Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

/, Звук, Блесок бр. 33/Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

Стив Роуч – Шаман на современата електронска музика

#5 НГ: Вие имате изградено свое студио, Timeroom во Тусон, Аризона. Дали е тоа „нормална“ работна просторија или чудно и интересно место кое човек може само да го замисли кога ја слуша Вашата музика?

СР: Амбиентот на Timeroom е нешто што јас се стремев да го постигнам додека го градев од самиот почеток. Ова студио како идеја постоеше на неколку други локации во Калифорнија пред да еволуира во сегашнава форма. Кога дојде време да се создаде траен простор сакав да создадам простор кој ќе биде повеќе од соба полна со опрема. Тоа мораше да дава чувство на светилиште за време на креативниот процес и исто така да овозможи чувството на самата локацијата да навлезе внатре. За мене ова беше постигнато со обликот, прозорците и распоредот на боите, распоредот на опремата но без никакви часовници или телефони. Тоа е една голема просторија. Разликата во однос на другите студија е сликовитиот прозор кој се простира од таванот до подот кој има поглед кон пустината и околните ридови и планини. Од позицијата на микс пултот можам да гледам надвор, а друг пат ги спуштам завесите и создавам една пештера или просторија со чувство на Кива. Бидејќи често користам техники кои ги користат визуелните уметници, сликари или скулптори при моето создавање, да имам сопствено студио кое овозможува многу природна светлина во просторијата ми е многу важно. Кога сум задлабочен во некој проект, просторот е така наместен за да можам да заспијам и да останам во течението на звукот неколку дена.

#6 НГ: Исто така, додека ги снимавте овие албуми Вие соработувавте со австралиските Абориџини (Australia: Sound of the Earth) како и со северно американски Индијанци (Kiva). Дали би можеле да го опишете начинот на кој овие албуми беа создадени? Дали тие можат де сметаат за World Music албуми или Вие не го претпочитате овој термин?

СР: Dreamtime Return беше кулминација на моите најдлабоки желби и копнежи во тој период. Тогаш навистина чувствував дека сум дошол на свое како уметник. Тоа навистина беше моја иницијација на многу нивоа вклучувајќи и поврзување со сопствениот звук по кого постојано трагав. Најмногу од сè, тоа беше период на интензивно лично созревање и разбирање. Истото може да се каже и за музиката, за која може да се каже дека повеќето европски влијанија беа оставени назад. Ова се случуваше кога врската со мојата земја каде израснав стана јасна почнувајќи со Western Spaces. Исто така, чувството за звучен и духовен мост помеѓу јужните предели на Америка и Австралија почна да се буди. Поминував доста време кај Joshua Tree надвор од ЛА во пустината. Јас пораснав во јужните пустински предели на Калифорнија, Анса Борего и некои други места, така што, тука имаше многу работи со кои можев да се поврзам на едно подлабоко лично ниво. Имав чувство на духовна експанзија почнувајќи од пустината каде израснав и бев инспириран кон поголем и помалку познат предел.
Ова се случуваше во период кога почнав да го разработувам концептот за Dreamtime. Во тој период го гледав филмот на Питер Вир, The Last Wave кога и првпат го чув звукот на инструментот диџериду. Сето тоа ми даде можност да согледам ако ништо друго барем една верзија на еден бел режисер за некои таинствени аспекти околу Dreamtime и културата на Абориџините, се разбира на еден очигледно разводнет начин. Сепак, тоа беше значаен чекор во мојата растечка фасцинација со Австралија. Јас имам пријател кој се пресели во Австралија во 60-те и кој се врати назад со фантастични приказни од оваа далечна земја кои целосно ме маѓепсаа. Во средината на 80-те почнував да работам на Dreamtime Return собирајќи различни импресии без некаква идеја дека ќе заминам за Австралија. Навистина не размислував многу за тоа; повеќе бев фасциниран од световите таму и можноста да се патува таму во својата имагинација. Знаејќи дека работам на овој проект, сопственикот на Fortuna Records, Итан Еџкомб ми ја испрати книгата „Археологија на соништата“. Кога ја читав книгата која обработуваше теми од антрополошка гледна точка за австралиските Абориџини од Кејп Јорк, ми се јави еден режисер кој работеше на еден филм со наслов „Уметноста на сонувањето“. Користејќи ја истата книга како појдовна референца, тој снимаше документарец за PBS и планираше експедиција до областа Кејп Јорк заедно со филмска екипа од некој универзитет. Работите почнаа да се поврзуваат и јас станав музичар/композитор на таа експедиција. Тие се погрижија за сè што ми беше потребно со што и јас бев дел од екипата. Тоа беше неверојатен сплет на околности. Режисерот спомна дека првпат ја чул мојата музика кога патувал за Мексико преку Тексас и додека возел низ пустината доцна во ноќта на радиото го пуштале Structures from Silence. Се сеќавам кога ми спомна дека се чувствувал како да е во некој филм на Стенли Кјубрик. Честопати чувствував ускладеност која целосно ме обземаше. Фактот дека престојував долго време во тие далечни предели на Абориџините а и самиот проект предизвикаа во мене нешто многу подлабоко од самата музика. Да се престојува на овие места, да се спие во истата прашина како што го правеле староседелците на овие простори и слушајќи ги музичките дела кои претходно ги бев создал во студиото уште пред да замислам дека ќе отпатувам за Австралија беше незаборавно. За мене тоа значеше неверојатно отворање како уметник, како човечко битие и како човек кој навистина слуша со неговите уши. Исто така, тоа беше директно искуство за тоа како волшебни работи можат да се случат кога слушате со срцето и умот. Сето тоа резултираше во Dreamtime Return.
#7 Во 1989, се вратив назад во Австралија за втора авантура која ме поведе во нов проект, Australia – Sound of the Earth. Веднаш после ова патување јас се преселив во Тусон, Аризона и почнав нов живот со жена ми Линда Коханов.
Kiva
беше создаден од повеќе традиционална точка на гледање на работите. После неколку недели подготовки ние се собравме заедно и Рон Сансингер беше тој кој собираше предмети од автентични извори. Веднаш после тоа ние создадовме наша Kiva, свето место и продолживме да создаваме музика. Во текот на првата недела снимивме наша церемонијална изведба во една пештера близу Санта Фе, Њу Мексико. Потоа ги зедовме снимките во студиото и ги вметнавме во миксот. Овие два албуми се примери зошто е тешко да се обидеш да го категоризираш крајниот резултат само како world music, бидејќи тука има повеќе од самата музика: таа навлегува во кралството на светите звуци и древни моменти кои се доловени на снимката.

