Песочен часовник

/, Литература, Блесок бр. 34/Песочен часовник

Песочен часовник

Лежеше на терасата, удобно испружен во мека лежалка и зјапаше кон океанот. Мислеше на Лотреамон, и на она што толку силно тлеело во него додека ги испишувал вдахновените страници воспевајќи го Океанот. Тој не можеше да го именува тоа. Беше лошо што тој не чувствуваше дека нешто тлее во него. Уште полошо беше што тој некогаш го беше имал тоа чувство. Силно тлеење и оган и ерупции потоа. Сега немаше ништо. Имаше куќа на брегот од океанот и не требаше да се грижи околу киријата и сметките. Требаше само да мисли околу тоа со што да го пополни денот. Во почетокот беше многу лесно. Почна да ги запознава луѓето во населбата откога неколку недели дремеше во куќата. Некои од нив му се допаднаа, но по некое време престана да оди кај нив. Му се чинеше дека нема што да им понуди, дека едноставно краде од нив додека ги слуша како зборуваат. Кога тој зборуваше, имаше впечаток дека тие од него очекуваат големи мисли. Тогаш се чувствуваше како некој што не е потполно нормален. Кога ги изговараше оние обични, секојдневни работи, му се чинеше дека зборовите се празни и лишени од секаква смисла. Беше убаво кога седеше со нив во некоја од кафеаните на брегот и кога ги празнеа шишињата. Тој пушеше од нивниот тутун, и ги слушаше приказните за нивните семејства, за детските болести во тие семејства, за новите мрежи што тие ќе ги купат многу скоро, само уловот да се подобри, и додека тие зборуваа тој гледаше во нивните дланки и во нивните лица, во сите печати што времето и океанот ги оставиле на нив, а потоа гледаше во своите дланки и беше свесен дека тие дланки не се рибарски. Тоа правеше да се чувствува поинаков од нив, и тоа го пецкаше во утробата како одамна мината а нестивната болка.

Залезите беа многу убави. Сонцето го позлатуваше океанот, како да му оддаваше признание за работата што ја завршил во текот на денот, и за работата што ја врши откога постои. Тој не знаеше точно која е работата на океанот, па помисли дека самото постоење може да се нарече работа. Сепак, и тој постоеше но се чинеше дека ништо не работи. Дремеше на сонцето, сè повеќе празен, како да беше голем песочен часовник што останал заборавен на некоја кујнска полица. Никому не му текнуваше да го преврти, за песокот повторно да почне да го одмерува времето: тие ручаа и по ручекот одеа некаде, надвор од кујната, а тој остануваше сам, во исчекувањето некој да го преврти за да проработи.

Одеше низ куќата, немаше агол во кој што не беше седнал. Се обиде да чита на подот, со колената под себе, или, пак, едното колено го прегрнуваше со рака и така свиткан читаше. Тоа го враќаше назад во времето кога беше многу младо момче и кога со часови остануваше во иста позиција, голтајќи ги зборовите на белата хартија под себе. Сега, чувствуваше само болка во грбот. И му беше глупаво од самиот себе. Се гледаше назад во времето, но тоа веќе не беше тој: тоа беше како да гледа некој сличен на себе, во искршените стакленца на калеидоскопот, и пецкањето во утробата се јавуваше во толку воедначени интервали што нему му доаѓаше да се насмее.

Писмата од другата страна на океанот се проретчија. Тоа и требаше да се очекува: тој ретко одговараше на нив. Дури и кога го правеше тоа, имаше големо задоцнување во одговорите, а неговите писма му се чинеа празни и како секое од нив да содржеше голем недостаток во себе. Нему му беше интересно како патуваат писмата. Понекогаш, се силеше да одговори на некое од нив, само за да може да си го претставува патот на писмото во деновите што стануваа сè подолги. Како да гледаше како неговото писмо го вадат од сандачето, потоа го ставаат во поштенска вреќа, вреќата ја ставаат во поштенското комбе, и потоа возат кон поштата. Таму, ги истоваруваат вреќите, потоа ги отвораат и од нив испаѓаат разнобојни коверти. Најчесто бели. Ги распределуваат ковертите по континенти, по држави, а локалните ги распределуваат по градови. Потоа, ги ставаат интерконтиненталните во вреќи, ги товараат на воз до првиот аеродром, таму ги распределуваат според летовите, авионот полетува и на аеродромот чека поштенската кола за да ги земе, па потоа ги носи до најблиската пошта, каде што ги распределуваат според градовите на земјата во која што се, и некое утро поштарот ги зема писмата за својот реон, и оди таму за да се ослободи од тој товар на хартија и зборови. Деновите стануваа сè подолги.

Се обидуваше да здогледа некој брод на хоризонтот, но се чинеше дека малку ги има, во тоа време од годината. Беше средина на летото, беше многу жешко, и бродовите пловеа далеку од неговиот видокруг. Небото беше постојано празно, како облаците да го заобиколуваа тој дел од светот, и нему му се чинеше дека кога би видел макар еден облак, веднаш би можел да проработи, создавајќи приказна од ликовите што би ги видел во облакот. Потоа помислуваше дека тоа му е само оправдание за чмаењето во кое што беше западнал, и ги затвораше очите. Толку силно ги притискаше клепките, што во свеста му изнурнуваа жолти точки. Како да имаше сончеви зраци во главата. Ни тоа не го поттикнуваше на нешто. На што било.

Седеше во куќата и една работа многу често го збунуваше; порано сакаше да патува, да открива нови места и нова храна, да го чувствува пролетувањето на асфалтот под себе. Сега не можеше да се натера да тргне на пат. Најмногу го збунуваше тоа што почна да чувствува страв од големите градови. Му се чинеше дека таму е пренатрупано и нездраво бучно, и дека зад секој ќош го демне некаква опасност. Го плашеа бетонските вијадукти и сите тие илјадници тони метал што татнат врз нив, и околу нив, и под нив, и насекаде.
Беше тоа во една ноќ, кога седеше крај прозорецот на хотелот и слушаше како градот татни под него. Тогаш првпат го почувствува тоа. Светлото во собата беше исклучено и тој седна на креветот, загледан во прозорецот. Тенките бели завеси се вееја кон внатрешноста на собата, бранувајќи го црнилото на темнината, мешајќи го со модрата и бледосината боја кои доаѓаа однадвор. Како некоја тажаленка да играше низ наборите на завесите, и тој се почувствува многу осамен. Следниот ден, кога застана пред публиката, знаеше дека нешто е изменето. Веќе не размислуваше околу тоа како ќе се претстави пред нив. Мислеше на тоа колкумина од нив го почувствувале тоа; осаменоста и стравот од празнината на собата. Сега знаеше дека ќе беше било подобро ако едноставно проговореше за тоа. За да ја сподели таа мака со човечкиот свет, за да им пружи утеха и да се утеши со олеснувањето што ќе им го донесе. Но, тој тогаш не го направи тоа, ниту било кога потоа. Се чинеше дека толку многу си префрлува себеси за таа погрешно искористена шанса што никако не наоѓа сила да си прости. Од друга страна, тој можеби и не сака да си прости, можеби сака да ужива во блуткавоста на себеобвинувањето и самосожалувањето…

2018-08-21T17:21:39+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 34|