Авантурите на Хаклбери Фин

/, Литература, Блесок бр. 98/Авантурите на Хаклбери Фин

Авантурите на Хаклбери Фин

Поглавје XXXI

Не запрувавме до ниеден град со денови; цело време се движевме по реката. Сеа бевме јужно во топло време и многу далеку од дома. Почнавме да доаѓаме до дрва со гранчиња шпанска мов1F на нив, шо висеа од дрвата како долги, бели бради. Првпат ја гледав порасната, а шумите од неа изгледаа свечено и тажно. Сега измамниците проценија дека више не се во опаснос и почнаа пак да ги меркаат селата.
Прво одржаа лекција за умереноста; ама не заработија доволно за да можат и двајцата да се опијанат. После во друго село отворија школо за танцување; ама не знаеја да танцуваат подобро од кенгур; така шо на првата претстава, луѓето им скокнаа и ги избркаа од градот. Друкпат пробаа со часови по говор; ама не говореа долго пред публиката да стане и да ги испцуе и избрка. Се испробаа и во мисионерство и хипноза и лекување и предвидување на иднината и сè по малку, ама немаа среќа. На крај немаа ни скршена пара и се спружија на сплавот додека тој пловеше, и мислеа ли мислеа и нишо не рекоа по пола ден, ужасно тажни и очајни.
На крај сменија и почнаа главите да ги ставаат заедно во вигвамот и да зборат тивко и доверливо по два-три саати. Џим и ја не се осеќавме пријатно. Не ни се свиѓаше оваа работа. Препоставувавме дека планираат нешо полошо од сè до сега. Размислувавме што сè би можеле да смислуваат и на крај помисливме дека ќе провалат во некоја куќа или продавница или ќе фалсификуваат пари или нешо слично. Тогаш ептен нè фати страв и се договоривме дека нема да имаме никаква врска со такви работи и ако видиме нешо такво, ќе ги поздравиме и ќе ги остајме. Едно сабајле го скривме сплавот на добро, безбедно место, на околу три километри од едно селце по име Пајксвил, и кралот отиде на брегот и ни рече да останеме скриени додека оди во градот за да провери дали некој слушнал нешто за „Кралското нематакво“. („Мислиш, дали има погодна куќа за да ја ограбиш“, си викам во себе; „а кога ќе ја ограбиш, ќе се вратиш овде и ќе се чудиш шо станало со мене и Џим и сплавот – и нема да се доизначудиш“.) И рече дека ако не се врати до пладне, војводата и ја ќе знаеме дека е сè во ред и да дојдеме.
Така, останавме кај шо бевме. Војводата се нервираше и се потеше и беше ептен скиселен. Нè караше за сè и сешто и со нишо не му одевме по ќејф; сè нешо ни наоѓаше мани. Сигурно нешо се спремаше. Ми беше драго што дојде пладне, а кралот не беше вратен; во секој случај, мораше нешо да прајме – а може ќе добиеме прилика за приликата. Ја и војводата отидовме до селото и го баравме кралот и после некое време го најдовме во задната соба од едно кафанче, многу мало и многу багабонти го исмеваа, а тој ги пцуеше и им се закануваше со сета сила, а беше толку џапнат што не можеше да оди и не можеше ништо да им направи. Војводата почна да му се дере дека е стар будала, а кралот му враќаше, а кога се занесоа во тоа, шмугнав и осетив сила во нозете и јурнав накај реката како елен зашо видов шанса да се спасиме; и решив дека ќе помине многу долго време пред да нè видат пак мене и Џим. Се спуштив без здив ама среќен и викнав:
„Одврзувај го, Џим; сега сме добро!“
Ама немаше одговор и никој не излезе од вигвамот. Го немаше Џим! Викнав силно – па уште еднаш – и уште еднаш; и се растрчав наваму-натаму низ шумата, викав и се дерев; ама џабе – Џим го немаше. После седнав и почнав да плачам; не можев да издржам. Ама не можев долго да седам. Набрзо отидов на патот и размислував шо да правам, кога налетав на едно момче шо шеташе и го прашав дали видел чуден негар облечен така-и-така, а тој вика:
„Да“.
„Каде?“, викам ја.
„Кај Сајлас Фелпс, на три километри од овде. Тој е избеган црнец и го фатија. Го бараше?“
„Како да не! Налетав на него во шумата пред едно два саати и ми рече дека ако викам ќе ми го извади џигерот – и ми рече да лежам и да останам кај што сум; така и направив. Од тогаш сум таму; ми беше страв да излезам“.
