Активен наратив

Активен наратив

(Спиј пред вечерта од Магдалена Бол)

#1 Во својот дебитантски роман Спиј пред вечерта (Bewrite Books, United Kingdom, 2007), Магдалена Бол проникнува во психичкиот лавиринт на тинејџерската деликвенција. Книгата ни ги покажува проблемите на хероината Маријана Котон, седумнаесетгодишна девојка со уметнички талент, која заради празнотијата на животот посегнува кон дрогата и завршува блиску до смртта. Од смртта на нејзиниот сакан дедо до скоро фаталното предозирање, животот на Маријана покажува модел на нарушена приврзаност кој се појавува во повеќето (ако не и во сите) случаи на младешката деликвенција. Ова е измислен, но темелно проучен случај на најкревката возраст и на елементите кои водат до нејзина дезинтегарција.
Лоциран во 1982 година, Спиј пред вечерта е активен наратив воден од ликовите, кој се фокусира на сликите, говорот, чувствата и соништата на Маријана, отворајќи го нејзиниот ум за истражување на читателите. Талентот на нејзиниот уметнички дух, кој штотуку се појавува, го попречува смртта на нејзиниот ментор, дедо ѝ, и неможноста на мајка ѝ да ѝ ја даде потребната љубов и грижа. Набргу потрагата на Маријана по мир и врски со другите луѓе започнува, и ја застранува како паднат лист на ветрот. Контролата на авторката врз приказанта е мајсторска, нејзината проникливост е во комбинација со нејзините исклучителни наративни вештини да напише приказна која го прикажува случајот на милиони млади корисници на дроги, токму овде, меѓу нас.
Спиј пред вечерта
сигурно е повеќе од роман. Тоа е искрен коментар за семејните и општествени елементи кои го кинат нежното ткиво на невиноста од животите на младите. Маријана пред читателите е вистинска приказна за осаменоста, а нејзиното преживување зависи од воспоставувањето човечки врски. Сепак, нејзиниот неуспех да најде таква врска во преполниот град бидејќи луѓето несигурно и грозничаво трагаат по кариера, слава и пари, е трагедија над која вреди да се замислиме. Дали таа ќе излезе од овие бурни води или не е друго прашање; потребата да ја разбереме, да ја побараме во нашите домови и животи, и да ѝ помогнеме да излезе од своите маки е клучно за нашето сопствено преживување како луѓе на оваа планета.

(Објавено во Book Pleasures, на 6 октомври 2007 година.)

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторЕрнест Демпси
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 61-62|