изгореле и коските на тричленото семејство Сигишоара, можело да се смета за самоизмама. Тоа била состојба на хистерија, за што опширно се зборува во неговата научна расправа Духот како медиум на сопствените заблуди, како и во тезите за лажните сетила на битието во денешниот стадиум на развиток:
1. Еднаш во сто години, кога српот на една друга месечина ја жнее `ржта на зодијачкиот појас, доаѓа до одредени измени во човечката психа. Под третата наслојка на свеста се буди во темни коридори нагонот на предците. Тој нагон… во централниот дел на свеста слики за кои може да се каже дека се паганска библија; се доживуваат настани што не се случиле. Таков настан е и доживувањето на визионерот Емануел Сведенборг кога во 1744 година се сретнува со севишниот, како што тврдел, без страв дека ќе биде осуден како измамник.
2. Групната хистерија може да се јави и под влијание на инсектно беснило. Го пренесуваат најмногу гасениците и пеперугата т.н. борова вештица (Splinx pinastri). Тие голобрсти чудовишта ги напаѓаат и шумските животни и ги соголуваат до коска како на некоја Холбајнова гравура. Вирусот на овој вид беснило се пренесува на луѓето по воздушен пат, а самата болест е поминлива. Трае шеесет секунди и не остава никакви последици.
3. Еден од најпресудните фактори на групната хистерија е друг феномен. Доломитните карпи од калциумов и магнезиумов карбонат зовриваат слично на вар откако над нив дијагонално ќе се крстосаат вселенски болиди, во прв ред оние од метеорската група во соѕвездието Лав. Тогаш доаѓа до необичен процес: човечкиот мозок ги присилува сетилата да доживуваат нестварности.

(Полициски извештај, две години по пожарот, погоре споменат од страна на сведоците А, Б и В):
Во близина на Брешов најдено е во урнатини на стара црква бедно семејство во состав од следните лица: Влад, татко, Агарта, мајка, и Мирча, син. Тие самите си ги соопштија имињата, меѓутоа, исцрпени, не беа во состојба да одговорат ниту на едно прашање. Следува дополнителен извештај.

(Од дополнителниот полициски извештај се дознава дека трите споменати лица ги снемало преку ноќ од болницата во која се наоѓале за да закрепнат. Во извештајот не се спомнува името Дракула).

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 33|