Антологијата како варијанта на интерлитерарна рецепција

/, Литература, Блесок бр. 84/Антологијата како варијанта на интерлитерарна рецепција

Антологијата како варијанта на интерлитерарна рецепција

(Ольга Панькина. Рассказы македонских писателей. Москва : Окоём, 2009)

„Што сакам да кажам кога го употребувам изразот ‛книжевноста/книжевностите’? Сакам експлицитно и јасно да истакнам дека ‛литературата’ има конзистентност на една слика која би требало да одговара на идеалното присуство на едно наследство, заедничко за различни цивилизации. Еден вид бескрајна и прогресивна библиотека… Едновремено – косата црта поставена меѓу книжевноста (и) книжевностите јасно зборува за тоа – книжевноста постои само во конкретните книжевности создадени на различни јазици; нивното вавилонско различје води кон едно флуентно соединување преку преводот; од своја страна, преводот е заедничко наследство на човештвото создадено од безбројни преводи кои отсекогаш ги пронижуваат сите јазици и од незадржливата моќ и понатаму да ги пренесува текстовите и пораките меѓу одделните светови … Книжевност/книжевности: косата црта (која служи како преграда и како спојка) се нарекува ‛превод’: тој го активира виртуозниот круг на светскиот дијалог којшто се одвива преку литературите и нивните дискурси…“
Компаративната книжевност се предлага како учење и дискурс што се труди да соодветствува на оваа моќ на книжевноста/книжевностите, како нивна придружничка, а исто така и како знаење кое ги преведува книжевните вредности во дискурс отворен кон плуралноста, дискурс којшто можеме да го реализираме сите заедно и подеднакво во светот, преведувајќи ги едните кај другите, и едни покрај други, односно благодарение на бескрајната мрежа на реципроцитети и разлики (Њиши 2006, 9–11). Ова пледоаје на преводот и на компаративната книжевност е во функција на посочување на нивната заедничка дијалошко-спознајна и интегрирачка моќ, којашто резултира со обезбедување на комплексно присуство на светот/книжевноста и со можноста за симултано постоење на различни светови/книжевности.
Во сферата на практиката, дијалошкиот трансфер на текстовите и на пораките меѓу одделните светови/книжевности, вообичаено, го следи векторот на преведувачко приопштување на (белетристички, особено, бестселерски и научни) изданија од, условно кажано, „големите“ книжевни, јазични и културни средини во, условно кажано, „малите“.1F Поретко, но сепак, евидентно, е и движењето кое се одвива во обратна насока, процес којшто добива уште една потврда во антологијата на македонскиот расказ, објавена на руски јазик, насловена како Раскази на македонски писатели (2009). Изборот и преводот се направени од страна на познатиот македонист Олга Пањкина, која го објавува ова издание како прво во проектот именуван Библиотека на литературата на Македонија, со најава и на следните изданија од областа на драматургијата, на поезијата, на литературата за деца, на критиката и на есеистиката.
Станува збор за импозантен зборник од 553 страници во којшто се поместени седумдесет раскази од педесет македонски писатели. Изданието вклучува и неколку интересни паратекстови: воведна реч на составувачот/преведувачот, предговор на академик Милан Ѓурчинов, куси биобиблиографии на застапените автори и преглед-листа на раскази од македонски автори, кои се публикувани на руски јазик во периодот 1958–2008-та година. Ваквата паратекстуална враменост на расказите има инструктивно-информативна вредност не само за рускиот читател, туку и за македонскиот, со оглед на тоа што паратекстуалната рамка обезбедува историски и критичко-теориски преглед на развојот на македонскиот расказ, но и увид во компаративно-рецепциските процеси на македонската расказна продукција во Русија. Со оглед на ваквата структурираност, зборникот, недвосмислено, ги илустрира појдовните констатации на Армандо Њиши по однос на функциите на преводот и на компаративната книжевност: имено, презентацијата на раскази од македонски автори на руски јазик ја афирмира посредничката функција на преводот, како еден механизам на интерлитерарна рецепција, при тоа иницирајќи го компаративното читање и толкување на расказите, но сега од перспективата на рускиот читател и толкувач. Во крајна линија, тоа отвора можности за компаративно проследување и на интерпретациите на овие раскази.
