Скопје Блуз и Соул Фестивал 2007

/, Звук, Блесок бр. 55/Скопје Блуз и Соул Фестивал 2007

Скопје Блуз и Соул Фестивал 2007

извештај

Мнозина од љубителите на блузот и музиката воопшто се сложуваат во оценката дека годинашниот фестивал беше еден од најдобрите досега, докажувајќи уште еднаш дека овој фестивал несомнено е еден од најдобрите во овој дел од Европа. Два дена исклучителна музика и супер атмосфера ја воодушевија публиката која посакуваше сето тоа да потрае, но за жал, ќе мора да почека до следниот јули. Како и да е, сите изведувачи ги оправдаа очекувањата со својот различен стилски приод кон блузот, тие дојдоа од САД и Европа нудејќи ни поглед на современата светска сцена. Сите одлично се забавуваа, времето беше пријатно, пивото доволно ладно, музичарите решени да се покажат во најдобрата светлина, така што сите присутни (околу две илјади) уживаа во секој миг на фестивалот. Можевме само да посакаме сето тоа да трае подолго и се надеваме дека така ќе биде во блиската иднина.
#1 Одличните “The Nimmo Brothers” од Велика Британија, поточно од Глазгов, за првпат се појавија и дебитираа во овој дел од Европа со експлозивен сет на оригинален и грижливо одбран материјал од други автори и покажаа зошто во моментот се едни од најдобрите експоненти на британската блуз сцена. Предводени од одличните гитаристи, браќата Нимо, Стиви и Ален, групата едноставно го растури местото, а тоа беше само почеток на фестивалот! Придружени од мошне квалитетна ритам секција, браќата неуморно се менуваа и разменуваа гитарски рифови и соло делници, така што никој од присутната публика не можеше да одоли а да не цупка со нозете и да мавта со раце во ритамот на музиката која покриваше широк дијапазон на извори. Групата свири квалитетен сопствен материјал кој е цврсто врзан со корените на блузот, зачинет со доволно елементи на рокот за да бидат сите вкусови задоволни во текот на свирката, во која се слушнаа и некои класични блуз нумери од кои особено беше одлична изведба на темата “So Many Roads” на големиот Otis Rush. “The Nimmo Brothers” исполнија и неколку теми од својот штотуку излезен албум “Picking Up the Pieces” кој навести дека групата повеќе се определува за нијансиран приод кон рокот кој секако ќе придонесе за комерцијален успех, но кој нема да ги воодушеви блуз традиционалистите кои ги имаше доста во публиката. Во секој случај, “The Nimmo Brothers” се покажаа во одлична светлина и заслужено беа повикани на бис кој ги разигра сите присутни и претставуваше одличен завршеток на првата фестивалска вечер.
#2 Ѕвезда на вечерта несомнено беше Sherman Robertson, кој отсвири прекрасен репертоар комбиниран од сопствен и позајмен материјал, инаку издаден на неговиот последен, концертен албум “Guitar Man”. Кон ова. придодаде и неколку нови композиции кои сите заедно покажаа зошто тој во моментот се вбројува во врвните блуз изведувачи на денешницата. Тој воспостави неверојатен флуид со публиката која позитивно реагираше во секој миг од настапот. Тексас и Луизијана според него претставуваат негов дом, што беше евидентно во неговата музика која произлегува од споменатите држави на САД; тој е извонреден гитарист и вокалист кој го одбра Скопје како град во кој ја започна својата летна европска турнеја, а за таа прилика, како и неколку години наназад, негов придружен состав е британскиот “Blues Move”, составен од искусни музичари кои го испекоа својот занает низ бројните настапи во Велика Британија и Европа, така што беше природно тие да се најдат со големиот блузмен и заедно да направат неповторлива свирка. Sherman Robertson е навистина големо име: тој несебично се дава во секој настап, музичар е кој го живее блузот и е способен да го претвори во уметничка форма, што беше евидентно во жешката скопска ноќ. Некои теми од класиката на блузот беа едноставно неповторливи, тоа особено може да се каже за изведбата на “Tin Pan Alley”, позната тема во која сјајните соло делници се испреплетуваа со промени на ритамот, зачинети со одличен сценски настап. Тој се прошета низ публиката непрекинато свирејќи гитара на општо задоволство! Исто така, тој се покажа како голема личност разговарајќи со љубителите на блузот, не одбивајќи никого за сликање иако самиот изгледаше како штотуку да излегол од базен! Со неговиот ефектен настап заврши првата фестивалска вечер.
#3 Триото на Влатко Стефановски беше предвидено да го отвори вториот ден од фестивалот и неговото блуз деби беше очекувано со големо нетрпение. Еден од врвните гитаристи конечно го избра вистинскиот момент и правото место каде што за првпат ќе отсвири блуз концерт за да ја покаже и другата страна на својата музичка личност. Оваа музика секогаш беше длабоко во него и триесетина години и дваесетина албуми подоцна, тоа едноставно мораше да се случи. Сите изминати години тој исполнуваше различни музички жанрови, било како член на легендарните „Леб и сол“, било како соло уметник. Местото на настанот беше исполнето со љубителите на неговата музика, кои почувствуваа дека нешто убаво ќе се случи. Сите беа присутни во исклучителен момент во времето, нешто што ретко се случува, па затоа и не смее да се пропушти. Тие го добија она што го посакуваа на најдобар можен начин, бидејќи Влатко и неговиот бенд презентираа еден час класичен блуз материјал. Од познатите блуз теми, најдобар впечаток оставија верзиите на “Stormy Monday”, “Rock Me Baby”, “Spider In My Web” и, се разбира, неговиот личен фаворит “Need Your Love So Bad” од репертоарот на “Fleetwood Mac”, композиција со која некогаш „Леб и сол“ ги завршуваа своите концерти. Квалитетна ритам секција беше на своето вообичаено високо ниво, овозможувајќи му на Влатко да се искаже како блуз музичар од висока категорија. Неговиот вокал делуваше поквалитетно во однос на она што го слушавме порано, изгледа дека англискиот јазик подобро му лежи како вокалист. Во секој случај, неговиот прв блуз концерт ќе се памети, задоволните љубители на блузот и неговите фанови воопшто беа таму, создавајќи за него посебна атмосфера која долго време ќе опстојува во нивните мисли.
#4 Голем број љубутели на музиката дојдоа на фестивал специјално за настапот на легендарниот Jan Akkerman чиј легат со неповторливите “Focus” го одбележа како едно од најголемите гитаристички имиња на современата музика На настапот во Скопје, тој на најдобар можен начин ѝ се оддолжи на публиката. Придружен од импресивен состав, Акерман ги воодушеви присутните со својот изведувачки опус низ сложено структуирани композиции во кои беа застапени темите од веќе споменатиот состав, од големиот авторски опус како соло музичар, како и неколку композиции кои за првпат беа изведени токму во Скопје. Неговата гитаристичка виртуозност ја собра пред него елитата на македонските рокери и блузери кои со внимание го следеа секој тон на мајсторот! Врвот на вечерта претставуваше повикот на Акерман до Влатко Стефановски да му се придружи на сцената: нивното заедничко музицирање ги дигна сите на нозе. Влатко беше очигледно импресиониран да ја дели сцената со еден од своите гитариски херои, каков спектакуларен крај на фестивалот! Вечер што долго ќе се памети… Сè на сè, фестивалот помина во најдобар ред и може слободно да се каже дека блузот во Скопје има плодна почва, така треба и да биде, а самиот фестивал постави нови високи стандарди за следните години, за кои немаме сомневања дека ќе бидат надминати низ нови фестивалски случувања.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 55|