Пливање во прашина

/, Литература, Блесок бр. 71-73/Пливање во прашина

Пливање во прашина

(извадок од романот)

159.
Во 22:оо ја исклучив миксетата, ја зедов торбата и касетофонот дискотечен, Снежана го зеде шишето и тргнавме. Го поздравивме Божа во фоајето и продолживме кон павилјонот.
Таа ја отклучи собата и влеговме внатре. Ги отвори прозорците, јас го вклучив касетофонот и избрав касета. J.L. Hooker, ‘66. Let’s Go Out Tonight. Погледнав кон небото. Немаше месечина. Ја затворив вратата. Таа стоеше на средината на собата. Во собата имаше два кревети, маса со два стола и лавабо. Ја бакнав. Ми возврати и тргна кон вратата. Молчев. Се прашав како се чувствувам. Не чувствував ништо особено. Бев смирен.
– Морам да одам – рече со дланката на кваката.
– Зошто?
– Сите видоа дека доаѓаме заедно наваму.
– Океј. Ќе се видиме утре.
– Може да те разбудам?
– Да, баш би било фино.
– Ќе дојдам рано.
– Дојди.
Се врати кај мене, бакнежот траеше долго и потоа ја затвори вратата зад себе. Јас легнав на креветот, потегнав од шишето и се вслушав во Blues-от. На масата видов кутија цигари. Ги оставила за мене, помислив и додека палев една ја отворив вратата. Еден жолтокос стоеше од другата страна и се сепна. Го погледнав, тој замина низ ходникот и влезе во една врата. Во ходникот имаше уште луѓе и сите ме гледаа испитувачки. Момчиња и девојки. Бевме врсници, отприлика. Ходникот делуваше запуштено: ѕидовите беа посивени и пожолтени од времето и не можеше да се каже која била нивната боја порано. Ходникот беше долг и на секои 5-6 метри имаше по една слаба гола светилка. Жолтилото и сивилото си го имаа најдено својот дом. Светилките беа толку слаби што можев да ги видам жиците во нив. Се вратив во собата. Вратата остана отворена. Од надвор се чу џагор. Српско-хрватски со чуден акцент. Босанци, си реков и ја засилив музиката. Жолтокосиот се појави на вратата. Стоеше и ме гледаше. Имаше насмевка во очите.
– Влези – му реков.
Влезе и седна на еден стол. Го понудив со ракија. Отпи и ми го врати шишето.
– Како се викаш?
– … Вампир – реков.
– Вампир, хахаха! – и потегна од шишето.
– А ти?
– Суад.
– Здраво Суад.
На вратата стоеја уште неколку момчиња и девојки.
– Ова е Вампир – рече Суад.
Тие се смееја.
– Од каде доаѓаш, Вампиру? – праша некој.
– … Од гроб – реков.
Тие повторно се насмеаја. Ги викнав внатре и станав од креветот.
– Седнете на овој. На другиот ќе спијам.
Шишето сврте еден круг и дојде меѓу мене и Суад. Потоа, и тој се повлече. Останавме јас и Blues-от. Во меѓувреме, тие ми ги кажуваа нивните имиња. Сите беа од Бихаќ. Помислив на Џоле и на нашата вечера во Бихаќ. Чудно како работите се поклопуваат, помислив, и ги прашав што прават во Белград. Работна акција, рекоа тие. Помислив Зар уште постојат тие срања, но ништо не им реков. Пиев уште некое време, некој побара да се смени музиката. Им реков дека јас сум диџеј во собата. Некој ја спомна дискотеката. Не ги пуштиле да влезат, а толку многу сакале да танцуваат. Токму така рекоа – да танцуваат, plesati. Тоа ми дојде мило.
– Дојдете утре и речете им дека сте мои гости.
– Што пиеш, Вампиру? – праша Суад.
– Вотка, кога ја има.
– Добиваш утре една од нас.
– Нема потреба, им реков.

