Скопје Blues & Soul 2005

/, Звук, Блесок бр. 43/Скопје Blues & Soul 2005

Скопје Blues & Soul 2005

#1 Годинашново издание на фестивалот, деветто по ред, уште еднаш се потврди како квалитетен музички настан кој веќе се најде на мапата на респектираните европски блуз фестивали. Двете вечери (4 и 5 јули) со четири учесници, им понудија многу задоволство на локалните љубители на блузот и музиката воопшто. Очигледно, блузот најде плодна почва во овој дел од Европа. Можеби Хавиер Варгас најдобро го прокоментира, со зборовите дека дојде во европскиот Мисисипи! Се разбира, без собирачи на памук, тутуноберачи можеби, но со чисти, чесни блуз звуци и забава кои беа во прв план на фестивалот!
#2 Музичката концепција на годинашното издание на фестивалот беше да се презентира современата европска блуз сцена, која секако има што да понуди. Во ова, впрочем, се уверија бројните љубители на блузот во двете жешки јулски ноќи во Градскиот парк. Блузот денес се смета за широко прифатена и влијателна музичка форма која одамна се потврди на стариот континент.
#3 „Роу Хајд“ од СЦГ, „Варгас Блуз Бенд“ од Шпанија, „Коен Волтерс Бенд“ од Холандија и „Најн Билоу Зироу“ од Велика Британија се претставија во одлична светлина, покажувајќи различен пристап кон блузот, што публиката го почувствува и ги награди со голема поддршка.
#4 „Роу Хајд“ го отворија фестивалот на 4 јули, со својата ритмична верзија на класичниот звук на Чикаго блузот од педесетите години од минатиот век. Момчињата од Србија се класа, екипа блузери кои својата уметност ја полираа во изминатите дваесеттина години, што беспрекорно го покажаа на сцената со својата изведба. Фронтменот Јован Илиќ презентираше одлична свирка на усна хармоника, водејќи го бендот низ внимателно одбрани блуз стандарди кои на сите членови им овозможија да покажат што знаат. Со квалитетна асистенција на двајцата гитаристи (браќата Станошевиќ) и цврста ритам секција, тапани и контрабас(!), „Роу Хајд“ беа на вистинската патека сето време од својот настап.
#5 Ѕвездите на вечерта беа „Варгас Блуз Бенд“ од Шпанија, кои понудија своја верзија на блузот зачинета со елементи на традиционалната шпанска музика (фламенко). Составот претстави материјал од штотуку излезениот албум „Љубов, задништво, мир“ помешан со фаворитите од поранешните изданија кои се покажаа како инстант успешни. Посебно изненадување за публиката беше појавата на младиот вокалист Девон Алман, син на големиот Грег Алман од „Алман Брадерс“! Со голем вокален потенцијал, потсетувајќи на својот татко, Девон Алман секако е пред блескава кариера!

#6 „Коен Волтерс Бенд“ од Холандија ја отворија следната, последна вечер од фестивалот (5 јули) со квалитетен блуз-рок кој беше одлично прифатен од публиката. Инспирирани од имињата како Џими Хендрикс, Стиви Реј Вон и слични, Коен и неговите колеги го презентираа нивното видување на блузот кое е мошне популарно на современата блуз сцена. Коен Волтерс е одличен гитарист кој им оддава почит на легендите, но кој во исто време си е свој, нешто што е доста ретко денес. Неговиот стил е полн со страст и чувство, никогаш не претерува со солистички егзибиции, иако тоа лесно би можел да си го дозволи со оглед на својот квалитет како музичар. Тој преферира тоа да го прави контролирано и со „филинг“. Коен исполни музика од својот најнов албум „Скршено стакло“, заедно со некои познати стандарди,а мојот личен фаворит беше неговата тема „Танц на месечина“, бавен блуз во кој Коен покажа зошто беше повикан на фестивалот. Моето предвидување е дека „Коен Волтерс Бенд“ наскоро ќе биде познато име на европската сцена и можам само да се надевам дека наскоро повторно ќе ги гледам.
#7 Годинашното издание на фестивалот беше затворено на најдобар можен начин, со легендарните „Најн Билоу Зиро“ од Англија. Одамна сметани за едни од најдобрите експоненти на британскиот ритам и блуз, наследници на бендовите од шеесетите години од минатиот век како „Прити Тингс“, „Јардбрдс“, „Дем“, „Парамаунтс“, „Артвудс“ и други, „Најн Билоу Зиро“ го одработија својот сет од оригинали и обработки во голем стил, кој предизвика вистинска журка на присутните! И не можеше да се очекува нешто друго, со оглед на музичкото педигре на членовите на бендот: Брендан О’Нил и Џери Мекевој беа долгогодишна ритам секција на легендарниот Рори Галахер, гитаристот Денис Гривс не без причина се смета за еден од најдобрите во Велика Британија, додека Марк Фелтам е професор по усна хармоника! Имав можност да гледам врвни имиња во Скопје и надвор, па можам да кажам дека „Најн Билоу Зиро“ се едни од најдобрите, а и публиката би можела да го каже истото. Овој сјаен бенд го затвори фестивалот во голем стил и веќе сега со голем интерес го очекуваме јубилејното, десетто издание кое би требале да биде уште поквалитетно!

Линкови:
www.VargasBlues.com
www.Honeytribe.com
www.CoenWolters.com
www.NineBelowZero.com

2018-08-21T17:21:32+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 43|