НГ: Дали патувате по планетава изучувајќи звуци, инструменти и ритмови или тоа е повеќе патување во имагинацијата?

СР: Тоа е повеќе патување во имагинацијата и замена за далечни истражувања при што експериментирам и истражувам во студиото заедно со новите инструменти и музичари кои свират на тие уникатни инструменти.

НГ: Дали би можеле да ни го опишете Вашиот пристап кон компонирањето? Дали импровизирате додека компонирате? Како ги структурирате и аранжирате Вашите амбиентални дела?

СР: Воопшто не работам по некаква формула, бидејќи секој проект добива поинаков облик и има свои хармонично-звучни-ритмички загатки кои треба да се решат и истражат. Во некои случаи чувството кога се создава некој филм е најдобар начин да се опише процесот. Снимањето филм може да се спореди со доловувањето импровизации и истражувања во моментот, а потоа приказната се раскажува по пат на монтажа, обработка, итн. На овој начин јас добивам огромна инспирација од филмовите како и од визуелните уметности. Бидејќи воопшто не пишувам „песни“ повеќето од моите дела се создадени од повеќе различни елементи кои еднаш штом ќе влезат во процесот служат за повеќе цели. Со повеќето од нив јас живеам и дење и ноќе честопати заспивајќи и будејќи се со делото кое свири во студиото. Ова го правам уште од почетокот на 80-те и открив дека овој начин на живеење во суштината на музиката ми дозволува да правам сосема мали измени кои даваат некаква нијанса во просторот за која се чини дека живее и дише веднаш штом ќе се најде на некое цеде. Интересно е кога ќе се помисли дека израснав со аналогна опрема – синтисајзери и опрема за снимање. За мене природното чувство создаде основа која може да го апсорбира секој нов пристап кој ќе се појави а во исто време да ги сочува приоритетите во смисла да се сочува човечкиот елемент жив во самата машина. Бидејќи ова беше единствениот начин на компонирање во старите денови, со аналогната опрема ништо не можеше да биде складирано во меморија и секогаш моравте да приоѓате во моментот со сите овие звуци во живо. Тоа е начинот на кој сè уште работам, но со луксузот на еволуцијата на сегашната технологија. Исто така, повеќето од расположенијата за моите амбиентални дела ги земам надвор од моето студио, играта на сенките во текот на денот, мноштвото облаци на небото и нивните движења, дозволувајќи сето ова моето тело да го апсорбира. Тука можам да ги преведам овие природни движења во една форма заедно со моите хармонични облаци и светла…

НГ: Бидејќи создавате електронска музика, каков е Вашиот пристап кон технологијата? Дале сте во тек со најсовремената технологија и колку е важно да се биде во тек со новата технологија?