160.

Ги отворив очите и ја видов, со нејзината насмевка, со светлокафените очи и чаша кафе во раката. Рече Добро утро и јас се насмевнав. Ја собрав косата, го кутнав вратот под студениот млаз на чешмата и се протегнав.
– Добро си потегнал сношти – рече, покажувајќи на шишето. Беше речиси празно.
– Имав гости.
– О? – изговори низ смеа.
– Акцијашите.
– Нешто се дошептуваа кога влегов кај тебе.
– Такви се.

Нè прекинаа само еднаш, нудејќи ми спортски весник. Снежана делуваше напната. Зборувавме неважно. Додека таа се бришеше со влажно шамиче крај лавабото, почнав да запаѓам во дремка што и не беше тоа. Слушав сè, знаев дека сум потполно буден, но сликите што ги имав в глава беа инакви од што било друго што пред тоа сум го видел, или помислил или почувствувал. Мојата глава почна да пишува, и најверојатно не постоеше начин да ја сопрам. Не се обидов да ја сопрам. Сребреното ждребе почна повторно да баботи во просторот околу мене. Овој пат, чекорот му беше тежок и бавен. Ждребето чекори и при секој чекор удира гром. Зад затворените очи гледам молњи по моето тело; од рамениците надолу и од стапалата угоре. Молњите се сретнуваат во лизгањето по моето тело околу препоните и таму бурно ѕунат. Во моите гради еруптира. Ждребето татни, неговата грива го обвиткува моето тело. Некаде далеку, свири кемане и уште некој жичен инструмент од дамнина. На курот ги чувствувам соковите на Снежана измешани со мојата сперма. Потоа, таму се нејзините усни, устата, јазикот. Дали го слушаш? ѝ велам. Таа промемолува мхм, и продолжува. Потоа, ја плакне устата, ги мие забите со мојата четкичка и ме брише со влажно шамиче. Дали си орел или ластовица или галеб? прашува. Орел, велам без да размислувам. Дали си лав или коњ или хиена? прашува. Коњ сум, велам, со грива од сребрени молњи. Зошто си орел? прашува. Заради височините и самотијата, одговарам од зад склопените клепки. Нејзините усни постојано го истражуваат моето тело. Зошто си коњ? прашува. Коњот е патник, ѝ велам и ги вплеткувам прстите во нејзината коса што ме милува по градите. Кога узна дека мораш да откриваш сам? прашува додека го завлекува јазикот во мојот папок. Кога лежев три дена без јадење на подот од мојата соба, велам, и чувствувам како молњите влегуваат во неа и како потреперува по секој мој збор. Повторно имаш ерекција, а тоа ми пречи во одгатнувањето на метафората за тебе, вели и се качува на мене. Влегувам одеднаш, како питон во дувло. Мојата ерекција е од ментална природа, ѝ велам и загризувам во едно нејзино раме. Имаш чувства и моќ, вели, додека благо ме притиска со нејзината внатрешност. Тоа може да ги исплаши луѓето еден ден, вели. Некои нема да ти веруваат, вели таа, а некои ќе сакаат да те уништат или да те покорат. За тебе, вели, покорувањето е посрамно од пораз. Имаш и чувства и моќ, вели пак. Да, но немам свест за себе, ѝ велам, и се исправам, па ја кревам и ја спуштам на масата крај нашиот кревет. Ова е наш кревет, си велам, и полутивко изговарам: Помислив дека ова е наша соба, кога вчера ги отвори прозорците. Секој дел од планетава е наша соба, додека сме блиски во душите, вели таа а јас не велам ништо зашто така мислам. Мојата сперма истекува во неа, со бавност на тешка стапалка и вечноста отчукува низ моите жили. Таа се стресува под мене, неколкупати, јас ѝ ги бакнувам градите, усните, ушите, челото и полека излегувам од неа. Сè уште имам блага ерекција и сето тоа продолжува…

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 71-73|