Сè е добро во Together through Life од Боб Дилан

/, Звук, Блесок бр. 65/Сè е добро во Together through Life од Боб Дилан

Сè е добро во Together through Life од Боб Дилан

#1 Дури и олку доцна, еден месец после неговиот 68 роденден, се открива една друга страна на Боб Дилан.
Откако си обезбеди иконичен статус во 60-те години, најпочитуваниот кантавтор на модерното време помина децении разорувајќи го својот имиџ, изневерувајќи ги очекувањата и редефинирајќи се себеси.
Со прекрасен ефект, сите овие нешта ги прави во Together Through Life (4* од четири), со еден разузадано романтичен риф. 33-от соло албум на Дилан се држи до уметничките стандарди утврдени со трилогијата од скапоцени камења која во 1997 му ја обнови кариерата, а започна со Time Out of Mind. Но, сега од апокалиптичниот товар скршнува кон обичните приказни, изопачени и реални, за обичните луѓе во канџите на страста, копнежот и болката.
Албумот отскокнува со ѕвонливата џез балада, Life Is Hard, компонирана за францускиот режисер Оливер Дахан, кој го направи биографскиот филм La Vie En Rose на Едит Пјаф и побара од Дилан да направи материјал за следниот филм, My Own Love Song.
Инспириран, Дилан се накани да влезе во студио со својот бенд и со хармоникашот Дејвид Хидалго од Лос Лобос и да ја следи својата незауздена муза.
Продуцирајќе се самиот себе, под вообичаениот псевдоним Џек Фрост, Дилан го фаќа треперливиот, внатрешен и разурнувачки звук на музиката создадена во лет. Сировите емоции и грубата спонтаност на Together што е вкоренета во традицијата која Дилан ја почитува а сепак опишува современи пејзажи, го одделува ова дело од Love and theft (2001) и Modern Times (2006).
Иако Together е укотвен во ерата на Chess блузот, при што Дилан слободно ги вметнува Хаулин Вуф, Мади Вотерс и Отис Раш, албумот не е еднобоен. На него се мешаат одеците на Tex-Mex roadhouse, луизијанската bayou и звуците на париските кафеа.
Се разбира, ништо не го одвојува Дилан од мнозинството толку многу како рапавиот вокал и добро напишаните стихови. Одамна прославен поради својата нереална, завиена расприкажаност, тој сега почнува со директен говор, а неговата сува иронија и итар хумор ги испорачува многу поштедливо. Shake Shake Mama и It’s All Good se испреплетени со исчашен хумор. Сè уште има моќ да уплаши („Вратата е засекогаш затворена / Ако воопшто некогаш постоела врата“).
А некои куплети се едноставно Дилановски: „Го слушам Били Џо Шејвер и го читам Џејмс Џојс / Некои луѓе велат крвта на земјата тече низ мојот глас“.
Дефинитивно е истраен. Неговото прославено, опасно и бучно мрморење им одговара на зајадливите, сентиментални приказни за љубовта во тешки времиња. Дилан можеби е заплеткан во блузот, но кога ја испреплетува My Wife’s Home Town со шеретски кикот, јасно е дека тој никогаш не се чувствувал толку ослободен.

Превод од аглиски: Весна Ангелова

АвторЕдна Гундерсен
2018-08-21T17:21:07+00:00 април 29th, 2009|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 65|