Храбри глупави песни

/, Звук, Блесок бр. 19/Храбри глупави песни

Храбри глупави песни

Македонска поп-рок сцена 2000

Плукнатите факти на хартија нудат розова и
воедно вознемирувачка звучна слика. И во годинава што си замина не нè допре пожелуваната бунтовност на новата генерација.

Да се разбереме уште на самиот почеток. Текстов нема амбиција да се бави надолго и нашироко со продуктите од домашнава естрадна продукција во екот на нејзиното медиумско самодоволно посипување со „ѕвездената прашина“. Едноставно, на тоа поле работите се сосема јасни. И во годината што мина, приматот го задржаа пулените на „Авалон“ продукцијата: АРЕА, Тоше Проевски, Каролина, НОКАУТ… Впрочем, споменативе безмалку се единствените што знаеја да ги искористат сопствените изведувачки квалитети и да понудат изданија што главно ги почитуваат стандардите на популарната музика прилагодени на нашиве балкански прилики. Без многу философија и со песни што и без неопходно потребната „саглам белосветска“ продукција, биваа препознаени (читај: прифатени) од обичните поп конзументи. Ова посебно се однесува на примерот на групата АРЕА чиј годинешен албум е преполн со полнокрвни хитови и која со низата успешни концертни настапи му удри силна шлаканица на ововременото празноверие дека „шарената обвивка“ (читај: лоша „шапилограф“ песна, глупав видео клип, голтање муви на плејбек манифестацииите и слични тривијалности) го изнудува вниманието на публиката. Толку за лекцијата што можеби ќе биде, а можеби и не, спомната во деновиве кога ќе бидат испишувани „чаршафите“ и „креирано“ рангирањето кој на кое скалило стапнал на патот до врвот на највисокиот кол од плотот.
Инаку, во контекст на погоре реченово, посебно треба да се акцентира „субверзивноста“ на НОВОГРАДСКА (заради само за наши услови условно непримерената соработка со Каролина Гочева што резултира со инстант хит како „Ајде да летаме!“) и СУПЕРХИКС како панк-ска бенд чија „Глупави песни“, со ретро-заразниот ритам, си ја исполни функцијата да го сврти вниманието на публиката врз потентниот материјал на составот чие документирање ветува сигурен исчекор во периодов што претстои. Нивниот смисол за само навидум „пливање“ во водите на естрадата го акцентираме од проста причина што подразбира умешен (промислен) обид да се сврти погледот на оние со провев во ушите да ѕирнат што се случува зад барикадите. И, вреди – оти од предрасуди се боледува долго, а од болката не се исклучени нималку ни поголемиот број од проследувачите (слободно и „навивачите“) на музичките случувања на нашево буниште кои бескрупулозно претендираат да го кројат заедничкиот (не)вкус. Колку за ум!
Од друга страна, наспроти медиумската атака на кадарните и некадарните од презентната естрадна сцена, во изминатиот едногодишен период се случија настани и изданија што сепак ја крепат мислата дека постојната сцена има сили да битисува во времево сегашно. Во тој контекст, дефинитивно храбри беа објавите на С.А.Ф („Сафизам“ пристигна со нешто повеќе од едногодишно задоцнување, но заедно со неодамнешниот историски настап на Смилен, Гоце и Пикисипи со големите њујорчани DAS EFX на Скопското сајмиште доволно сликовито говори за настојчивоста во разбивањето на уверувањето оти и во овие услови „хип-хопот“ не може да биде податлива форма за артикулација на енергијата на големата армија хип-хопери во државава), МОЗАИК (кои нималку не погрешија што деби албумот го стокмија со концертни снимки), битолчаните ФОЛТИН (развија идентична идеја и покажаа и понаква светлина од сопственото авторско кредо) и БЛА БЛА БЛА, со музика и концепт што нуди многу прашалници и одважност во дадениве услови на битисување во балканскиот котел. Некаде тука со изворното документирање на живите перформанси се и SETH („Stat“ е резултат од нивниот одличен настап на првото издание на Летниот џез фестивал во Куманово) и LAST EXPEDITION (“Live – A1“ како објава што и со чисто техничките недоследности знае да ја потенцира моќта на составот и во некоја рака да заокружи одреден период од делувањето на локалнава сцена), BRIGADE O.D. (чии винилни „сплит“ објави бележани во живо којзнае кога и во каква пригода се привилегија на европските алтер издавачи и се реликвија за публиката од Словенија северно), но за жал на ваков потег и покрај ризикот што напати знае да биде плодотворен не се решија мнозина од тврдокорната андеграунд сцена (како на пример Т.Б. ТРАЧЕРИ, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, ФЛУКС, MODIFIED GODS…) чија концертна презентација ја прибира околу себе главно-градската тинејџ самомислечка публика.
Припомнувањето за случените објави што како предзнак ја имаат елктронската музика нè води, пак, до материјалите на КИРИЛ и Б.О.Р.Г (кои иако печатени пристоен период наназад беа експлоатирани до безсознание (ремикси и сл.) во изминатава година) и компилациите од серијалот на Прогресивната Мултимедијална Група, обете како, впрочем и деби понудата, иако со невоедначен квалитет и продукција што робува на скудните технички помагала високо естетски ја артикулираат и посочуваат сцената чиј развој сигурно допрва претстои. За потсетување на нив се забележани звуковните размисли на: Оги, Роботек, Al Frose, SPACEBOY, BRAINLESS GENIUS… Во близина се и заумно експерименталните сплит-албуми потпишани со имињата на SAKO и NDRJ, имиња кои веројатно ништо не ви значат но и музика што изнудува внимание и тера на активно слушање.
