Почнав со „Битлси“ и морав да го продолжам патот на музиката

/, Звук, Блесок бр. 89/Почнав со „Битлси“ и морав да го продолжам патот на музиката

Почнав со „Битлси“ и морав да го продолжам патот на музиката

#1 Документарни филмови за поп и рок ѕвездите „Битлси“, Џими Хендрикс, Френк Запа, за оперската дива Марија Калас, за големите композиторски умови Игор Стравински, Рихард Вагнер, Бенџамин Бритн, се само мал дел од исклучително богатото портфолио на големиот британски режисер Тони Палмер (1941), добитник на најзначајните светски телевизиски награди. Се сретнавме со господинот Палмер во Скопје, пред неколку месеци, испивме едно долго кафе во ресторанот на Младинскиот културен центар, а поводот за неговото доаѓање овде беше неговата куса, но значајна улога во филмот „Соба со пијано“ на Игор Иванов. Тони Палмер се покажа како многу топол и ведар лик, како исклучителен соговорник кој не сакаше да го прекине муабетењето особено за големите музички уметници, дел од нив и негови добри пријатели, како човек полн со инспирација, мудрост, но и храброст.

Господине Палмер, навистина е невообичаено да се слушне дека еден од најголемите режисери претежно на музички документарци ќе застане и од другата страна на камерата, како актер, и тоа во Македонија. За почеток, имате ли воопшто некакво друго искуство поврзано со нашата земја?

Да! Имам. Со Македонија сум поврзан повеќе од 50 години. И тоа преку една плоча која што ја добив во 1961 година. Тоа е плоча со традиционална македонска музика, но сега не ги паметам имињата на изведувачите. Сепак, станува збор за прекрасна музика која што ја слушав цело време. Плочата се излити, но ја снимив во дигитална форма.
Инаку, Скопје еднаш го посетив пред 30 години, ама како турист. А, уште една поврзаност со Вашата земја, е филмот кој го снимив пред неколку години. Се работи за портрет на познатиот грчки композитор Вангелис кој ме заинтересира многу кога зборуваше за тоа каде тој ја наоѓа својата инспирација. Тој велеше дека се инспирира од стара грчка музика, како што ја нарекуваше, но секако тоа не беше „бузуки“ музика, туку постара музика од тоа што го викаат „Грчка Македонија“, а всушност потекнува од овде. Запознаен сум со политичките проблеми на Вашата земја со Грција, па на некој начин секогаш тој звук ми бил многу важен. Византиски звук, ако може така да се каже како еден од начините да се опише.

Пред да преминеме на прашањата за Вашата професија како режисер на музички документарци, какво е Вашето актерско искуство? Се надевам дека досега сте го стекнале со оглед на тоа дека сте соработувале со големи актерски и режисерски имиња?
Да, сум играл мали улоги во моите филмови, но најчесто тоа се случувало затоа што имало некаков проблем, па било побрзо јас да го сторам тоа, отколку да се бара друг актер. Интересно е да се види тој процес од сосема друг агол. Во овој контекст, научив една интересна лекција. Кога работев со Ричард Бартон, тој ми раскажа кога првпат се појавил покрај Елизабет Тејлор во филмот „Клеопатра“. Кога се снимаше овој филм, Ричард веќе беше ѕвезда, а Елизабет Тејлор беше некаде таму во вселената. Ричард беше нервозен. Сакаше да направи добра работа. Првиот ден отиде кај режисерот и му рече: „Извини, денес не беше најдобро.“ Ричард беше познат по тоа што не ги гледаше своите филмови и немаше поим како изгледа на екранот. Режисерот му рече дека сè ќе биде в ред. Следниот ден, Ричард повторно отиде кај режисерот и му рече: „Ужасен сум, навистина извини, но не знам што да правам.“ Режисерот го праша: „Што зборуваш?“ А, тој му рече: „Јас ќе ѝ ја кажам репликата на Елизабет, но нема реакција, не слушам што вели, не се случува ништо, како да глумам со штица!“ Режисерот му рече: „Утре ќе ја видиш сцената, мораш.“ Ричард се согласи оти бил многу загрижен, така ми кажа. Следниот ден, на сите очите ни беа залепени за Елизабет Тејлор во сцената. Таа за која се мислеше дека ништо не прави, всушност правеше сè. И сите велеа: „Кој е овој идиот што мавта со рацете?“ Тоа беше Ричард Бартон и навистина беше смешно.
Исто така, досега направив два филма со Бен Кингсли, а планирам уште еден. Во првиот филм, кој беше за Ганди, тој доби „Оскар“. Тогаш Бен беше сè уште долу, на почетокот на кариерата. И добро се согласувавме. Му реков: „Господине Кингсли, пробајте да не бидете актер.“ И му ја раскажав приказната со Бартон и Тејлор. Тој вети дека нема да биде актер во филмот кој ќе го снимаме следната година.
И, сега, во „Соба со пијано“, ми пријде режисерот откако снимавме една сцена. Јас се трудев да го направам најдоброто. А, тој ми рече: „Господине Палмер, беше навистина многу добро, но може ли помалку да глумите?“ Ете, тоа е многу добра забелешка, која ме следи од почетокот на мојата „актерска“ кариера.

