Радио: Канал 103

/, Звук, Блесок бр. 28/Радио: Канал 103

Радио: Канал 103

Во деновите од изминатиот викенд, речиси за влакно, ќе отидеше курбан едно од култните радија во државава – Канал 103. Имено, директорот на Македонско радио, во саботата, им соопштил на хонорарните соработници на 103-ка дека треба да се „селат“ на една од двете фрквенции (Радио Скопје или Втора програма) кои емитуваат програма на државно ниво и програмата што би ја подготвувале би одела во етер во периодот од два до шест часот наутро и на тој начин тие би го прошириле кругот на своите слушатели (?!). На тој начин би бил решен статусот на Радиото за кое одамна се вели „дека го нема во актите на МРТ, а на што пак сега демек инсистираат од Советот за радиодифузија и Предаватели и врски…“. Небаре се работи за виртуелно радио, а на сите добро им е познато дека оваа програма е една од големите придобивки на МРТ од транзицијата и заживувањето на демократијата на овие наши простори. Згора на тоа, 103-ка, како пионер во тој процес, има свој не мал аудиториум (неколку генерации) кој од своја страна фанатично го подржува сето она што е вообличено како аудио понуда. Притоа, заради различните „концепти“ за иднината на Радиото, работата отишла до таму што споменатиот директор од соработниците се разделил со забрана од понеделник наваму да не влегуваат во просториите на МРТ. Арно ама и овие не останале со скрстени раце, та работата стигнала до Генералниот директор и тој, велат зачуден од тоа што го слуша (?!) го пресекол јазолот. Канал 103, со сите салтанати – програма, одбрана музика, водители и сл., ја продолжува својата одисеја во етерот. Онака како што знае и умее. Како досега.
Навидум како ништо да не се случило. Е, арно ама не ќе да е така.
Најнапред вчудоневидува ваквиот потег сторен непосредно пред Изборите. Се отвора прашањето кому му е потребна токму сега фреквенцијата на која долг период егзистира Радиото? Потем, како тоа оддеднаш се досетил дотичниот директор дека на една единка од Македонското радио со кое раководеше во изминативе четири години не ѝ е решен статусот. На крајот на краиштата, многу пологично е и сега кога му текнало да се позанимава со тоа прашање да не го фрла во вода сето она со што 103-ка како кредит од минатото се има стекнато досега. Тоа би требало да е и негов успех. Или, пак, можеби и тој мисли дека Канал 103 е „слепото црево на МРТ“, „програмата што некои ја направиле за да си ги здомат сопствените деца“ или „свртувалиште на наркомани“… И, така до бескрај.
Да се разбереме, со одлуката на Љупчо Јакимовски Канал 103 да ја продолжи програмата на определената фреквенција, се чини дека само е пролонгирано неговото тивко убивање. Оти, очигледно е дека проблем постои и дека ќе треба да се има многу сенс за современите токови сред младата популација за да се разбере и подржи генералниот концепт на кој се потпира сите овие години наназад ова и не само музичко Радио. Едноставно, би бил неопростив грев ако неговата храбра историја се фрли на буништето на минатото. Не дека во етерот над Македонија (Скопје) нема да се појават такви радија во иднина, туку и од причина што ова онака како што функционираше можеше да опстои само во рамките на јавниот сервис, од парите на неговите слушатели. Никако поинаку затоа што во старт би била усмртена идејата за негова независност. Она на што понекогаш со гордост можеа да се пофалат соработниците на 103– ка од повеќето периоди на нејзиното (суб)културно делување.
Да се разбереме, има и еден куп млади луѓе кои со право ќе констатираат дека е отапена острицата на Радиото, дека напати тоа се престорило во сопствена карикатура, дека се испуштени конците од рацете… И, тоа не го говорат од злоба, туку со намера да си го имаат своето радио онакво какво што прилега. Авангардно. Модерно. Силно. Бескомпромисно. Со обете ноѕе во сегашноста, а не во минатото. Со нови гласови и одбрана музика што ќе ги провоцира и тера на акција… Како некогаш. И, во тоа е големата вистина.
Ова никако не оди во корелација со неисплаќањето на хонорарите на соработниците што е позната болка на МРТ, застарената техника (во студиото одамна требаше да има компјутер) со која во никој случај не може не може да биде вообличена модерна аудио слика која ќе одговара на времево во кое живееме, пројавената самодоволност …
Конечно, сè заедно во никој случај не е причина најнапред за гетоизирање на програмата поместувајќи ја во глувото доба од ноќта, а камоли за негово затворање. Оној што ќе се реши на таков потег дефинитивно нема никаква врска со професијата, а не пак со радиото како медиум. И, да не се лажеме ако јавниот концесионер нема сили, средства, можности, знаење… за да го реши „проблемот“ наречен Канал 103 (кој во реалноста може да постои, повторуваме, само како идеја за „проветрување“ на програмата и делумно екипата), тогаш работата е повеќе од сериозна.
И жална, едновремено.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 28|