Џиван Гаспаријан, небесниот Ерменец

/, Звук, Блесок бр. 20/Џиван Гаспаријан, небесниот Ерменец

Џиван Гаспаријан, небесниот Ерменец

„Јас пред секој настап испивам по чашка, две, три… водка колку да се загреам и потоа ѝ се препуштам на фантазијата. Оставам да ме води срцето!“ – ќе му рече на потписников на текстот, низ својата широка насмевка, маестро Џиван Гаспаријан. И, потоа видно расположен заради атмосферата на неговиот втор концерт во Македонија, нималку нема да се штеди во задоволувањето на новинарската љубопитност. Впрочем, големото интервју на Гаспаријан ви го нудиме во следниот напис, а на ова место ги распостиламе фактографијата и емоциите. Нека биде желбата на живата легенда на ерменската музика: „Интервјуата се убави, сум имал безброј досега, никогаш не бегам од нив. Но, битно ми е ти како го доживеа концертот, те однесе ли музиката некаде далеку, ја фати ли раката што ти ја подадов…“
Скопје, 9 април 2001 година. Дождот никако да престане. Пролет е. Со сите нишани. Трошка среќа за жедната земја и можност да се измијат гревовите човечки. Денот историски, ако за такво нешто има место во оваа посрана реалност. Универзална сала врие како кошница. Обичните, оние на кои одамна им се преседнати вестите, аферите, балканското лудило, кои сонуваат за кратко бегство од нашиов дел од пеколот, се тука и во исчекување. Дојдени се да го чујат Гаспаријан, да ги разнежи неговиот небесен дудук, да ја почувствуваат „неподносливата леснотија на музиката“, да почувствуваат и да дарат љубов – едноставна, човечка. Искрено и длабоко се посакува флуидот од минатогодишната летна ноќ во Куршумли ан. На лицата нема сомнеж. Оставен е за втурнувањето во ноќта и секојдневието што на сите ни следува.
Концертот почнува вообичаено: со задоцнување. „Скопска шема“. Конечно, овде мнозина никако да научат што е, и кога е почетокот на било кој културен настан. А, толку е едноставно. Пишува на влезните билети. Облечени во своите богато украсени традиционални наметки, набрзо на сцената излегуваат Големиот мајстор и неговите придружници Армен Саргасијан и Левон Аршакуни. И, магијата почнува. Првите отсвирени тонови од дудукот ја почнуваат и сторијата. Пред очите ви избива сликата на едно момченце од Солаг, град во непосредна близина на Ереван (главниот град на Ерменија), кое будно следено од строгиот поглед се обидува да ја повтори мелодијата на татковиот инструмент. И, веднаш потоа го забележувате како трчка по околината и собира отпадоци, а во ушите ви одекнуваат зборовите: „Првиот дудук го купив од собраните празни шишиња!“. Потем, ќе ве затекне сликата кога русата коса на момченцето ќе ја забележите крај свирачите во локалното кино, кои со звукот на дудукот ги облагородувале проектираните живи слики. Аплаузот, ве враќа во реалноста, за не многу потоа елегичните звуци да ве натераат да му се вратите на „филмот во главата“.
Сега го гледате младиот Џиван како ги впива знаењата од старите свирачи, потем како трудољубиво ги открива сите тајни на инструментот на „Комитас универзитетот“, каде по стекнувањето на формалното музичко образование цели три децении ќе ги подучува своите потенцијални наследници. И, логично, чепкањето по фактите од неговиот живот ве води до настапите пред некогашниот советски политички естаблишмент во еден подолг период, до големата серија концертни настапи во Холивуд во далечната 1959 година, кога Гаспаријан со уште 150 други признати тогашни советски уметници ги воодушевувал филмските ѕвезди и Американците, па до четирите златни медали од конкурсите на УНЕСКО, до високото државно признание „Уметник на ерменскиот народ“.
Со чувство на вина заради „бегството“ се враќате во реалноста и до растопување оставате да ве милува неповторливиот небесен звук на парчето дрво од кајсија. Емотивно, длабоко и силно пред вас се разоткрива една пребогата традиција и ги подава рацете. Ве гушка и изнудува воодушевување.
А, потоа следува најавеното премостување. Со изведбата на „Со маки сум се родила“ квартетот на нашиот Драган Даутовски до експлозија ја усвитува атмосферата. Кога пак со првите тактови на „Ој, месечино“ на сцената се враќа Гаспаријан и од неговиот дудук потекува нам роднокрајно препознатливата мелодија, на радоста ѝ нема крај. Беше тоа вистинска средба за паметење.
И, кога така еден крај друг ги гледаш обајцата уметници, несакајќи од потсвеста излетуваат бројните имиња кои се воодушевувале од неговото дело и со кои подоцна Гаспаријан музицирал и снимал: Брајан Ино (кој, патем, за неговиот албум “I Will Not Be Sad in this World“ ќе рече дека „тоа без двојба е најубавата и најемотивната плоча што ја чул во животот“), Питер Гебриел, КРОНОС КВАРТЕТ, Мајкл Брук, Лајонел Ричи… Воедно, не многу потоа припомнувањето ве води и до бројните филмски остварувања каде што може да го чуете неговиот дудук: „Последното Христово искушение“, „Руска куќа“, „Гавранот“… и актуелниот оскаровец „Гладијатор“ (филмот каде музиката е потпишана од Ханс Цимер и Лиза Жерар, но во кој токму импровизациите на јунаков на нашава приказна се веројатно најпрепознатливите делови).
Фактографската бркотница во главата ја снемува со брзината со која стигнала. Во вториот дел од концерот (веројатно кратката пауза на 72-годишниот уметник му беше неопходна, но конечно нималку не влијаеше на расположението на публиката) Гаспаријан посега по авторските композиции од албумот “Moon Shines at Night“ (издание на “All Saints“ 1993). Со нагласен артизам својствен за човек чие лице одамна го избраздило сонцето, сигурен и во изведбите на неколкуте вокални композиции, официјалниот дел од настапот го завршува со неверојатно возбудливата автобиографска посвета „Мајко моја“ (или во оригинал “Matrik Em“).
По таквата нагласено емотивна изведба што веројатно не ги допре само оние што не успеаја за малку, за една воздишка, да ѝ се спротивстават на реалноста, следуваа мајсторовите импровизации, а потем и повторната прегратка со Даутовски (го чувме кавалот во едно поинакво созвучје), како уште една потврда дека уметниците се поимаат макар и каков да им е коренот, или со кој било музички јазик да зборуваат. Неповторливо.
И, овде запираме. Збогувањето со Гаспаријан го прекина сонот и нè плукна назад во кожата од која до некое слично случување ќе се обидуваме, но не ќе можеме да избегаме. Остана надежта дека, второто гостување на виталниот Ерменец во Македонија нема да биде и последно. Заслужуваме да ни се врати, како што ги заслужуваме многуте врвни уметници од Исток, кои допрва ќе ги откриваме.

2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 20|