Австриски глави

Австриски глави

Меко, повеќе како да се спушта отколку да паѓа, се врати капетанот во онаа топла сласт на мирисната трева. Се задржа на едното колено. Лицето му го допре кофилот којшто благо го милуваше, веќе сосем до неговите очи. Го спушти и другото колено на земја. Уште го држеше својот карабин, награда од сеармискиот натпревар одржан во Грац во 1912, во летото, некако токму во ова време, можеби токму на денешен ден, му мина низ главата, и живо пред него излезе тој момент, додека од рацете на полковникот Штал го примаше овој ист карабин, а онаа слатка madchen Паула му се насмевнуваше со сјајните очи, со златната коса, во снежно-бела блуза и фустанче со трегери црвени како шумска јагода, стоејќи во првиот ред, во средината помеѓу своите уважени mama und papa, коишто ќе му станат, веќе во есента таа иста година, тест и тешта, и сите срдечно и среќно му ракоплескаат…
Капетанот Францискус Тракл ги рашири рацете како никогаш порано, толку многу што и самиот се изненади; како да се од гума, или без коски и лигаменти, неговите раширени раце пред неговите очи се истегнуваа сè подалеку, преку границите на ова боиште, и како од шега достигнуваа до самиот хоризонт, којшто, му се причини, само да посака, ќе може да го прегрне. Почувствува дека некаде тргнал, дека вака се заминува од сопствениот живот.
Сега, сè уште можеше сè што би посакал. Со усните нежно ги допре усните на својата љубена, истовремено знаејќи дека тоа чувство веќе никогаш нема да се повтори, ниту, пак, ќе се замени со некое друго. Сета чувственост постепено гаснеше, одумираше, како кога трне раката налактена во премека перница. Како да го запрел сопствениот живот, а сепак, имаше доволно присебност да забележи, во чудо, како потполно јасно го следи сè подалечниот лет на оние орли, остро оцртани во таквата проѕирност на небото, како од него да е исцицан и самиот воздух.
Особено се зачуди што и покрај сè посилното чувство дека и самиот тоне во небесниот амбис, и дека веќе станал една од оние ситни, далечни точки во коишто се претворија орлите, сепак, совршено јасно, од непосредна близина, веднаш крај очите, ги гледа цветните латици на модриот енцијан, златестиот отсјај на планинското лутиче, густиот букет на небесниот гласник што како икебана се пробил низ базјето мов, и што сосема јасно го препознава продорниот, горчлив мирис на чемериката.
Капетанот Францискус Тракл сфати дека тоа ненадејно надојдениот копнеж за иднината му се соочил со наглото откритие дека тука, на оваа прекрасна ливада, наскоро ќе лежи мртов! Или дека веќе лежи…
Сите чувства низ коишто го знаеше своето тело, радоста, бодроста, гладта, страста, жедта, исчезнале како што истекува гној од притисната рана. Почувствува како слабее нагло а безбрижно, како што пеперутките слабеат во рана есен.
Помисли дека сетилата му се изостриле преку секоја разбирлива граница, дека ги грабаат и ги обликуваат светлата, мирисите, звуците… со полнота и магија со коишто тајните скриени во земјата се откриваат низ круната на процветаната вишна. Молња удри во накитената круна на априлската вишна којашто, миг порано, му се беше укажала пред некое внатрешно око. Го пресече страотно остро чувство на болка. Му се причини дека на болката ќе ѝ нема крај, дека таква болка не може да одмине до крајот на времето и светот, толку беше згусната, сосредоточена, како да е создадена од некоја праматерија, којашто никогаш нема да се распадне и којашто ништо не може да ја уништи.
Ниедна болка не трае подолго од животот! му светна со олеснување.
Недолго потоа, болката одеднаш стивна, и потоа сосема одмина. Совршената, ослободувачка сила на увидот дека животот поминал, го тргна од капетанот Францискус Тракл товарот на сите други мисли.
… … … … … … … … … … … … … … … … … …
Мартин Лупино лежеше зад еден голем камен, високо над боиштето. Испотен, но неповреден, уште собираше здив додека втренчено го гледаше местото на катастрофата. Целата единица беше уништена. Сите негови другари беа мртви. Виде кога капетанот Францискус Тракл, неговиот драг пријател Франци, благо се спушти во тревата откако со прецизен истрел кутна еден од напаѓачите којшто се осмели да истрча од засолништето. Сега еден од разбојниците довикуваше нешто на непознат јазик токму од местото на коешто капетанот остана да лежи. Навален во тревата некое време, разбојникот се исправи и радосно, триумфално почна да мафта со Тракловата капетанска долама. Насекаде по боиштето, одеа човечки силуети, во темни облеки од груба волнена ткаенина, повремено навалувајќи се над мртвите. Ги соблекуваа униформите од убиените, им ги претресуваа џебовите, ги собираа оружјето и муницијата, со онаа иста сериозност, концентрација и индиферентност со коишто до пред малку пукаа во нив. Изгледаше дека се на работното место и дека ја извршуваат секојдневната работа од којашто живеат.
Кога се стемни, Лупино тргна. Никогаш не откри каде точно бегал на патот за Рестелица. Памти дека беше упаднал во некој процеп толку тесен што некое време се беше сосема помирил со идејата дека тука, така заглавен, и ќе умре. Во тие страшни моменти, мислеше дека чувството на теснина, стравот од затворен простор, веројатно доаѓа од сеќавањата на ужасите на раѓањето. Оној што се родил, се проврел низ најмалата теснина низ којашто кога и да е ќе се провре, и ако породувањето било особено долго, на човекот му е доста од тунели, процепи и теснеци за цел живот. Сепак, Мартин некако се извлекол и доцна во ноќта влегол во тоа зафрлено планинско село на висина од над 1800 метри.
Го примија првите коишто го најдоа како се нурка низ стрмиот сокак. Ништо не зборуваше, му се беше одземал говорот. Не го мачеа со прашања. Очигледно виѓавале луѓе во слична ситуација. Вечераше на иста софра со домаќинот и преноќи во заедничката соба во којашто спиеше целото семејство. Утредента, додека седеше во чајџилницата обидувајќи да се разбере со мештаните, во единствената селска чајџилница влегоа некои од напаѓачите. Да купат храна. Оној што го носеше мундирот на капетанот Францискус Тракл, водачот на арамиите, му пријде љубезно смеејќи се и го поташка по рамото. Дури и му даде три златника.
Ништо лично против никого. Ова ми е просто занает. Од тоа живеам. А вака не се живее ни лесно, ни долго. Кога сега преживеа, ќе живееш ти. Секако и мене ќе ме надживееш. Еве ти три дукати. Да ти се најдат. За среќа. И да се сетиш на мене кога ќе дознаеш дека ме нема.
Па бучно смеејќи се, одјава со тројцата придружници. Во седлото и на коњот на капетанот Францискус Тракл.
Сево ова подоцна го разбра Мартин. Остана цели три години во Рестелица. Работеше како селски готвач. И денес се сочувани некои негови рецепти. La cuisina Italiana di Restelica – понекогаш се смееше Мартин, објаснувајќи им на намерниците какви се тие чудни јадења коишто никој од нив порано ниту ги видел ниту ги вкусил. Но, мештаните, Рестеличаните, брзо се навикнаа и ги прифатија неговите специјалитети, иако најмногу ги бараа своите номадски, овчарски јадења.

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 25|