Преписка со Нина: Влези кога ќе посакаш, вратате е отклучена

/, Звук, Блесок бр. 100/Преписка со Нина: Влези кога ќе посакаш, вратате е отклучена

Преписка со Нина: Влези кога ќе посакаш, вратате е отклучена

Ветрот е див
Реинкарнација на египетската кралица
Две песни
DON"T LET ME BE MISUNDERSTOOD

Во ред, можеш да ме викаш Нина. Родителите ми го дадоа името Јунис… Јунис Кејтлин Вајмон. Се родив на 21 февруари 1933 година, во Тријон, мало гратче во Северна Каролина. Земјата на Чироките. Пред да дојдат белите ѓаволи и да ја обојат во црвено. На местото на Тријон тогаш имало индијанска населба која се викала Хуала. Први стигнале конквистадорите, а потоа и Французите и Англичаните, па пругата и градовите… за сето тоа им требале робови.

Нина, така некако ме викаше тој, мојата прва љубов, од шпанското niña, девојче. Само заради него тоа стана и мое име и остана до крајот на животот. Тоа беше на почетокот на педесеттите. Веќе во педесет и четвртата свирев во Атлантик Сити. Малку порано го гледав оној француски филм… како ли се викаше, да… Casque d’or и таа беше во него, прекрасната Симон Сињоре. Во нејзина чест е и моето второ име, Симон. Така некако станав Нина Симон, сама против сите, со своите свирки во Мидтаун Бар & Грил, на авенијата Пацифик, во Атлантик Сити.

И таа работа ја зедов за да можам да си ги платам часови по клавир. Сѐ што сакав беше да студирам клавир. Да го свирам Бах. И колку и да бев добра, не ме примија на институтот Кертис. Можат тие колку сакаат да тврдат дека не било заради боја на мојата кожа, ама јас знам дека е. Знам како се однесуваа, сѐ видов. Некои работи не успеваат да се прикријат.

Родителите ми беа свештеници. Она што го свирев го нарекуваа ѓаволска музика. Си отидов од дома. Мојата работа ја нарекуваа џез. Ама тоа не е џез. Со џез воглавно белците ја означуваат музиката на црнците омаловажувајќи ги. Не се согласувам со тоа! Мојата музика е црна класика. Јохан Себастијан Бах ме донесе дотука. Немилосрден беше тој пат, од потомците на робовите во Тајрон, егзилот во Либерија, до реинкарнацијата на египетската кралица во Франција. Мадам Нина, докторка Симон, така викај ме!

Muzika

2018-08-21T17:20:42+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 100|