Конечно, посебно треба да биде акцентирана возбудливоста на компилацијата озаглавена како „Прескок“ што како дар за читателите на 50-от број на списанието за децентралистичка култура „Маргина“ ја понуди издавачот Темплум, а на која се поместени необјавени снимки на ФОЛТИН, Н.О.Р.А (за жал нејзиниот деби албум и годинава остана во бункер), ГоТра (читај: Горан Трајковски, АНАСТАСИЈА), Роботек, КИРИЛ, Trycho 909 и Новоградска vs. Ал Фросе. Потег за респект и поука. Вообличување на сликата за нашата современа (ако милувате и „електронска“) звуковност.
Инаку, во просторов чиј идентитет постојано и упорно се турка кон преиспитување – небаре забораваме како ни пулсира ритамот во вените – во летово минато, вонвремено прозвучеа две силни објави. Зад едната, застанаа членовите на СИНТЕЗИС (“Swinging Macedonia” / SJF), а зад другата народната певица Вања Лазарова и соработниците: Златко Ориѓански, Влатко Стефановски, КИРИЛ, КИСМЕТ, Ристо Вртев и Мирослав Тадиќ („Ритмистика“ / Трето уво). И во оваа пригода, обете изданија не само што ја воздигнуваат и проектираат современата македонска звуковност што се напојува од изворот апсолутно, а со сите нишани во пулсирачки вонвремена и посебна од планетарново созвучје, туку и застануваат во редот на најрелевантните (најсилните) музички остварувања на ова тло за еден подолг временски период.
Некаде на крајот на годината се огласи и Драган Даутовски, со промоција на својот квартет и проектот „Корени и цутови“ (документот со истото име е во форма на макси сингл). Од она што го чувме и видовме останува мислата дека концептот допрва ќе треба да се развива и дека Даутовски зад себе има екипа што ветува интересен исчекор.
Од изданијата, заради квалитетот на музичката понуда треба да се акцентираат одличниот албум на вибрафонистот Зоран Маџиров и екипата придружни музичари во која се извонредниот басист Мартин Џаконовски и надежните Сашко Серафимов на саксафон и Душко Оџаков зад тапаните („Дома“ / МРТВ), конечното обелоденување на музиката од култниот филм на Ацо Станковски – „Маклабас“ (потпишана од FYROM EXPERIMENT, условно бендот зад кој се кријат доста познати фаци од главно-градската андеграунд сцена), а дефинитивно дискографскиот потег на годината го стори продукцијата во повој „Литиум“ со реобјавувањето на трите албумски остварувања на АРХАНГЕЛ.
Припомнувањето за концертните случувања во изминатата година нè води до прекрасно спакуваниот и свирачки експлозивниот „Трето уво фестивал“ (повод: 10-те години од постоењето на Продукцијата) на кој во одлична форма ги видовме и чувме АНАСТАСИЈА и големиот гитарски мајстор Влатко Стефановски со неговото трио и гостите Александар Сариевски, Медо Чун… , одличното второ издание на „Таксират“ фестивалот (каде се уверивме дека повратниците SANATORIUM, LAST EXPEDITION и МОЗАИК се исто толку убедливи како и извиканите гости од соседството), распојасаните АЛШАР (читај: Никола Коџабашија и бандата од 15 врвни музичари од разните постави во градов) во Куршумли Ан, заедничкиот настап на гитаристот Тони Китановски и вибрафонистот Зоран Маџиров на 19-то издание на Скопскиот џез фестивал (цениме: соработка што треба да се продлабочи), пројавувањата на БЛА БЛА БЛА и ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ ОРКЕСТАР на “New Age and World Music Festival”, Летниот џез фестивал во Куманово (со акцент на промоцијата на PROJECT ZLUST), ланскиот Македонски поп-рок фестивал… И, кон ова не само заради атмосферата што ја понуди древниот Стоби туку и заради инспиративноста посебно треба да биде бележан концертот на Бодан Арсовски неговиот ЕЗГИЈА ОРКЕСТАР одржан во средината на август мината 2000 како вовед во идејата што група ентизијасти од Велес допрва треба да ја артикулираат.
Кога сè ќе се собере, дополни и одземе, излегува дека погонското гориво на сцената во предвечерието на новиот милениум ѝ го даваа главно проверените и докажани имиња. Во ред, но останува задршката дека времево и новосоздадениве обичаи душа дале и за поинаква/похрабра музичка визура, за излегување од реалното или виртуелното „подземје“ и за јуриш со многу посмели идеи, за дрскост во изнесувањето на само своето мислење, за зборови што ќе ја сторат пресметката со декаденцијата и имитацијата на животот во оваа „оаза“ или „пандемониум“ – сеедно! А, еруптивната моќ единствено е кај вас кои гневно ги демнете своите пет минути, сега и овде! Без компромиси! Ова е вашето време! Инаку, би било обесхрабрувачки ако ве победи убедувањето дека (р)еволуцијата ќе се случи веројатно задутре или… До читање!

2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 19|