Именувањето на изданието како зборник (од страна на Пањкина), односно како антологија (од страна на Милан Ѓурчинов и на Ала Шешкен) ја допушта неговата рецепција низ два дескриптивни параметри: како компримирана хетерогеност и како синхрониски приопштена дијахронија. Овие синтагми, сфатени како дескриптивни параметри на секој антологиски избор, ја имплицираат неговата втемеленост врз вредносни и критички критериуми, вклучително и критериумите на селекција и на комбинација. Неопходноста од овој комплекс критериуми е уште поголема во конкретниов случај, бидејќи тоа се основните координати врз кои може да се компримира хетерогеноста на македонската расказна продукција, создавана во широка временска рамка од шест децении. Неминовноста на критериумите, но и нивната рестриктивност ќе бидат освестени и во предговорот на преведувачот/составувачот: „Се разбира, во еден зборник не може да се сместат сите имиња и сите дела кои се достојни да бидат вклучени во него. По својата неопходност, по сообразувањето на обемот, зборникот е делумен. Од тие причини, расказите кои претходно се преведени на руски јазик и кои му се веќе познати на читателот остануваат надвор од границите на овој зборник“ (Пањкина 2009, 5).
Прелиминарните, селективно-комбинаторни принципи кои го управуваат изборот на Пањкина резултираат во издание во кое дијахронијата на македонскиот расказ е подредена хронолошко-генерациски. Како за илустрација на оваа подреденост и на панорамската широчина што се имплицира на тој начин ќе споменеме дека авторот со кој започнува зборникот – Иван Точко е роден 1914-тата година, додека, пак, последниот автор којшто е застапен во зборникот, Гоце Смилевски, е роден 1975-тата година. Секако, станува збор за формален принцип на организација на изданието, бидејќи, и според објаснувањето на Пањкина, меѓу педесетте автори во зборникот се наоѓаат не само класиците на македонската книжевност, туку се вклучени и најдобрите млади автори, претставници на сите книжевни правци. Со оглед на овој сплет критериуми, антологијата функционира како интергенерациска проекција на одликите на македонскиот расказ, како разновидност од расказни парадигми, од наративни сензибилитети и од стилско-поетички доминанти и специфики – и во авторска, и во стилскоформациска смисла. Зборникот Раскази на македонски писатели нуди повеќекратен увид во развојните тенденции на македонскиот расказ: увид во расказните репрезенти на реализмот, на модернизмот и на постмодернизмот, во нивната тематска хетерогеност, во доминантните постапки (како на пример, фрагментарноста, колажот, цитатноста, различните интертекстуални варијанти, борхесовските псевдорезимеа, гротеската, иронијата, пастишот, апокрифноста, карневализацијата), во манифестациите на женското писмо. Несомнено, конципираноста на зборникот како компримирана хетерогеност му дава двоен квалитет: не само да понуди панорамски, поетичко-дијахронски и системски приказ на македонскиот расказ, туку и да ги задоволи различните рецептивни очекувања кај читателите, така што зборникот, во старт, претендира на поширока публика.
Симултано-синхрониското, антологиско оприсутнување на неколку расказни и раскажувачки парадигми не само што нуди увид во еволуциската хоризонтала на овој жанр во македонската книжевност, туку има и пошироки системски импликации, овозможувајќи го и вертикалниот пресек на теориска дескрипција и типологија на македонскиот расказ. (Во таа смисла, врз основа на репрезентите кои се вклучени во зборникот, можно е да се идентификува фантастичната парадигма како една поетичка доминанта на македонскиот расказ).
Дионис Ѓуришин, одредувајќи го преводот како еден од посложените облици на посредништво, односно како интерлитерарна рецепција, како вид креација и метакреација, предупредува на вообичаеното игнорирање, односно недоволното вреднување на улогата што ја има личноста на преведувачот, неговиот вкус, неговата уметничка самобитност и односот кон оригиналот, т.е. потценувањето на фактите кои ја карактеризираат поетиката на преведувачот (1997, 50). Релевантноста на овие сугестии станува особено евидентна во рамки на преведувачко-составувачките ангажмани. Оттаму, изборот на македонскиот расказ направен од страна на Пањкина, заедно со вредносните критериуми врз кои се темели тој, нè освестуваат дека антологиското издание е крајниот, видлив продукт на еден комплексен процес кој ги подразбира и читачката активност и преведувачкиот напор на антологичарот: да се прочитаат мноштво раскази, секој од нив да биде одделно разгледан, но и да се постават во компаративен контекст. Впрочем, таа димензија е констатирана и од страна на професорката Ала Шешкен, по повод московската промоција на зборникот, одржана во октомври 2009-та година: „Ова е редок потфат, зашто од преведувачот, покрај блескавото познавање на македонскиот јазик, литература и култура, се бараше и умешност да се приближат до рускиот читател особеностите на индивидуалниот стил на повеќе од педесет македонски автори, избирајќи ги најкарактеристичните нивни раскази“ (Шешкен 2009, 15). Компетентноста на Олга Пањкина како преведувач/составувач на овој зборник е неспорна ако се земат предвид неколку факти: дека дипломирала на Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ (претставник на првата генерација студенти на Одделот за македонски јазик), дека е повеќекратен учесник на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид и дека, покрај препевот на голем број песни од македонски поети, на руски јазик ги превела и романите Големата вода од Живко Чинго и Пиреј од Петре М. Андреевски и монодрамата Јустинијан Први од Јордан Плевнеш. Таа компетентност, дополнително, е потврдена и од страна на Пањкина, којашто ги лоцира сопствените научни интереси и афинитети токму во доменот на „современиот македонски јазик, пред сè на лексикографијата, на теоријата и практиката на преведување од/на словенски јазици“ (Пањкина 2009, 14).
