Фадото е како воден печат

/, Звук, Блесок бр. 42/Фадото е како воден печат

Фадото е како воден печат

Голем комплимент е да ве споредуваат со најголемата икона и верувам дека тоа е начин на кој луѓето сакаат да кажат дека им се допаѓа тоа што го правам во музиката. Сепак, тие ја паметат Амалија Родригез кога имаше 40 години, кога го достигна зенитот на славата, а јас сум само на почетокот на моето патување – вели младата португалска пејачка, една од ѕвездите на Хајнекен оф фестивал

#1 Мариза е 29-годишна пејачка на фадо, традиционалната песна којашто се родила во лисабонските крчми и таверни пред повеќе од 200 години. Нејзината приказна за патот до успехот прилега на приказните на другите големи португалски пејачки диви. Песните за осаменоста, страста, очајот и копнежот, започнала да ги пее како мала. Но, нејзиниот немирен дух ја натерал да го отфрли традиционалниот црн шал на „фадистас“ – пејачките и со својата пројавност на сцената, со секое движење и гест, да го трансформира фадото во жива материја. Во динамична музика.

Деновиве, за португалскиот огранок на EMI, објавен е Вашиот нов албум Transparente, нова преубава колекција на фадо песни. Кажете ни колку долго го подготвувавте проектот, со кои сè автори соработувавте и од каде потребата за продуцент да го одберете Жак Моренбаум?
Бев во Бразил и снимав два месеци, но пред тоа поминав некое време проучувајќи ја португалската поезија, за да можам ги најдам песните, со кои ќе можам подобро да се изразам себеси – онака како што јас гледам на животот.
Жак Моренбаум за продуцент беше мојот првичен избор. Бев запознаена со неговата работа како музичар бидејќи сум негова голема обожавателка. Сонував дека еден ден би можел да ми продуцира барем една песна, не цел албум, туку една единствена песна. Но издавачката куќа ми предложи да го поканам за да ми го продуцира албумот. Го сторив тоа и тој се согласи.
За Transparente можев да сметам и на помошта од тројца од најважните португалски автори. Тие пишуваа и компонираа песни специјално за мене, како Meu Fado Meu, или Fado Portuguкs de Nуs.
Исто така, сакав да работам со млад композитор од новиот бран. Некој кој е способен да пишува и компонира за новиот Лисабон, така што го најдов Педро Кампос, кој ја напиша Montras.
На овој албум им оддавам признание и на трите најголеми личности на Фадото, кои ги сметам за мои учители и гуруа: Амалиа Родригез, Фернандо Маурисио и Карлос до Кармо.

#2 Како дојде и како се одвиваше соработката со Мореленбаум и колку тој како инструменталист, продуцент кој работел со големи имиња како Каетано Велосо, Мариса Монте, та дури и еден Руичи Сакамото, влијаеше на крајниот резултат?
Со помошта на Жак како продуцент, имав можност да постигнам поголема интимност, не само со музиката, туку и со поезијата. Можев да го постигнам вистинскиот звук. Тој ги сфаќа и ги почитува моите чувства. Transparente е како да читате книга со звуци во неа. Ја откриваме пасус по пасус, а на крајот ја имаме и целата приказна. Мореленбаум беше илустраторот.

Што е она што овојпат Ви беше императив да го сторите? Колку, според Вас, Transparente се разликува од претходните изданија како Fado em Mim или Fado Curvo?
Fado em Mim
е резултат на темите кои ги слушав како тинејџерка и ги пеев сè до моментот кога го снимив. Fado Curvo, пак, е резултат на потрагата по идентитетот, резонантноста. Тоа беше како да вртам нова страница.
Transparente е албум каде единственото нешто кое ме интересираше е да направам добра музика, да работам со добри музичари, комопозитори и поезија. Тоа е во основа најтранспарентниот албум кој некогаш сум го направила. Тој е целосно соголен во поглед на поезијата и начинот на пеење.
Сметам дека фадото е различно. Сега сфаќам дека е можно да се изведе било што без да се навреди кој и да е. Морав да поминам низ претходните два албума за да стигнам до тука. Тоа не е потреба за промена, туку потреба за да го најдам изразот кој го барам и да можам да се изразувам уште подобро во музиката која ја правам.