СР: Секогаш сум во тек со некои работи кои би можеле да бидат од корист за мојот пристап, но воопшто не е важно да се биде болно опседнат со најновата технологија и т.н. фантастична опрема и програми. Воопшто не ги читам списанијата за „најнова технологија“ бидејќи вестите за тоа што вреди доаѓаат од неколкумина луѓе кои ги почитувам и на кои можам да сметам кога проверувам што има ново. Во овој момент јас сакам правилно да го искористам времето и да си ги знам приоритетите, односно создавање музика и живеејќи живот што ја храни таа музика. Околу себе гледам многу луѓе кои се заробени во играта дека ако купат нова опрема тие ќе создаваат нов вид музика. Воопшто не мислам дека тоа е така. Се чини дека тие постојано учат нови програми и синтисајзери без навистина да навлезат подлабоко таму каде вистинската уметност се појавува. Музичката индустрија се храни од овој вид притисок со тоа што секогаш се охрабрува мислењето дека тоа што е најново е секогаш подобро и дека со тоа ќе се здобиете со некоја предност итн. Таа создаде еден вид „потреба“ која може да се спореди со онаа на зависниците од наркотици. Немам никаков одговор на тоа: и самиот бев дел од тие размислувања па сега зборувам од сопствено искуство. Сега си имам свој начин и дисциплина на работење со тоа што го имам сè додека не се појави нешто кое би било голем чекор во правец кон кој би можел да се надоврзам. Сè уште се наоѓам себеси како откривам нови звуци на опрема која веќе одамна се смета за застарена. Мојот пристап кон создавање звучни светови кои ме привлекуваат бараат едно интуитивно и органско спојување. Јас имам еден доста ефективен начин на проценување на некоја нова (или стара) опрема.

НГ: Што мислите за напредокот на технологијата во однос на музиката?

СР: Отсекогаш сум ја дочекувал технологијата со отворени раце. Јас бев спремен да ги изделкам моите звучни светови со сите овие алатки и помагала но кога првпат зедов еден „прастар“ синтисајзер пред неколки години, знаев дека тоа ќе биде мојот избор. Тука воопшто не се работеше за некое чудно чувство или нешто друго, туку еден природен процес. Сепак, еволуцијата на технологијата е неверојатна со сите алатки кои помагаат да се создадат светови кои до пред неколку години немаше да можат да бидат слушнати.
За мене, овие инструменти и технологија можат да бидат како најфина четкичка за сликање или хируршки ласер. Тие можат да го делат истиот простор како и поголемиот дел од древната музичка технологија допирајќи, за човечкото искуство безброј сложени и досега невидени светови. За мене, тоа е срцевината на музиката и причината зошто сакам да сликам со звукот. На диџеридуто и на мојот омилен аналоген синтисајзер Oberheim Matrix 12 гледам како на највисоките достигнувања во своето време. Тоа мора да започне од потребата на човекот да ги слушне овие звуци а потоа да најде начин да направи инструментите да го сторат тоа. Сонично, тие можат да создадат многу слични чувства. Диџеридуто е природно еден вид првобитна форма на технологија, која може да создаде богат и непрекинат звук на ист начин како што тоа го прават најсовремените синтисајзери и компјутери. Ефектот на звукот на диџеридуто постои веќе илјадници години и според мене кога во него се спојуваат два света, предисторискиот и електронскиот, настанува еден вид магија која се чини совршена и безвремена. Во вистински раце, аналогниот синтисајзер Oberheim Matrix 12 може да навлезе во истата вонвременска област како и диџеридуто и да го развива ова чувство со многу повеќе интригантни серии на повеќеслојни звуци кои се шират во бранови сочинети од звук кој се чини дека се излева од други светови. Се разбира, во погрешни раце и диџеридуто и Matrix 12 или било кој друг синтисајзер можат да бидат иритирачки, нападни или едноставно досадни. Тука се работи за умешноста и намерите на уметникот и колку длабоко тој или таа имаат намера да црпат од нивните вистински извори на инспирација и да го пренесат тоа преку секакви електронски направи.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 33|