Обврска да се сочува блузот

/, Звук, Блесок бр. 26/Обврска да се сочува блузот

Обврска да се сочува блузот

Интервју со Брус Иглауер

#4
ВИ: Денес, триесетина години од постоењето на „Алигатор“, какво е чувството за она што го направивте и го постигнавте?


БИ:
Мошне сум горд на она што „Алигатор“ го постигна во смисла на зголемената визибилност на блузот и што на јавноста ѝ претстави одреден број извонредни музичари. Отсекогаш верував дека потенцијалната големина на блуз публиката е многу поголема отколку што сметаа некои други дискографски куќи, особено пред триесетина години; јас секогаш се обидував да допрам до нови, потенцијални љубители. Со фактот што „Алигатор“ стана најголема блуз дискографска куќа, непобитно е врзан и фактот за порастот на блуз публиката, а тоа е прекрасно чувство.
Како продуцент, мошне сум горд на албумите во кои бев уметнички инволвиран. Тоа се однесува на повеќе од половина изданија на „Алигатор“ вклучувајќи ги снимките на Алберт Колинс, Сан Силс, Хаунд Дог Тејлор, Џони Винтер, Коко Тејлор, Рој Бјукенен, Кени Нил, Лони Брукс, Си Џеј Шенир и многу, многу други. Верувам дека бев во можност да им помогнам на сите овие музичари да пронајдат некои нови патишта на нивниот талент за кои не знаеја, да создаваат повеќе, да комуницираат подобро.
За мене блузот е многу повеќе од форма на музичка забава, тој е лек, музика која ја смирува душата. Верувам дека со моите изданија помогнав на многу луѓе да си ја смират душата.


ВИ: Дали очекувавте ваков успех и која беше вашата идеја кога го издадовте вашиот прв албум, албумот на Хаунд Дог Тејлор?


БИ:
Немав никаква визија колку и што ќе стане од „Алигатор“ кога го снимав Хаунд Дог Тејлор во 1971 година. Мојот тогашен сон се сведуваше на тоа да продадам доволно плочи за да соберам пари за издавање нов албум. Потоа, кога веќе имав неколку уметници под закрила на „Алигатор“, кога јас истовремено бев менаџер, агент, музички издавач, задолжен да обиколувам радио станици и пакувач на плочи, посакував да имам еден вработен. Потоа сонував фирмата да ја преместам од својот стан. Денес имам дваесетина вработени, 200 снимени албуми, две мали згради во кој е сместен „Алигатор“ и триесет години повеќе. И сè уште мојот сон е да направам нов албум, па уште еден и уште еден…

#3ВИ: Каде се гледате себеси и како го замислувате вашиот „Алигатор“ во наредните 30 години?

БИ:
Тешко прашање! За 30 години јас ќе имам 84. Се надевам дека и тогаш ќе бидам во состојба да продуцирам и да го водам „Алигатор“. Блузот многу ќе се смени во наредниве декади. Можеби малку ќе опадне, во смисла на општа прифатеност, но сè уште ќе ја има тензијата и смирувачкиот карактер, лирика која зборува за вистинскиот живот и чувство на делот на традицијата која се преточува од генерација до генерација. Се надевам дека моите уши ќе бидат „доволно големи“ да го слушнат новиот блуз кога ќе се појави и дека нови, возбудливи имиња ќе снимаат за „Алигатор“. Со оглед дека сме најголема блуз куќа, чувствувам, на некој начин, дека иднината на блузот во добра мерка е и во моите раце. Затоа и чувствувам голема одговорност.


ВИ: Да се раководи со независна дискографска куќа која се занимава со блузот и музиката воопшто, секако има свои предности, но веројатно и маани. Што можете да кажете за тоа?


БИ:
Голема предност е што јас ги донесувам сите уметнички одлуки. Јас одлучувам со кого ќе потпишам договор, колку албуми да снимам, дали да продолжам соработка со некој уметник, а особено кои изданија од каталогот ќе ги издавам повторно (во принцип сите!). Кога би бил под патронат на некоја голема фирма, тие би ме принудиле да го баталам стариот материјал, односно да не го издавам повторно, не би можел да правам албуми со уметници што ги посакувам, доколку нивните албуми не се продаваат задоволително и по мерката на газдите. Голема маана е што секогаш сум загрижен за парите и што никогаш не сум во состојба да потрошам повеќе за работа во студиото, за маркетинг, промоција или огласување.


#2 ВИ: Обично кога љубителите на блузот, а и други, ќе слушнат ваши албуми, велат: „Еве го звукот на „Алигатор!“. Без оглед дали се работи за блуз, ритам и блуз или соул материјал, има нешто карактеристично во вашата продукција. Дали се согласувате, и, ако е така, како успевате да го постигнете тоа?


