Ноќен тренинг

Ноќен тренинг

(извадок од романот)

#1 Јаваше на мазга во широко здолниште. Нозете ѝ висеа од страна, бледи, благо набрани, како извлечени од вода. Меѓу коската на палецот и петицата, препознатлива е издолжената брчка која понекогаш, особено кај оние пред умирање облеани во студена пот, веќе и самата по себе може да предизвика сомилост, да ни ги навлажни очите како да гледаме драго лице на кое тагата му го одзела изразот, а не само босо стапало во кое животот со одот впишал засек. Шарената туба со округла китка на врвот, високото, шилесто покривало за глава за кое денес би рекле дека е во облик на превртен корнет, наместо топка сладолед притиска избричена женска глава. Врвот на таа необична капа се збуцал во немилосрдното синило на шпанското небо за со помош на живи бои, кои не се нафрлани туку-така, но дури и создаваа некое значајно шаренило, повикуваше што поголем број луѓе. Толпата се собираше, а мазгата низ неа сè потешко се пробиваше. Разголените гради на средовечната јавачка ги раздвојуваше шипка околу која од долната страна се беа склопиле нејзините прсти. Горниот дел со железен обрач го прицврстуваше вратот на жената столчена од чемер за кој нема помош, така што се чинеше дека зависи од гаротата како што сакатиот зависи од патерицата, дека би свиснала без тој потпирач, како што свиснуваат главите на црните племенски убавици кога ќе се ослободат од алките со кои од раѓање им ги раздвојуваат пршлените на лебедовиот врат.
Во миговите кои не водат кон никаков излез, кога сè е приведено кон крај на непоправлив начин, положбата на клепките на спуштеното око и аголот на собраните усни создаваат некаква особена, надолна геометрија. Цртите на немиот очај одеднаш излегуваат од кругот кои самите го опишале, го напуштаат овалот на напатеното лице. Да го нема металниот прстен кој ѝ ја крева брадата – помислив гледајќи во призорот кој во бакар го врежала раката на Гоја – можеби лицето на жената на мазгата би останало празно, без трагови на човечност. Од него би исчезнале очите, веѓите, носот и устата. Сите црти на нејзиното лице би се издолжиле во болка, би се стопиле и би истекле од под превртениот корнет на онаа смешна шапка со сила надената на женината глава. Би умрела пред погубувањето. Вака, во нејзиното понижување има достоинство. Кога ќе ја стегне обрачот на гаротата, ќе умре со кренато чело.

* * *

Во еден од споредните ходници на британската Национална галерија се сместила, скромно и ненаметливо, познатата збирка графички листови кои уметникот ги нарекол Каприча, следејќи ги козјите патеки по кои се качува човечкиот дух при спознавањето на светот, и тоа на трагот на книгата која во Мадрид се појавила во 1665 година под наслов Diàlogos de la pintura, su defensa. Мојот предок од мајчина страна, човекот кој се викал Винченцио Кардучо, а бил писател на погоре споменатите дијалози за сликарството, го поттикнал великиот Гоја на генијално дело на општествена критика.
Во годината 1793, кога уметникот го започнал циклусот, Шпанија ја потресувале сплетки. Карлос IV, кој тогаш бил на власт, го влечел народот за нос, потпомогнат од итрината на некои си ласкавци, разни простаци и колбасари кои ја извежбале умешноста на додворувањето и така се дограбиле до положба и пари. Добро знаеле како треба со шлајмот. После секој скандал следела прослава, веселба во која средствата биле користени наменски, за замолкнување на веќе прилично нетрпеливата и разочарана толпа. Впрочем, познато ви е како оди тоа. Инквизицијата е секогаш подготвена да проникне во општиот јазик на уметничката порака, па така морала да го разоткрие Гоиниот idioma universal кој се криел зад маската на лудилото.
Околу главата на заспаниот мајстор летале лилјаци и бувови, што убаво се гледа на четириесет и третиот лист од Капричата. Политичките духови и моралните чудовишта, како и останатите страшила на духот и телото, се знае, заминуваат кога ќе самне. Толпата чудовишта чија голотија ја осветлуваат ѕвездите, подготвена е да изјави:
„Ќе заминеме в зори“.
Гоја го запишува нивното обраќање на графичка хартија, но непријатното насетување останува да виси во воздухот. Ќе заминат ли? Јас ве прашувам, драги мои – Дали некогаш ќе заминат? – и со таа двомисла привремено ве оставам за во најдобро друштво, значи сама со себе, уште еднаш да прошетам низ лондонскиот храм на уметноста. Само, овој пат во сеќавањето.
Моето сеќавање е намерно. Не е без причина и врзано е за случка која би можела да ве интересира. Секако, ако за тоа имате трпение и волја. Ако сте несклони самостојно да изведувате заклучоци, ако ви е толку убаво што ништо не би менувале, тогаш препуштете им на другите со мене да ја делат малодушноста.

