Скопски блуз земјотрес

/, Звук, Блесок бр. 16/Скопски блуз земјотрес

Скопски блуз земјотрес

#4    Некои скопјани успеаја, за разлика од други, во овие пеколно жешки денови, барем за кусо време, да се разладат со извонредна музика и студено пиво во рамките на традиционалниот „Блуз и соул фестивал што се одржа во Куршумли ан. Ова четврто по ред издание на фестивалот го потврди фактот дека квалитетот на музиката се зголемува со секоја измината година, што всушност го потврдија и присутните гледачи, љубители на блузот и соулот. Навистина, оваа година можевме да се увериме во квалитетната транспарентност на блуз и соул идиомот кои го најдоа патот кон вистинските љубители на ваков вид музика. Се чини дека посетителите интерактивно делуваа во однос на изведувачите – сите заедно создадоа атмосфера што ќе се памети, барем до следното издание на фестивалот. Во таа смисла, сите пофалби до Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, која се погрижи, во рамките на Скопско лето, да бидеме сведоци на првокласен музички настан. Имињата што ѝ се претставија на скопската публика, секое на свој начин, ги разбрануваа скопските жешки ноќи, едноставно нè принудија да ѝ се потчиниме на музиката што извираше од нивната креативнсот и моменталната инспирација. Но, да одиме по ред.

Првата вечер имавме можност да проследиме возбудлив и експлозивен спој на младоста со класиката на блузот, олицетворен во настапот на Ник Дунусис и неговите „Бекбоун“ и легендата на Чикаго блузот, извонредниот Фил Гај. Присутната публика имаше ретка можност да се соочи со звезда во раѓање – #6Ник Дунусис – пред кого што е блескава кариера.Таков квалитет во исполнувањето на блуз идиомот во Скопје сè уште не сме имале можност да почувствуваме. Едноставно, Ник во својот настап одржа предавање како се свири блуз со вдаховена душа и супериорна техника која за повеќето гитаристи со репутација во светот е само мислена именка. Во спојот на тексашкиот блуз во кој се чувствуваше здивот на великаните како Фреди Кинг и Стиви Реј Вон, сплотен со елементарните рок параметри што ги поставија имињата како Џими Хендрикс и други, Ник Дунусис нè увери дека Скопје е само попатна станица кон врвот кој несомнено го очекува. По таков настап, како шлаг на торта можевме да го проследиме блузот на Фил Гај (помлад брат на Бади Гај), чиј архаичен звук на Чикаго блузот од педесетите години, едноставно нè потсети на имињата со кои тој всушност и настапуваше: Мади Вотерс, Хаулин Волф и Џон Ли Хукер. Љубителите на блузот можеа директно да го почувствуваат времето кога блузот беше исклучиво музички израз на црнечката популација, а неговото електрично издание привилегија на урбаните средини во САД. Со дискретна придружба на Ник и неговиот бенд, Фил Гај ни ја долови атмосферата на едно време кое што неумитно се губи во временските длабочини. Настап што во Скопје ќе се памети!

#7 На втората вечер, настапот на бендот на Васил Хаџиманов од Белград не се вклопи во атмосферата од претходната ноќ, пред сè поради сосема спротивна стилска определба на која секако ѝ беше место на некоја поинаква сцена. Фузија на џезот, рокот и македонската народна музика немаше многу допирни точки со блузот, но квалитетното музицирање на Васил и останатите од бендот го најде своето место кај публиката, посебно меѓу помладите посетители. Вечерта заврши со нашиот стар пријател, земјакот Тоше Тодоровиќ и неговиот „Блуз Компани“ од Германија. Стандардно квалитетен настап во кои доминираа композициите на бендот, уште еднаш покажа зошто „Блуз Компани“ се вбројуваат во најквалитетните претставници на германската блуз сцена.

Фестивалот ја доживеа својата кулминација последна вечер која што љубителите на блузот во Скопје нема да ја заборават. Забавата започна со настапот на младиот и надежен бенд на гитаристот Лаки Гергета од Италија, попознат како „Мистер Лаки Сенсашен Бенд“. Според блуз вокација, Лаки се движеше по патот што го создадоа таканаречените „бели“ претставници на блузот како Ерик Клептон, Питер Грин и легендите олицетворени во блузот на Џими Хендрикс, Б.Б. Кинг и Гитар Слим. Со сценски смирена претстава, без ефтини ефекти, Лаки се потврди како надежно име чие што време доаѓа со сигурни чекори.
#5 Честа да го затвори фестивалот, не без причина, му припадна на Мајкл Хил и неговиот бенд „Блуз Моб“. Тоа беше кулминација на сето она што љубителите на блузот го проследија на фестивалот, а тие, како да почувствуваа дека нешто посебно се подготвува, во голем број се појавија во Куршумли ан. Сето што следеше потоа долго ќе се прераскажува! Едноставно, Мајкл Хил беше најголема ѕвезда на фестивалот и тој тоа го потврди на толку супериорен начин, што кај присутните едноставно остана дилема – дали тоа навистина се случува!
Буквално по излегувањето од авионот на скопскиот аеродром, Мајкл се искачи на сцената и во својот речиси двочасовен настап ја стаписа публиката со својот оригинален пристап кон блузот кој претставуваше амалгам на спротивставените музички стилови, карактерстични за њујоршката сцена, хип-хопот, соулот, рапот, класичниот фанк од „Стакс“ периодот, суптилноста на „Мотаун“ звукот и рок експлозија преку „класиката“ на Џими Хендрикс, Лед Цепелин… Беспрекорна музичка изведба, совршено придружена од останатите членови на неговиот бенд, беше повод за кус коментар од Тоше Тодоровиќ: „Не би ми паднало на памет да се качам на сцената по Мајкл Хил!“ Тоа беше едноставна вистина – Мајкл Хил во Скопје постави нови, високи стандарди кои што тешко дека некој ќе ги достигне. Со имињата како Мајкл Хил, блузот влегува во новиот милениум, а незаборавна вечер во Куршумли ан секако ќе биде поттик за луѓето од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје и во наредните години да го задржат нивото на фестивалот кој, полека но сигурно, се потврдува како неминовност во културното опстојување на градот.

звучни записи

2018-08-21T17:22:03+00:00 август 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 16|