БИ:
И јас го слушнав тоа многу пати и навистина не се сложувам со таква констатација. Мислам дека некои албуми што ги работев како продуцент или ко-продуцент имаат некои слични карактеристики, но тоа е и поради фактот што работев со некои исти тонски сниматели или користев исти студија со години и тие на некој начин станаа дел од мојот „саунд“. Што се однесува до албумите каде како продуценти се јавуваат други луѓе, нивниот звук во голема мерка се разликува, доста варира. Единствена општа карактеристика која би ја прифатил е голем опсег на динамичноста на звукот, „физички микс“ кој го чувствувате и слушате, голема транспарентност, така што инструментите се слушаат чисто: многу амбиенталност што придонесува кон чувството дека инструментите и музичарите се во вашата соба. Многу сакам моите албуми да зрачат со „жива атмосфера“, сметам дека тоа е она вистинското за блузот.


ВИ: Досега издадовте неколку колекции по повод годишнини од постоењето на „Алигатор“ кои се мошне популарни меѓу љубителите на блузот. Така е и оваа година кога славите 30 години од фирмата и кога издадовте пригоден двоен албум. Дали песните кои се застапени ги одбравте лично како ваши „фаворити“ или се обидовте да направите избор кој во најдобра светлина ќе ја претстави продукцијата на „Алигатор“?


БИ:
Секогаш јас ги одбирам песните и тоа е „тешка“ задача! Мојот персонал дава свои сугестии и јас донекаде го почитувам тоа. Има некои песни со кои сум емоционално врзан, од кои некои не беа најпопуларни на одреден албум. Има и такви за кои сметам дека се едноставно добри интерпретации.


ВИ: Како продуцент поминавте безброј часови во студиото со извонредни музичари, на што многу луѓе ви завидуваат. Секако дека помеѓу нив имаше и некои што вам особено ви се драги?

БИ: Да, на пример мојата прва плоча што ја направив со Хаунд Дог Тејлор што беше и мојата прва продукција. Потоа, соработката со легендарниот Професор Лонгхер, мојот сон да работам со таков музичар се исполни. Албумот „Двобој“ на Алберт Колинс ми е особено драг. Во тоа време, покрај Џони Винтер и Рој Бјукенен, Алберт беше мојот „најпрофитабилен“ музичар. Заедно со Џони Коупленд и Роберт Креј, Алберт направи извонреден албум кој денес се смета за еден од најдобрите електрични блуз албуми воопшто.
Јас секогаш се обидувам со моите уметници да воспоставам однос кој ги надминува деловните релации, некогаш успевам, некогаш сè е во рамките на деловна соработка. Многу од моите уметници беа чести гости кај мене дома, некои дури и престојуваа кај мене извесно време. Коко Тејлор, која често има обичај да се шегува и каже дека сум ѝ втор венчан маж и Лони Брукс, на пример, ми доверија да се грижам за нивните кариери како менаџер. Сите музичари кои соработуваат со „Алигатор“ го имаат мојот домашен телефон и можат да ме контактираат во секое време. Јас сакам да работам со музичари што ги сакам и почитувам како луѓе и се надевам дека тие истото го чувствуваат за мене.

#1
ВИ: Какво е вашето мислење за сегашната состојба на сцената и како ја предвидувате иднината вклучувајќи го и „Алигатор“?


БИ:
Тоа е големо и тешко прашање. Се разбира, јас не можам да ја предвидам иднината. Во моментот блузот се наоѓа во незавидна ситуација во врска со неговата иднина. Џон Ли Хукер си замина, Б.Б.Кинг е стар, не постои личност која ќе претставува имиџ на светската блуз сцена во иднина. Сè уште нема личност која ќе може да ја превземе неговата улогата и значење, иако можеби Бади Гај е најблиску до тој статус. Кога и Б.Б.Кинг, кој го симболизира блузот во светот, ќе го нема – луѓето ќе речат дека блузот е мртов. Имиџот на блузот е мошне старомоден во моментот, кога јас бев млад, блузот беше егзотичен, агресивен, возбудлив и поинаков во секоја смисла, а денес тој се среќава во филмови, рекламни пораки и секој знае блуз акорд или два. Но тоа е разбирање само на надворешната страна на блузот, внатрешната останува недопрена од поголемиот број луѓе. На блузот му требаат млади, нови музичари, така што младата публика нема да го смета блузот за старомоден и ќе може да се поистовети со нив. Значи потребна е свежа, модерна визија на блузот, вклучувајќи ги текстовите и ритмиката, која ќе зборува за грижите и сензибилитетот на современата публика. Блузот не може да стане стагнантен. Мојот најголем страв е дека може да се случи тој да стане некаква форма на диксиленд џезот, стереотипна формула на познати песни свирени на познат начин. Блузот мора да го задржи својот интензитет, „лековито“ својство што претставува елемент кој го дистанцира од останатите музички форми. Јас се надевам дека „Алигатор“ ќе остане тркало за музичари кои имаат да понудат нешто ново. Како блуз дискографска фирма, ние имаме обврска да го сочуваме блузот како витална форма, свежа и релевантна.

2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 26|