„Па“, вика тој, „не треба више да се плашиш зашто го фатија. Им избегал од југ пред некое време“.
„Добро шо го фатиле“.
„Па, нормално! Даваат награда од двеста долари за него. Како да си нашол пари на пат“.
„Да, така е – и можев ја да ги добијам да бев поголем; ја го видов прв. Кој го фати?“
„Еден постар човек – странец – и го даде за четириесе долари зашто морал да отплови и не можел да чека. Замисли, глупости! Јас дефинитивно би чекал, па ако треба и седум години“.
„И ја исто“, викам. „Ама може не заслужува да добие повише штом го продал толку евтино. Може нешто тука не е во ред“.
„Ама све е – тотално во ред. Ја видов потерницата. Целосно е опишан до детаљ – како да го насликале и пишува од која плантажа е, пор Њуорлеанс. Нема шанси, човече, нема никаков проблем со таа работа, сто посто. Ај дај некоја цигара, бе“.
Немав и тој си отиде. Отидов кај сплавот и седнав во вигвамот да размислувам. Ама нишо не ми паѓаше на памет. Мислев дур не се преморив од мислење, ама не можев да видам како да се извлечеме од ситуацијава. По долгово патување и после сè шо направивме за тие измамници, еве што нè снајде, сè се расипа и уништи, зашо се осмелија да го искористат Џим за таков трик и да го направат пак роб за цел живот и тоа меѓу странци, за четириесе скапани долари.
Еднаш си реков дека би било иљада пати подобро Џим да биде роб дома кај шо е неговото семејство, ако веќе мора да биде роб, така шо најдобро да му пишам писмо на Том Соер и да му речам да ѝ каже на госпојца Вотсон кај е. Ама наскоро се откажав од тоа заради две работи: таа ќе биде налутена и згрозена што тој бил толку неблагодарен да ја напушти и одма пак ќе го продаде на друго место; а и да не го продаде, сите нормално презираат неблагодарен негар и ќе се погрижат Џим тоа да го осеќа цело време, па тој ќе се осеќа бедно и посрамено. А, друга работа, помислете на мене! Ќе се прошират приказни дека Хак Фин му помогнал на негар да избега на слобода; и ако пак видам некој од тој град, ќе легнам да му ги лижам чизмите од срам. Така е обично: човек ќе напрај нешо срамно, а после нејќе да ги прифати последиците. Мисли, дури може да се крие, не е срамно. Баш тоа ми се случуваше. Што повеќе мислев на ова, толку повеќе ме гризеше совеста и толку повеќе се осеќав лошо и мизерно и срамно. И на крај, кога одеднаш ми текна дека ова е раката на Провидението што ме удира во лице и ми дава да увидам дека мојата лоштија цело време некој ја гледа од небото, додека го крадев негарот на една кутра стара жена која никогаш ништо лошо не ми напрајла, и сега ми покажува дека секогаш Тој гледа и нема да дозволи такви бедотии да продолжат више, се скоцкав од страв. Некако пробав да си се утешам така шо ќе си кажам дека ме воспитале да бидам лош и не сум само ја крив; ама нешо во мене викаше, „Го имаше неделното школо, можеше да одиш таму; и таму ќе те научеа дека луѓето што се однесуваат така кон црнец горат во вечен оган“.
Се стресов. И баш се спремив да се молам и да видам дали можам да пробам да престанам да бидам такво момче и да станам подобар. Клекнав. Ама не ми искачаа зборови од уста. А зошо? Џабе ќе пробував да ги скријам од Него. А и од себе. Добро знаев зошо не искачаат. Оти срцето не ми беше чисто; зашо не бев правичен; зашо играв двојна игра. Се правев дека се откажувам од гревот, ама во себе секогаш се држев до најголемиот грев. Пробував да направам устата да ми изговори дека ја правам вистинската и исправна работа и да ѝ пишам на сопственичката на црнецот и да ѝ кажам кај е; ама длабоко во себе знаев дека тоа е лага, и Тој знаеше. Не можеш да се молиш со лага – тоа го открив.
Ми беше многу тешко, претешко; и не знаев шо да правам. На крај ми текна нешо; и си реков, ќе го напишам писмото – и после ќе видам дали можам да се помолам. Неверојатно, како се осетив лесно како пердув уште одма и више не ми беше тешко. Извадив лист хартија и молив, задоволен и возбуден, седнав и напишав:

