Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

/, Звук, Блесок бр. 33/Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

#3 НГ: Покрај Вашата соло кариера, Вие исто така имате голем број заеднички проекти со различни музичари. Кои се благодетите од заедничките проекти а кои се најфрустрирачките моменти од истите? Дали имате некои впечатливи моменти што би сакале да ги споделите во врска со заедничките проекти во моментов или во минатото?

СР: Заедничките проекти со Видна Обмана се досега највпечатливите и најинспирирачките поради нашето пријателство и времето кое го поминавме заедно во студиото и на сцената, како и заедничките идеали кои ги споделуваме. Соработката со Жорж Рејс и Сусо Саис на Suspended Memories имаше доста прекрасни моменти додека снимавме една недела во Мадрид, следната во Оснабрук, Германија и завршувањето на Earth Island на една фарма која е преадаптирана во студио. Атмосферата со Жорж и Сусо беше фантастична. Сесиите беа секогаш во духот на забавата и добриот хумор. Имам толку многу сеќавања, кои се како една колекција соништа што… подобро е да останат така.

НГ: Кој е Вашиот удел во овие заеднички албуми и какво е Вашето мислење за нив?

СР: Вистинските соработки, тие за кои сум заинтересиран да ги истражувам, се базирани на нешто што е повеќе од обична музичка амбиција. Убавината доаѓа како резултат на заедничкото почитување и разбирање на заедничките желби и духовни патешествија, како во музиката така и во животот. Ако духот на соработката има вистинска сила, нејзините најдлабоки изрази полека доаѓаат во вистинска форма што е повеќе од неколку цедеа. Мојата работа со Видна Обмана со текот на годините го отсликуваше ова на силен начин и нашето скорешно поглавје во чекорењето на работ во концертни услови беше уште едно интересно откритие за сфаќањето кое го делиме како во студиото така и во животот. Навистина е невозможно да се раздвојат елементите кои ние ги работиме, бидејќи тоа е навистина невообичен начин на работење, без некоја логика: без разлика дали сме во истата соба или сме одвоени неколку илјади милји, се чувствува некаков вид енергија и се чувствуваме како дел од неа кога почнуваме да работиме на музика за нашите заеднички проекти. За мене Well Of Souls и InnerZone завземаат почесно место во мојот живот.

НГ: Кога соработувате со уметници како што се Роберт Рич и Видна Обмана, дали тие дела се претходно компонирани на некој начин или се импровизирани?

СР: Тоа е комбинација од обете. Ако започнеме некое дело во една иста просторија, тогаш тоа сме ние кои свириме еден покрај друг импровизирајќи и чувствувајќи како звуците се претопуваат. Ако соработуваме одвоено, тогаш си ги праќаме снимките еден на друг. Со Видна Обмана нашето разбирање за соработка е толку силно што кога си праќаме снимки еден на друг се чини дека ние навистина сме во истиот простор заедно создавајќи во истиот момент. Најдобро е кога ќе се најдеме заедно и кога создаваме мноштво материјал а потоа се враќаме во сопствениот простор и експериментираме со оригиналната снимка од заедничката сесија. Може да се случи овој процес да го поминеме неколку пати пред таа да биде завршена.

НГ: Дали чувствувате дека работата со различни луѓе Ви помага да развиете поинакви креативни елементи?

СР: Да, така е. Ако тоа е вистинска соработка, тогаш таа дозволува да се фокусираш на силата на оној другиот, да комбинираш работи кои претходно не си ги зел в предвид, да бидеш отворен кон поинаков агол на гледање на работите, размена на поинакви пристапи. Кај некои од продукциите/соработките со новодојденците мојата улога како ментор опфаќа различни параметри на продукција и објавување музика. Во секој случај, атмосферата во Timeroom заедно со чувството однадвор создаваат расположение кое прави чуда за креативниот процес.

НГ: Дали повеќе претпочитате заеднички или соло проекти?

СР: Сепак, најмногу сакам соло работа. Бидејќи немам браќа или сестри, јас пораснав со навиката да ми биде удобно како на осамен којот. Колаборативните импулси природно ми дадоа чувство на еден вид братски однос до одреден степен, но навистина во овој живот научив дека после неколку недели работење на некој заеднички проект сакам да чекорам по својот пат. Тоа значи дека е време да се упатам назад во пустината сам.

НГ: Дали има некој со кого би сакале да соработувате во иднина?

СР: Можеби ќе ти звучи чудно, ама тоа е Роберт Плант. Би сакал да создавам звучни светови во рамките на неговите соул песни.