Што Ве привлече во сценариото „Соба со пијано“, па да дојдете токму во Македонија и да бидете дел од филмот?
Имав можност да го гледам претходниот филм на Игор Иванов, „Превртено“. Мислам дека е полн со интересни слики, а има и мошне интересна приказна. Филип Бергсон ми го даде сценариото и таму за мене имаше многу мала улога. Си помислив – ова може да е интересно. Сакав да се вратам пак во Скопје, да видам што се случува, сакав да ја видам Македонија повторно и тоа беше уште една причина за да дојдам. А, од друга страна, пак, мислев дека ќе биде добра дисциплина за мене да сум од другата страна на камерата, бидејќи можам да научам нешто. И навистина научив многу: да се обидувам да не глумам. Тоа беше многу вредно искуство за мене.

Па, како го доживувате денес Скопје?
Интересно е. Еве ја Македонската радио-телевизија, како од времето на Тито. Ги гледате овие величествени згради среде Скопје. Скопје е целото како градежна локација. Многу се гради тука. Ја разбирам причината за тоа. Потребата да се изгради идентитетот. И сочувствувам со тоа, вие сте опкружени со ѕверки, Грција, Бугарија, Србија…, опкружени сте со овие ѕверки и имате потреба да се воспостави идентитетот. Но, мислам дека е штета што немавте малку повеќе храброст и не ангажиравте некои од големите светски архитекти. Вие сега градите нешто што никогаш не постоело. Ќе ви дадам пример за тоа, како е потребна храброст. Приказната за „Опера хаус“ во Сиднеј. Секогаш е поучна. Градскиот совет го даде земјиштето, но сите го мразеа дизајнот. Направија сè што е можно да го запрат градењето. Го уништија дизајнот. Првично имаше три објекти. Голем објект за опера, среден за театар и мал за камерна музика. Тие си рекоа, никој не оди на опера, операта ќе ја ставиме во средниов објект и тоа го сторија. Но, тоа не функционира воопшто, нормално. Ќе ставиш оркестар од 20 луѓе и тоа е лудило. Имаа ужасни проблеми. Но, ако гледате денес разгледница од Австралија ќе ја видите токму „Опера хаус“ во Сиднеј. Сфаќате што мислам, тоа изискуваше храброст, храброст на архитектот, храброст на неколку луѓе во Советот на градот, но мнозинството мислеше дека тоа е лудило. Штета е што македонските власти ја немаат таа храброст.
Има уште едно нешто. И очекувам дека заради ова што ќе го кажам ќе бидам депортиран штом дојдам на аеродромот (ха, ха..) Таа статуа, на плоштадот, на Александар Македонски: тоа е срамота! Тоа е ужас! Таа статуа всушност, припаѓа на филмска локација, припаѓа да биде во „Прометеј 2“ на Ридли Скот! Вон сите пропорции е! Во однос на сè што ја опкружува. Бевме на прошетка по главната улица – направивме убави фотографии, прекрасна атмосфера, и после ја видовме статуата. Сосема е смешна. Извадете ја и ставете ја на врв планина. Таму може ќе функционира, кога се гледа оддалеку на врв планина, но не во центарот на градот! Смешно, апсолутно смешно! Но, реков ќе ме уапсат на аеродромот.
Важно е да се каже дека ја разбирам потребата да се изгради идентитет заради гангстерите со кои сте опкружени: имате банкротиран гангстер на југот од вас, имате десничарски гангстер во Бугарија и гангстер во Србија. Ја разбирам потребата да се изгради идентитет, но има и други начини да се стори тоа. Сетете се на „Опера хаус“ во Сиднеј.