Госпоѓице Вотсон, вашиот избеган црнец Џим е овде на три километри од Пајксвил, и господин Фелпс го има и ќе го даде за наградата што ја пративте.
ХАК ФИН

Се осеќав добро и исчистено од грев, за првпат така се осеќав во животот и знаев дека сега ќе можам да се помолам. Ама не почнав одма, туку ја остајв хартијата и почнав да размислувам – да размислувам колку е добро што испадна вака и колку бев блиску да бидам изгубен и да одам во пеколот. И продолжив да мислам. И почнав да размислувам за нашето патување по реката; и цело време го гледав Џим пред себе: дење и ноќе, некогаш на месечевата светлина, некогаш по бури, како пловиме, збориме и пееме и се смееме. Ама некако не можев да најдам нешо шо ќе ме натера да го замразам, туку само обратно. Го видов како чува стража на мојата смена наместо да ме разбуди, за да можам да поспијам уште некое време; и го видов колку беше среќен кога излегов од маглата; и кога пак дојдов кај него од мочуриштето, кај шо беа тие богаташите; и слични работи; и секогаш ме викаше златен, и ме чуваше, и правеше сè што можеше да замисли за мене, и секогаш беше толку добар; и на крај завршив со тоа кога го спасив, кога им кажав на тие луѓето дека имаме сипаници, и како рече дека ја сум најдобриот пријател на Џим на цел свет и единствениот што го има; и после се свртив наоколу и ја видов хартијата.
Местото беше скришно. Ја земав и ја држев во рака. Се тресев зашо требаше да изберам, засекогаш, меѓу две нешта и знаев. Разгледував една минута, го држев здивот и после си реков:
„Добро, тогаш, ќе одам во пеколот“ – и ја скинав. Тоа беа ужасни мисли и ужасни зборови, ама ги кажав. И оставив да останат кажани; и више никогаш не помислив да се поправам. Ја истресов цела работа од глава и си реков, пак ќе се вратам на лошотилакот, на кој сум навикнат, зашто така ме израснале, а не на друг начин. И за почеток ќе смислам како да го украдам Џим за да пак го спасам од ропство; и ако можам да смислам нешо уше полошо, и тоа ќе го напраам; зашо ако веќе одам таму, и тоа засекогаш, нека направам сè шо треба.
После почнав да размислувам како да го остварам тоа и многу работи ми поминаа низ глава; и на крај смислив план што ми одговараше. Најдов еден остров обраснат со шума што беше малце понатака во реката и штом се стемни, се искрадов со сплавот и отидов натаму и го скрив таму, а после си легнав. Ја преспав цела ноќ и станав пред да се раздени и доручкував и ги облеков новите облеки и земав и некои други и неколку работи во една торба, го земав кануто и отидов на брегот. Запрев кај шо мислев дека живее Фелпс, а торбата си ја скрив во шумата, а после кануто го наполнив со вода и го наполнив со камења и го потопив кај шо ќе можам пак да го најдам ако ми притреба, на едно четрсто метри од една пилана на брегот.

Превод од англиски: Калина Малеска

#b
1. Шпанска мов, или Tillandsia usneoides, е билка што расте на големи дрва. И покрај името, не е биолошки поврзана со мов.

2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 98|