Посматрајќи ја целината на зборникот и презентираниот сооднос меѓу паратекстуално-воведно-објаснувачкиот дел и текстуалниот комплекс што го сочинуваат расказите станува индикативна врската меѓу предговорот на академик Милан Ѓурчинов и антологискиот избор на Олга Пањкина со оглед на нивната комплементарност и, особено, со оглед на функционалноста на предговорот како вистински уводник не само во еден антологиски избор, туку и, пошироко, како вовед во историјата и во теоријата на македонскиот расказ. Таа функција на предговорот ја открива и академик Ѓурчинов, сметајќи ја оваа книга како „повод и можност многу потемелно да му раскажеме на рускиот читател за овој жанр на македонската книжевност“ (Ѓурчинов 2009, 6). Оттаму, за секој читател на антологијата, предговорот има вистинска енциклопедиска вредност: како што сведочи и неговиот наслов, предговорот нуди книжевно-историски преглед и книжевно-теориски пресек на македонскиот расказ низ призма на:
1. причините за неговата задоцнета појава, наспроти поетските и драмските репрезенти кои се присутни уште во периодот меѓу Двете светски војни;
2. одделните (тематски, стилски, поетички) доминанти и специфики на развојните фази и нивниот придонес во обликувањето на овој жанровски систем во македонската книжевност и, особено, придонесот на поединците;
3. компаративно согледување на еволуцијата на македонскиот расказ, стимулирана низ интерлитерарните релации, главно, со советската/руската, со англоамериканската и со француската книжевност, како и проблемите кои произлегуваат од отсуството на тие релации, за што една аргументација Ѓурчинов пронаоѓа во повеќедецениската изолација од соседните книжевности, во „отсуството на поглед од страна“. „Исклучително националните критериуми и етноцентризмот, исто така, даваат почва за појава на самоувереност која не е заснована на ништо, а честопати и појавата на манија на величина кај некои творци“ (Ѓурчинов 2009, 20).
Предговорот содржи и критичка и метакритичка димензија со оглед на тоа што го освестува недостатокот од критичко-вреднувачки однос кон расказната продукција во Македонија. Експанзијата на расказот во македонската литература во последните децении на 20 век ја осведочува „животноста на жанрот“, но, подеднакво ја осведочува и „доминацијата на квантитетот над квалитетот“ (Ѓурчинов 2009, 19), како и отсуството на соодветна критичка верификација на таа продукција: „Исчезна активниот и критички однос кон новата реалност, критиката воопшто замре, се западна во аксиолошки релативизам и во висока теоретска реторика при што во критиката нема одговор на прашањето: што во таа изобилна продукција е значајно и вредно, а што не е“ (Ѓурчинов 2009, 20).
За секој автор, читател и проучувач на книжевноста неспорно е задоволството кое произлегува од ваквата презентација на македонската книжевност во рамките на една книжевно-јазична средина со која нè врзува припадноста кон заедницата словенски јазици/книжевности и со која го споделуваме заедничкото книжевно минато на соцреалистичката поетика и естетика, или, пак, на одделните авангардни/модернистички тенденции. Иако, навидум и повремено, релациите со руската книжевна и културна средина се чинат отсутни, сепак, вистината е дека тие релации се само недоволно видливи и промовирани. И токму изданијата од овој вид, како зборникот Раскази на македонски писатели, нè потсетуваат на постоењето на тие врски. Впрочем, и самата Пањкина од позиција на преведувач/составувач го посматра овој зборник како уште еден прилог кон одржувањето на континуитетот во доменот на преведувачкото приопштување на македонскиот расказ пред руската читателска публика. „Зборникот ја дополнува таа слика на книжевноста на Македонија која е создадена кај читателот, главно, благодарение на книгите Современа југословенска новела (1965), Растопениот снег (1965), Пожар (1973) и Повести и раскази на југословенски писатели (1978) и има за цел најцелосно да ја претстави современата македонска ‛мала’ проза во сета нејзина разновидност“ (2009, 5).
Нема сомневање, антологиската презентација на македонскиот расказ на руски јазик се покажа како најдобар медиум за претставување на еден (жанровски) аспект на македонската книжевност токму низ призма на неговата разновидност. Имено, антологијата, сфатена како „цитатен илустративен жанр“ (Ораиќ 1990, 59) успешно ја исполнува функцијата на репрезентација и на усвојување на туѓите текстови и културни традиции, потврдувајќи се како едно средство за одржување на „виртуозниот круг на светскиот дијалог“ (Њиши 2006, 10).

