„Седум приказни“ за седум расположенија

/, Звук, Блесок бр. 91/„Седум приказни“ за седум расположенија

„Седум приказни“ за седум расположенија

Кон првиот самостоен албум на нашиот афирмиран тапанар Гоце Стевковски, „Седум приказни“, кој му дава нов поглед на музичкиот живот

#1 Во една петочна летна вечер, на годинашното културно „Скопско лето“, прекрасниот амбиент на Сули ан во Старата чаршија беше исполнет со звуците на џез-септетот на македонскиот тапанар Гоце Стевковски, нов бенд составен од веќе реномирани и афирмирани музички имиња кои претежно делуваат во сферата на џезот. Очекувано, како и досега (момците од септетот сме ги гледале засебно во други формации), ни подарија една интересна, инспиративна, па и иновативна вечер во која музиката им ги стопли срцата на присутните. Септетот составен од извонредни музичари од различни генерации кои ги сплотуваат досегашните искуства стекнати во земјава, ама и надвор, на европските џез сцени, го промовираше првиот албум на Гоце Стевковски насловен „Седум приказни“, кој неодамна го виде светлото на денот во издание на „Пасворд продукција“.
Покрај Стевковски, кој е автор на сите седум композиции кои го чинат албумот, и се разбира, кој се јавува и како тапанар, овој нов состав, кој првпат во ваква формација ги здружува своите креативни сили, го чинат и Трајче Велков на труба, Кире Кузманов на алт-саксофон, Иван Иванов на тенор-саксофон и флејта, Александар Икономов на контрабас (иако на концертната промоција на контрабас го видовме Оливер Јосифовски), Дамир Имери на клавијатури и Сашко Николовски на тромбон; како специјален гостин се јавува кубанскиот перкусионист Оскар Салас, кој веќе две години живее и твори во Македонија.
По соработката со истакнати музички уметници и групи, меѓу нив и Кирил Џајковски, Никола Коџабашија, „Д.Н.О.“, „Фолтин“, Бодан Арсовски и „Езгија оркестар“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект Жлуст“, Гоце Стевковски решава да броди сам во морето од музика; по деценија и половина успешни соработки, тој конечно се докажува и како композитор. Албумот „Седум приказни“ („7 Stories“) е сигурно плод на сето негово досегашно знаење и умешност што Стевковски најпрвин го градел, развивал, а потоа и го исполнувал, но е и експлозија од креативност која во него тлеела годиниве наназад и на која „сега ѝ дошло времето“ да се изрази, да се појави пред јавноста.
Уште на самиот почеток, со насловната тема, се наѕира целокупната атмосфера што го обојува албумот. Може да се гледа како на издание со програмски карактер, во кое имињата на композициите ја сликаат и содржината; насловите „Седум реки“, „Седум дена“, „Седум џуџиња“, „Седум гревови“, „Седум чуда“, „Седум планини“ ѝ даваат една бајковита структура. Почетокот е впечатлив, темата ја носат дувачите, како што се случува и во понатамошниот тек; дувачите, всушност, се акцентот и сржта на музичките приказни. На албумот од прва се „слуша“ ревискиот карактер, со што се наметнува амбиентот препознатлив од 70-тите години на минатиот век. Но, истовремено, во него силно се чувствува и влијанието од ЈУ-музиката, но и од филмовите и воопшто од културата која се ткаеше во бившата федерација, период кој за многумина е најубавото безгрижно време. Затоа, музиката во „Седум приказни“ зрачи со оптимизам, таа поседува и еден романтичарски поглед со манири на заводливост, со мирис на вљубеност.
Втората тема патува во рамките на т.н. свинг-блуз, враќајќи нè десетина години наназад, додека третата нè води во еден препознатлив афро-кубан стил во кој секако, придонесува Оскар Салас со своите перкусии и се добива едно вистинско латино расположение. До крајот на „Седум приказни“ љубителите на џез-музиката и тоа како имаат можност да танцуваат со еден стандарден, класичен џез, но и да се релаксираат патувајќи или сонувајќи во различни расположенија, да слушаат музика во која многубројните импровизации и мајсторските сола на сите музичари подеднакво пленат.
Она што го издвојува првиот албум на Гоце Стевковски е спојот на музичарите кои партиципираат во него. И тоа е вистинско освежување – дувачкиот корпус составен од млади музичари кои доаѓаат од престижната школа од Грац, и кои ја збогатуваат македонската џез сцена, потоа Александар Икономов на контрабас кој неколку генерации поназад ја поминал истата школа и кој моментно свири и живее во Њујорк, како и искусните Сашко Николов и Дамир Имери кои долг период се дел од биг-бендот и од нашиот музички живот воопшто. Момците прават еден несекојдневен и мошне впечатлив спој од разновидни влијанија. Всушност, на албумот се чувствуваат и рефлексии од великаните на џезот и од нивното творештво во периодот од 50-тите до 80-тите години, како Чик Кореја, Херби Хенкок или Чарлс Мингус, но се разбира, сплотени со индивидуалната продуктивност на Стевковски и неговата дружина.
„Седум приказни“ несомнено ја збогатува македонската џез продукција и му дава еден нов поглед на музичкиот живот кај нас.

2018-08-21T17:20:49+00:00 септември 21st, 2013|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 91|