Да се вратиме на Вашата исклучителна работа. Какви беа почетоците, односно зошто се одлучивте да портретирате музички гении и на кој начин избирате кого ќе „сместите“ на филм?
За жал, првиот филм што го снимив беше многу успешен (ха, ха..). Филм снимен по сугестија на Џон Ленон – тој сакаше да се сними еден филм кој носеше наслов “All my loving”, што е секако песна од „Битлси“. За жал, филмот беше многу успешен и луѓето очекуваа дека тоа ќе го правам до крајот на животот. Е, сега, последниот филм што го снимив е за африкански драматург, нема врска со музика. Но, кога го направив, мојот пријател, големиот филмски композитор Ханс Зимер ме праша што правам и ми рече оти имал совршена музика за овој филм. Па, ете, не можам да избегам. Иако снимам за драматург, не можам да избегам од музиката.
Ние сите мислиме дека најдобра музика е онаа што се создавала во наше време, во времето на нашата младост. Јас сум толку стар што музиката на моето време беше онаа од доцните 60-ти и раните 70-ти, но мислам дека времето помеѓу 1965-66 и 1971-72 година е врвот на поп-музиката, и не само заради „Битлси“, туку оттогаш не било толку добро. Секако дека имало добри пејачи и добри бендови. И јас како и секој друг мислам дека Адел е одлична пејачка, и не мислам во буквална смисла дека ништо не се случило по 71-та, но тој период навистина беше исклучителен. Имајќи предвид дека бев на почетокот на мојата кариера, и дека „Битлси“ се мои пријатели т.е., двајца од нив, неизбежно беше дека ќе направам филм за тој свет, но правам и голем број филмови за класични музичари, како што знаете: за Марија Калас, Маргарет Фонтејн, за Игор Стравински, итн. Прашувате како ги одбирам? Понекогаш ме прашуваат – го знаеше и работеше со Џон Ленон, го знаеше и работеше со Стравински, па што имаат заедничко тие освен што се обајцата музичари? Е, па јас сум фасциниран од луѓе што имаат храброст. Морална или уметничка храброст, психолошка храброст. Тие луѓе прават нешто што ние не можеме – во смисла: не дека не можеме оти немаме способности, туку не би се осмелиле. Драматургот за кој снимав филм во Африка оваа година полни 80 години. Целиот живот го има посветено напаѓајќи ја белата африкано-апартхејдна влада. Бил апсен, му бил одземен пасошот, му се заканувале со депортација, но тој продолжил да напаѓа и иронијата е што тој бил африкано, не црн човек кој напаѓа бела Влада, туку бел е и самиот. И за тоа е потребна поголема храброст, за тоа треба и морална храброст, и физичка храброст оти му се заканувале и бил апсен. А, имам снимено филм и за Дмитриј Шостакович, големиот композитор. Тој мислел дека секој ден, буквално секој ден ќе дојдат да го одведат и да го стрелаат. Но, тој продолжил да пишува и покрај тоа што бил обвинет. Му се заканувале со сè, и за тоа е, повторно, потребна храброст.