НГ: Trance Spirits е последниот Ваш проект во кој учествуваат Џефри Фејман и Роберт Фрип. Дали можете да ми кажете повеќе за овој проект и на кој начин Фрип се вклучи во овој проект? Пред 2 години тој соработуваше со Фејман на Temple in the Clouds а сега и обајцата соработуваат со Вас. Какво е Вашето мислење и за албумите кој тој ги направи со Ино во 70-те (No Pussyfooting и Evening Star)

СР: Џефри Фејман првпат ме контактираше пред неколку години прво како ентузијаст околу мојата мзуика а потоа да ме запознае со прогресот на албумот Temple in the Clouds, замолувајќи ме да најдам издавачка куќа за тој албум. Моја прва помисла беше Projekt и нејзиниот сопственик Сем Розентал. Сем беше фан на Fripp & Eno албумите па така тој беше среќен да го објави ова издание. Се сеќавам кога првпат го слушнав албумот No Pussyfooting во времето кога беше објавен во 70-те: тоа беше уште еден важен момент за мене во смисла на слушање на нова парадигма. Во истиот пакет, Џеф ми испрати и колекција транс перкусии кои ги вклучил имајќи ме мене на ум. Џефри создава филмска музика за високобуџетните холивудски филмови па поради тоа филмскиот ефект на неговата музика е очигледен. И покрај сета технологија, тој создава во основа со помош на неговото владеење на африканските перкусии. Тој често настапува со африкански групи како единствен не-африкански музичар. Во текот на следната година тој ми се придружуваше на сцената на некои мои концерти свирејќи перкусии. Духот на оваа наша соработка заедно со стилот на транс перкусиите кои тој ми ги прати станаа основа за ова издание. Наскоро Џефри и јас почнавме да работиме на него кога имавме време. На крај решивме да го вклучиме и Роберт Фрип. Бидејќи тој е добар пријател со Џеф, беше нормално да го вклучиме во проектов. Тој создаде неколку часови звуци со неговата гитара (soundscapes) што би ни послужиле понатаму. Во ова време јас почнував да експериментирам со пристапот кон гитарски лупови. Бидејќи поминував доста време работејќи на овие нумери, се најдов себеси како создавам многу гитарски звуци кои произлегоа од овие транс ритмови. На крајот, ги искористивме звуците на гитарата на Фрип за 3 нумери кои претставуваа моќен контраст во однос мојот пристап. Нашата цел со Trance Spirits беше да почнува и завршува во стратосферата, при што се одржува фокусот и енергијата и состојбата на транс тука значи да се биде потполно свесен, со фокус како ласер, можеби слично како енергијата на голема дива мачка од џунглата во движење.

НГ: Какво е Вашето мислење за современите електронски трендови?

СР: Морам да признаам дека не знам од каде почнам да зборувам во врска со тоа, бидејќи се чини дека насекаде се присутни. Се чини дека денс диџеј елементот има фрлено најголема сенка врз поголемиот дел од светот на највидливиот можен начин. Дури и врз начинот на кој се цели кон опремата. За мене, тоа што живее надвор од трендовите односно тоа што јас сакам да го правам е поради љубовта кон звукот која навистина ми се обраќа мене. Тоа е до оние кои создаваат музика да се соочат со предизвикот кога ги имаат сите алати кои секој ги посакува и потоа да имаат нешто да кажат што е поврзано со големата слика и доаѓа од оригинално место. Отсекогаш сум ја гледал оваа недефинирана звучна уметност како начин за изразување на луѓето со вроден талент: не толку одамна би можело да се случи тие никогаш да не најдат начин да ги искажат овие светови. Ова значи дека сè повеќе и повеќе луѓето како мене кои воопшто не се вклопуваат во конформитетот на академските барања или не се препуштија во ограничувањето на креативноста во конвенционалната матрица на музичкиот бизнис, можат да создадат свој израз со вистинска независност. Јас чувствувам дека најдобрите квалитети на оваа музика се развиваат на интересни и возбудливи начини во сите своите поджанрови. Погрешно е кога ќе се каже дека границите се распаѓаат; тоа е огромен котел со зовриена вода кој во себе содржи досега најголема количина на уметнички капацитети. Во тој котел ти ќе најдеш и Мекдоналдс хамбургери а исто така ќе најдеш и вистинска, автентична храна за душата. Јас велам дека треба постојано да се промешува котелот, додавајќи нови додатоци и да се пробуваат нови рецепти, во исто време останувајќи поврзан со духовните квалитети кои го придвижуваат некого за да твори. Добрите работи ќе се издигнат додека останатите ќе паднат, како што досега и беше. Една работа е сигурна, а тоа е дека ќе има повеќе од двете крајности.

НГ: За крај, кажете нешто за Вашите идни проекти и активности. Во кој правец ќе се движи вашата музика?

СР: После серија концерти, повторно сум дома каде создавам нова музика. Во ноември ќе го објавам двојното цеде “All is Now”. Првото цеде ќе биде концертно (снимено во Седона, Аризона). Второто цеде ќе биде колекција од најдобрите моменти од различни концерти претопени во еден хибриден распоред. Исто така, во ноември ќе биде објавен саундтракот за DVD изданието “Time of the Earth” со наслов “Day out of Time”.
Од сега, па сè до крајот на годината, ќе се фокусирам на изданието “Mystic Chords & Sacred Places”. Тоа ќе биде центар на експанзивни хармонични пејзажи и звучни светови каде ќе бидат отсутни сите ритмички елементи. На овој проект работам веќе цела една година. Пред сè, да се биде дома после сите овие патувања, да се вратам во земјата на „бавната жега“ тоа е сè што посакувам. Од сега па понатаму правецот на тоа што ќе следи ќе ми се каже самиот во најскоро време.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 33|