* * *

#2 Се симнував по широките мермерни скалила со забрзан чекор, свесна дека наскоро би можело да се огласи ѕвончето кое потсетува дека е време за заминување. Беше есенско доба кога рано, ненадејно се спушта мракот. А тогаш ги забележав: сите осумдесет црни бисери на Гоината болна мечта беа таму под слаба светлина, на некој ѕид каде што се чинеше дека не им е место, како да влегле на мала врата, како оној кој ги поставувал да внимавал никому да не му се најдат на патот. Пријдов поблиску до призорите кои се отвораа пред моите очи низ илјадници црти и цртички изгребани во бакар и нурнати во длабоката темнина на акватинтата. Па сепак, тоа не беше црно-бел свет.
„Во природата има исто толку малку бои колку и линии, постои само сонцето и сенките.
Јас гледам само подалечни и поблиски планови, испакнатини и вдлабнатини. Дај ми парче јаглен и ќе ти направам слика“, му рекол Гоја на некој пријател.
Често размислував за таа реченица. Гледајќи ги Капричата, го сфатив нејзиното значење. Во браздите на металот по кој гребела мајсторовата рака беа скриени суровите бои на средоземното сонце. Можеби веќе тогаш сум извлекувала одредени паралели, сум воочувала недопуштени сличности набљудувајќи го графичкиот лист на кој Гоја го прикажал главатарот на магарињата кои без поговор, иако тажно, го следат.
Којзнае чии бушави седи и кукаст нос би препознале вие во ликот на папагалот на говорницата кој го слуша восхитениот куп слабоумници, едвај разбирајќи што им зборува, со лицата искривени од додворување и ласкање?
Можеби навистина „во тоа има нешто од академската средина“, како што Гоја запишал под приказот на папагалот и неговите слушатели.
Задлабочена во светот на Капричата, долго не забележував дека имам друштво, дека крај мене е уште некој зафатен со набљудување. Патиките со голем број изведуваа лесна вежба: прсти-петица, прсти-петица. Само тивкото, ритмично чкрипење на гумените ѓонови ми го привлече вниманието, но накусо. Па боже мој, сите ние сме различни. Еден отсутно врти прамен коса, друг си го чешка подбрадокот, трет тропка со нога. Телото никогаш не мирува. Кога духот ќе се сосредоточи врз некој предмет и почнува да понира во длабочините на новото, интересното и непознатото, телото како да го обзема загриженост, како да го пронижува страв од напуштање и осаменост, па почнува да изведува разноразни глупави движења за да ја потсети душата, својот замаен стопан, дека е уште тука, дека е верно и по малку нестрпливо, како куче кое со каишот в заби чека сопственикот да го однесе на прошетка. Па човек има право да чкрипи со патиките додека гледа уметнички дела, нели? Прсти-петица, прсти-петица.

2018-08-21T17:21:18+00:00 април 14th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 53|