Австриски глави

Австриски глави

На врвот на тиркизниот срт, грамада на кула слична, со боја на мов во сенка на лешник – темен, пригушен отсјај на зелено, пропуштен низ треперењето на загреан мрачен гранит; под тоа, неколку карпи светкаат како лилави и розови кристали. Онаму каде што сртот преминува во рамнина, разиграно се пенат млазовите на планинската река и во непредивливи млазови го шибаат длабокиот засек со боја на младо месо. На Мартин му се причини дека тоа некој огромен коњ-зеленко, со снежно-белиот опаш удира по својот грб, додека го чека својот јавач-џин, за овој да му се фрли в седло со грабнатата самовила во прегратката.
Преку целата таа божествена висорамнина, без престан, притивнато, одекнуваше некоја длабоко меланхолична симфонија; сјајот на тие Млечни патеки исткаени од цвеќе, вплетени во зелените бранови на тревната пајажина, се менуваше во јасни акорди, со загаснатите, делумно исцртани сенки на високите осамени карпи, како на негој голем мртовечки венец подготвен за некој којшто сè уште не е тука, но се очекува секој миг да го донесат. Насекаде наоколу, некоја притаена, стивната аура трепереше, претворајќи го видливиот свет во возвишена егзистенција.
Капетанот Францискус Тракл воздивна и на крајот легна во таа милина од цвеќе, како да лежи во Божја рака.
… … … … … … … … … … … … … … … … … … …
Го сепна некое нејасно претчувство. Насекаде беше притиснала гробна тишина. Сонцето уште беше високо и грееше со онаа пријатна планинска топлина, којашто воздухот го остава свеж и лесен за дишење. Неговиот изострен војнички инстинкт му велеше дека нешто крупно не е во ред. Просто можеше да ја намириса опасноста – а ова што сега го чувствуваше беше многу повеќе од опасност. Повторно му дојде онаа мисла за сончевиот предел којшто, во згаснувањето на денот, му се препушта на самракот, како што јагнето мусе препушта на ножот. Чувствуваше дека е многу далеку од своето минато, од сè што помнеше, од сè што му беше важно. Капетанот Тракл сфати дека веќе ништо не држи во своите раце, дека некаква одлука е донесена, дека таа одлука е всушност пресуда, и уште дека таа пресуда е неотповиклива. И како да беше дошол часот да биде извршена.
Онаа материја на неговата душа – Европа! – сосема исчезна од најдлабоките сеќавања, се издвои од него и стана помалку стварна од кој било прамен трева во којашто сè уште беше нурнат, лежејќи неподвижен, тукушто сепнат од сонот, а сепак, одненадеж потполно буден. Како што исчезна и копнежот за жена, за друштво, за чаша коњак. И иако сè уште можеше да го допре и да го почувствува, знаеше дека и неговиот сопствен живот веќе е оддалечен од него, дека е сличен на далечна глетка, преку којашто поминуваме со раката и ја затскриваме од нас самите. Коприната на бесшумната убавина веќе паѓаше преку него и преку неговите луѓе, прекривајќи ги и двоејќи ги од овој свет.
„Стражарите се убиени!“. Ова истовремено го извика и јасно го почувствува, не знаејќи како тоа го знае! Мартин потскокна на капетановиот повик. Веќе предоцна. Загрмеа плотуни од сите страни. Францискус Тракл ги здогледа своите луѓе како стануваат, откорнати од сонот, и веднаш паѓаат назад во густата трева, во кофилот и цвеќето, погодени со зрната што фучеа насекаде. Го дофати својот карабин, залегна зад некое густо базје, и почна да набљудува. Пушките грмеа без престан, но ниеден од напаѓачите не се гледаше. Амфитеатарот, толку згоден за сончање, сега стана кобна стапица по чиишто рабови се беа распоредиле невидливите напаѓачи. Обидувајќи се да се групираат, неговите луѓе стануваа, претрчуваа неколку чекори, или ниту еден, и паѓаа, паѓаа како снопје, паѓаа како откоси. Чистината на ливадата не нудеше никаков засолн, ни најскромен градобран. Да се стане тука, значеше да се биде идеална цел. Да не се стане, можеше да значи дека е пропуштена последната можност за уште едно соочување со светот во исправен став и на сопствените нозе. Беше, барем за миг, побезбедно да се лежи, но ситуацијата бараше акција а не пасивно лежење и чекање да пристигне куршумот на невидливите стрелци.
Малку подоцна, стана јасно дека ни едното ни другото не влијае на крајниот исход. Тракловите луѓе се огласуваа сè поретко, само со по некој истрел. Капетанот по звукот можеше да го познае карабинот на секој од своите војници. „Ова е Херман! Овој сега – Томас! Крај потокот, тоа е Марсело! Ова мора да беше Вернер!“. Пукаше, се разбира, и тој самиот. Беше свесен дека и неговите војници го познаваат звукот на неговиот карабин. Првокласен стрелец, капетанот Францискус Тракл внимателно го трошеше секој истрел. Стрелаше најчесто во оние места од каде што миг порано ќе се кренеше облаче од барутен чад, таму каде што, по логиката на конфигурацијата на теренот, би можел да се крие напаѓачот. Само два пати му се пристори дека по неговиот истрел, пукањето од оние места во коишто стрелал веднаш престанало; високата густа трева ја криеше вистината за тоа дали и тој некому од невидливите снајперисти му има вратено со иста мерка. Крај него, неколку чекори пониско, остана само уште само Мартин Лупино, и пукаше брзо репетирајќи.
… … … … … … … … … … … … … … … … … … …
Во еден момент забележи како темните ликови брзо искокнуваат од тревата и ги менуваат позициите приоѓајќи сè поблиску, веќе сосема длабоко во нивните линии. Тракл го впери својот офицерски двоглед во еден којшто во тој момент претрчуваше по бришаниот простор. Сакаше да биде сигурен дека ќе го погоди и чекаше човекот да сопре на новата позиција којашто тој точно ќе ја лоцира, па дури и да пука во место во тревата коешто напаѓачот би можело да го сокрие од очите, но не и од куршумот. Му се прикажа остро, суво лице на планинец, со густи мустаќи. Ни погледот ни изразот не покажуваа бес, ниту лакомост, ниту жестока потреба за борба, или пак онаа озареност којашто ја создава желбата за подвиг. Пукаше во брз трк, како да извршува некоја заповед, но не обична, војничка наредба, туку повеќе во транс на мирна решеност. Како да извршува наредба добиена од судбината, судбата, како да е на задача добиена од ангелот на пропаста лично.
Тракл го спушти двогледот и ја грабна пушката. Никој овде никого не мрази, помисли. Му се причини дека сите заедно се во поле на некоја гравитација којашто ги одредува нивните постапки онака како што земјината тежа ја одредува патеката на тешката карпа којашто сè пред себе крши, урива и дроби, нема и бесловесна, не мразејќи никого и без гајле за ничија пропаст!
… … … … … … … … … … … … … … … … … …
Капетанот го спушти двогледот. Оној лик, изложен уште само на голото око на Францискус Тракл, изгледаше претерано ситен и неочекувано оддалечен. Познатиот силен порив на ловецот одлучен да го собори пленот, толку скапоцен и за расниот воин, потполно го обзеде.
Малку се издигна над линијата на тревата и испука. Во истиот миг, додека во ушите уште му ѕвонеше далечниот екот на неговиот истрел, капетанот Францискус Тракл почувствува врел удар во градите, нагла топлина во образите, шум во ушите. И сосема блага малаксаност.
… … … … … … … … … … … … … … … …

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 25|