Библиографија

• Гюрчинов, Милан, „Пути и свершения: зарождение и развитие македонского рассказа“, предисловие к Рассказы македонских писателей. пер. и сост. Ольга Панькина Москва : Окоём, 2009, стр. 6-22.
• Ѓуришин, Дионис, Шта је светска књижевност? НовиСад/Сремски Карловци: Издавачка књижарница Зорана Стојановића, 1997Oraić-Tolić,
• Њиши, Армандо, „Компаративна книжевност“ предговор во Компаративна книжевност. Прир. Армандо Њиши, Скопје: Магор/Друштво за компаративна книжевност на Македонија, 2006, стр. 9–19.
• Oraić Tolić, Dubravka. Teorija citatnosti. Zagreb: GZH, 1990.
• Тасевска, Роза. „Олга Пањкина – потврден македонист“, Универзитетски весник. Скопје: Издание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, посебен број 97, август, 2009, 11-15.
• Шешкен, Ала. „Раскази од македонски автори – антологија“, Универзитетски весник. Скопје: Издание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, посебен број 97, август, 2009. 15-16.

#b
1. Една од бројните илустрации на овој процес претставува и антологијата на светскиот расказ, насловена како Свет во мало, прир. К. Ќулавкова, Скопје: ПроЛитера, 2008.

АвторМарија Ѓорѓиева Димова
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 84|