Направивте документарец за големиот руски композитор Игор Стравински по повод 100 години од неговото раѓање. Лично ме интересира, а верувам и на читателите приказната за овој филм, за човекот кој изврши огромно влијание во музиката на 20. век?
И со Стравински приказната е повторно храброста. Му реков нему јас уште додека беше жив, но откако умре, вдовицата, неговата сопруга ме замоли да го направам филмот по повод 100 годишнината од раѓањето, што секако ми беше многу мило да го сторам. И еден од луѓето што ги интервјуиравме беше познатата француска учителка Надја Буланже. Ѝ реков дека не можам да разберам зошто во 20-тите години во Париз, кога Стравински веќе ги имал напишано трите негови големи хита, „Жар птица“, „Петрушка“ и „Посветување на пролетта“, тој сè уште доаѓал кај неа на часови. Надја ми рече дека и таа не го разбрала тоа. Но, јас ја прашав што добила од тоа искуство. Таа рече: „Едноставно е, ќе Ви кажам! Понекогаш, не секогаш, маж или жена доаѓа со визија, а сè што можеме да направиме ние останатите е да ја следиме нивната визија.“ И за тоа треба храброст, бидејќи за да се биде голем, навистина голем уметник, значи осаменост. Оставени сте сами на себе, нема никој околу вас што може да ви помогне, па вие самите буткате напред. И ќе дојде време кога ќе бидете нападнати, како што беше и Стравински, ќе ве критикуваат, како што го критикуваа и Стравински.

Сигурна сум дека во врска со храброста ќе зборувате и за Вашиот содржавјанин, композиторот Бенџамин Бритн, за кого направивте неколку, не само еден филм?
Бенџамин Бритн е мој добар пријател. И следниот филм ќе биде за него. Веќе имам направено три-четири. Интересно кај него е што тој беше одмазднички тип. Суров, себичен, непријатен, многу музичари беа протерани без причина, никој не можеше да разбере како еден таков човек може да напише дело како „Реквием“, на пример, но и други. И пак, одговорот е: тој беше таков или изгледаше дека е таков, зашто е оставен сам на себе. Избегнуваше војска, а Британија беше секогаш напаѓана. А, тој беше и хомосексуалец, живееше со својот љубовник во времето кога тоа беше сосема незаконско. Можеше да заврши во затвор. И тоа е една друга храброст. И цело време беше совесен противник, и тоа во време на Втората светска војна кога се сметаше за непатриотски. Стравински беше исто така осуден дека не бил патриот оти не се вратил дома за да се бори во патриотската војна. Тоа се многу осамени луѓе. Не осамени оти немаат пријатели, туку во смисла дека она што го прават е нешто сосем ново. Клише е ова, но тие се како еден актер кој стои на сцената сосем гол, и нема на што да се потпре…

После толку филмови за музички големци, што сфативте на крајот, од каде доаѓа музиката кај нив, нивната креативност, нивната генијалност?
Ајде да го разгледаме императивот дека музиката доаѓа како подарок од Бога. Тоа го слушаме постојано, но ако не е подарок од Бога, што е тогаш? Што е музиката, што е уметноста и – уште поважно – што е креативноста? Ние сите имаме нешто во себе, можеби еден себичен ген, нешто што нè тера да сакаме да сме креативни уметници. Некои се помалку добри од други. Јас никогаш нема да сум Стенли Кјубрик, го знам тоа, а сепак, продолжувам да ги снимам моите мали филмови. Се срамам од тоа, оти кога го гледам Кјубрик знам дека никогаш нема да сум таков. Можете да го замислите тоа? На еден весел разговор на чајче, значи не беше интервју, со Бенџамин Бритн разговаравме на тема што е функцијата на композиторот. Тој рече: „Па, во мојот случај е многу лесно, мојата работа е (ја нарече работа) да бидам корисен, да бидам од корист и за живите.“ Тоа е одличен опис. Па потоа зборувавме и за другите големи композитори. Тој рече дека не е голем композитор, туку дека Шуберт е голем композитор. Замислете да сте родени во времето на Шуберт или на Моцарт и што ќе правите ако сакате да сте композитор? Јас никогаш не ќе сум Шуберт, ќе си речете. И сите ќе го препознаат тоа, иако сакате да пишувате музика. Сакаме да креираме, а од тоа произлегува природата на убавото. Но, што е убавина?

2018-08-21T17:20:50+00:00 мај 9th, 2013|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 89|