Писма од Панама

/, Звук, Блесок бр. 125/Писма од Панама

Писма од Панама

БЕН АЛИСОН: Нијансите на светлината на велеградот

Објавено: 06.05.2018. во 11:19 ч.

За Бен Алисон знам толку колку што ми зборуваат неговите плочи. Одбирам и така да остане. Контрабасист, џез детектив и композитор кој го сака Боуви, а неговите албуми секој пат ме изненадуваат на некој едноставен начин.

Бродот на духови

За Бен Алисон знам толку колку што ми зборуваат неговите плочи. Одбирам и така да остане. Контрабасист, џез детектив и композитор кој го сака Боуви, а неговите албуми секој пат ме изненадуваат на некој едноставен начин – тешко дека повеќе од тоа би можел да поднесам.

Овој пат се качувам на бродот на духови, во потпалубата го наоѓам своето место, она во кое очајот се претвора во нешто возбудливо, нешто што беше живо во времето пред мобилните телефони и што се хранеше со мојот бавен ракопис во адресарите и роковниците. Со мене се пријателите – љубовници – покојници, оставени на истрошените листови, оставени со скршени срца, не реагирајќи на оние што нè сакале, слепи од сопствените трагедии што ги измислувавме.

Тука е лесно да си го заборавиш името, да паднеш на коленици пред секоја грешка. Шишето е тешко и на сеќавањата одамна не им верувам. Меланхолијата конечно се навикнува на мене. Сега сум сигурен дека еден ден ќе ѝ недостасувам.

Град каков што го замислуваш

Бен Алисон и јас сме стари пријатели. Сакам светот да го гледам низ неговиот контрабас. Ако порано сум го спомнувал, а речиси сум сигурен дека сум, не сум го чинел тоа доволно, ниту доволно добро. Кога некој ќе те инспирира, кога на бесполезноста ѝ дава нова перспектива и ритамот по кој често безуспешно трагаш, тоа не може да биде доволно. Тоа го научив преку ова со што се занимавам.

И немојте да ве лаже она што мислите дека го знаете. Занимавајќи се со оваа работа – рече некој што не го познавам – ќе научиш дека е најпаметно да ја свртиш главата и да отидеш што подалеку во спротивен правец. Но некои акции едноставно те зграбуваат и не те пуштаат.

Зошто ти треба толку за да се појавиш? И кој е тој лик што мајсторски ракува со придушувач? Како го поместува и која марка е придушувачот? – тоа се круцијални прашања со кои моментално се судирам додека ѕидовите од просторијата се стеснуваат и сè што ми преостанува е да ја пуштам музиката погласно и да се обидам да го најдам патот до палубата, со дурбин во раката. Кога и да се сретнам – со трубачот што вежба, ја разбирам разноликоста на начинот на кој трубата те убива, за разлика од пиштолот. Можеби и затоа не го поместувам од фиоката. Таму грее место за полупразната плоска.

Брановите на детството и солта на стареењето

За што да зборуваме кога не преостанува веќе ништо да се каже? Дали ќе бидам баш таков кога ќе се појавиш на вратата или на дното на онаа патека што секоја квечерина будно ја набљудувам? Кога нашето познанство ќе стане магливо како тебе во најдобрата полупијана верзија, меките спомени како бавен августовски ден на југот на Херцеговина и ниеден збор не останува на усните? Што ќе нè спаси од таква моќ тогаш?

„Layers of the city“, така е насловена новата плоча на Алисон. Поради неа, на сосема нов начин се заљубувам во својот тропски град, иако знам дека градот за кој Бен свири не е градот на кој му го подарувам неговиот нов албум. Сакам понижените предградија да го научат напамет. Прогонувачките мелодии да ги слават оние на кои им е најтешко, да бидат крилја што руините ќе ги трансформираат во нешто вредно за пристоен живот.

Твојата верзија за велеград, твоите слоеви од квартови што се рушат, твоите хоризонти на умот каде што веќе не се осмелуваш да се изгубиш, сè е веќе запишано и научено напамет. Некогаш занесените погледи сега се само обѕрнувања преку рамо зашто знаеш дека сум тука, иако ме нема. Заспаното сонце е последна опомена и ја остава работата на ламбите што наскоро ќе ја почнат со увертирата за неонските светла на нашите нагони. На врвовите на зградите предупредувачки трепкаат од хеликоптерите, слават авантура во која одамна не сме биле.

Жената што ја чекаш

Не знам колку се задржа, мене ми изгледаше како вечност. Сите ритуали се претворија во тикови. Би кажал дека самиот на себе си станав смешен, ако отсекогаш не било така. Не сум во состојба да се скријам дури ни зад плочата што ја украдов од малата правлива продавница на крајот од градот. Облаците над морето се групираат на начин со кој не можам да ја откријам нивната намера. Водата и понатаму е бистра, но умовите се матат.

Придушената труба е тоа што ми треба. Единствен придушувач во кој верувам. Одамна сфатив дека со револвери ништо не се решава. Дури ни во главата. Особено не таму. Петтата песна на албумот е и лек и инспирација. Кој е тој трубач и што сака од мене? Небесата се на моја страна. Басот на Бен Алисон се одбива од морето за кое не знам ништо. Ритамот и мелодијата на заоѓачкото сонце се трансформираат во семоќната полноќ.

Решенијата се црно-бели, ист таков е и копнежот. Боите припаѓаат на нечија жена. Ова е само работа, си повторувам. Исто како што Бен Алисон од контрабас се префрли на електричен бас, така и јас ќе си ја решам мојата задача. Префрлање од една локација на друга, од копно на брег, од брег на сопствениот кауч што константно ми недостасува, сето ова порано не ми претставуваше проблем. Само да се решам од оваа соба и нејзиното озвучување.

https://zurnal.info/novost/21119/nijanse-svjetlosti-velegrada?fbclid=IwAR1EElianjZdOq6TMhKputrxnZ5WQITt9PBxJnqUsHIQmULtTTpMn-sSSb8

АвторМехмед Бегиќ
2019-06-14T20:21:37+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 125|