Со оглед на тоа дека веќе подолго време, со секоја своја објава, се обидувате традиционалната форма да ја ставите во помодерни рамки, особено со Вашите познавања на џезот и блузот, која е Вашата лична дефиниција за фадото?
Фадото е дишење. Тоа е таков тип на музика која зборува за животот и ги спојува сите овие чувства во едно. Има многу чувства кои треба да се истражат; како среќата, радоста, љубовта, страста… Ги пренесувам овие чувства директно на она што го работам. Тие се видливи додека сум на сцената. Фадото е како воден печат – не можеме да го видиме, но тој постои. Неопходно е да ги прифатиме различните влијанија, кои се знак на еволуција, но не можеме да го запоставиме овој воден печат. Мора да го почитуваме.
Во однос на насоките на Transparente, Жак Мореленбаум беше оној кој ми ја отвори вратата. За време на снимањето, постојано зборував за фадото и тој постојано велеше дека тоа е музика, а не само фадо, туку музика. Значи, јас знам да се изразам само преку фадото, а фадото е мојата музика.

Колку фактот што сте родена Мозамбичанка која израснала во Португалија Ви дозволува да бидете слободни во односот кон традиционалната форма?
Ги почитувам сите кодови на фадото, но влијанијата се јасни. Се родив и израснав опкружена со целосно различни стилови на музика. Од една страна го имав татко ми кој е вљубен во фадо, од другата страна ја имав мајка ми со целосно нов музички свет кој можев да го откривам, бидејќи таа слушаше џез, музика од Капо Верде, Антилите и Сенегал, а и пејачи како Миријам Макеба. Така што јас слушав светска музика без да знам. Тоа имаше големо влијание на мене и е еден вид на подарок од Бога.

#3 Каков беше Вашиот пат до фадото? Која беше музиката што најнапред ја пропеавте? На чија интерпретација се учевте?
Пораснав во еден од најтрадиционалните краеви на Лисабон, Моурарија. Областа каде во 19 век се роди фадото. Првпат запеав пред публика кога имав пет години и тоа беше фадо.
Татко ми слушаше машки фадистас. Ги слушаше пејачите како Фернандо Маурисио (популарен пејач од Моурарија) или Карлос до Кармо. Но тука, се разбира, беа и женските фадо гласови како оној на Амалиа Родригез.
Мајка ми слушаше и африканска музика – од Миријам Мекеба до Цезарија Евора и јас отсекогаш сум сакала различни стилови на музика – од џез до класика. Ги сакам и Марија Калас и Нина Симон до Жак Брел.

Велат дека Мариза е новата, вистинската наследничка на Амалија Родригез. Колку тоа може да Ви годи, но колку едновремено обврзува? Можете ли да се справите со таквиот товар?
Амалија беше големата дива на фадото. Голем комплимент е да ве споредуваат со најголемата икона и верувам дека тоа е начин на кој луѓето сакаат да кажаат дека им се допаѓа тоа што го правам во музиката. Сепак, луѓето ја паметат Амалија кога имаше 40 години, кога го достигна зенитот на славата, а јас сум само на почетокот на моето патување.

Мнозина сметаат дека Вашиот интернационален успех започна со Fado em Mim, проект за кој ја добивте наградата на германската критика. Три години по овој проект Вие сте на голема европска турнеја. Како го објаснувате интересот на публиката, особено на западната, за овој тип музика?
Фадото е музика со која им се дава признание на различните видови чувства. Преносот на тие чувства не завршува со јазичните бариери и другите ограничувања. Сè повеќе и повеќе живееме во „глобално село“ и сите сакаат што подобро да ги знаат навиките, јазикот, емоциите и културата на „другите“.

Каде започнуваат и каде завршуваат Вашите амбиции? Што е она што би сакале да Ви се случува во перидот што следува?
Мојата амбиција е да дадам што повеќе и што подобри дела, да станам уште поголем професионалец. Ако фадото стигне во големите концертни сали, овие два елементи се есенцијални. Мојата цел е да направам лојална публика, да направам албум и луѓето да го препознаваат мојот звук. Публиката веднаш да знае дека еден албум е мој и дека тоа е мојот стил, мојата музика.

Во Македонија, земјата во која досега фадо пееле Мадредеуш и Кристина Бранко, доаѓате за првпат. Знаете ли нешто за нашата музичка традиција, нашата историја…?
Знам малку за вашата музика, посебно за ромската музика, за Есма чии песни ги обожувам.
Се надевам дека за време на мојот престој во Македонија ќе имам шанси да дознаам повеќе за вашата култура, историја, традиции и музика.
Би сакала да видам што повеќе среќни лица на мојот концерт во Скопје и да ја споделиме заедно радоста од нашата средба.

2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 42|