Реј Кудер, музички мисионер

/, Звук, Блесок бр. 32/Реј Кудер, музички мисионер

Реј Кудер, музички мисионер

Со Mambo Sinuendo, албумот што заеднички го потпишаа со гитаристот Мануел Габлан и продукцијата врз новиот проект на легендарниот Ифрахим ФерерBuenos Hermanos, Кудер ја заокружува сторијата за херојското воскреснување на кубанската популарна музика.

#1 Некои луѓе се предодредени постојано и упорно да ги бараат убавините на едноставноста во светов на искривоколчени вредности и владение на ефтината комерцијализација. Реј Кудер, еден од најзначајните светски гитаристи во последниве неколку децении, авторот на бележита филмска музика… е токму еден од нив. Со ореол на човек со плодна кариера во светот на глобалната популарна музика и искуство кое претпочита минување низ сито и решето, тој е и еден од оние чиј немирен дух ги упатува на рамните на себе од различните поднебја на планетава земја. Американец по раѓање, космополит по животна определба, Кудер во ниту еден сегмент од сопственото музичко делување не ги затворил очите пред спектарот влијанија и измешаноста на културите и созвучјата. Од таму, неговото условно мисионерство не почнува и не завршува со ситното посегање по амбиентот или ритмите на неговиот микрокосмос, туку фрла многу подалеку (како во случајот на неговата авантура со Индиецот … или кога заедно со феноменалниот гитарист од Мали – номадот Али Фарка Туре токму на африканскиот континет трагаа по вистинските корени на блузот како музичка форма) и во суштина ја претпочита искреноста во приодот кон дадената материја.
Од таму, никому не му беше чудно што споменатиов, некаде пред седум години, стамено застана зад проектот Buena Vista Social Club и така на светот му обрна внимание не само на виталноста на кубанската традиционална музика туку и на нејзините големи ѕвезди од предреволуционерниот период кои речиси беа заборавени. Кудер, заедно со Ник Голд од етикетата World Circuit и славниот германски режисер Вим Вендерс кој го потпиша документарецот со името на албумот, соништата на големите мајстори Компај Сегундо, Рубен Гонзалес, Елијадес Очоа, Ибрахим Ферер, Омара Портуондо, Афро Кјубан Ол Старс, Качаито, Габлан… ги сторија јаве. Од улиците на сиромашната Хавана каде со своето мајсторство едвај преживуваа, ги однесоа на сцената на њујоршкиот Карнеги хол… Едновремено, албумот со милионскиот тираж стана најпродаваниот од оние што се бележани како “world music”, а кариерите на погореспоменатите легенди добија поинакви, поуспешни теченија. Згора, „експлозијата на кубанската музика“ ги залуде љубителите на убавата музика и само ѝ погодуваше на севкупната експлозија на латиноамериканската музика.
И, кога веќе работите си дојдоа на своето место, Реј Кудер во секој иден проект со кубанска музика влегуваше со внимание на голем професионалец кому добро му е јасно дека преџвакувањето на успешната формула може само да ја урниса дотогашната заложба.
Од таму обата актуелни проекти, Mambo Sinuendo што го сними со Манел Габлан и оној на стариот пријател Ибрахим Ферер насловен како Buenos Hermanos, за кој ја потпиша и продуцентската работа, одат во прилог на констатацијата дека всушност се заокружување на сторијата за реоткривањето на кубанската поп музика.

звучен запис

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 32|