Новитети од продукцијата на „Кроскат рекордс“ од Германија

/, Звук, Блесок бр. 52/Новитети од продукцијата на „Кроскат рекордс“ од Германија

Новитети од продукцијата на „Кроскат рекордс“ од Германија

Неколкуте новитети од овој извонреден германски независен издавач без сомнение ќе ги израдуваат сите љубители на блузот низ светот. Следува мал приказ од новата продукција на „Кроскат рекордс“.

#1 За почеток се препорачува новиот албум на Колин Линден со наслов „Враќање во Тенеси“. Тој е музичар од Канада со многу таленти: вокалист, автор на музиката, гитарист и продуцент. Покрај тоа, многу е баран и како студиски музичар, така што неговото име се среќава на повеќе од 150 албуми на канадски, американски и европски музичари! Како продуцент, Колин Линден се појавува и на албумите, на Бенд, Колин Џејмс, Лион Редбоун, Брус Кокберн и други важни имиња од музичката индустрија. Кога имал само 11 години, тој го запознал Хаулин Волф, легендарниот блузмен од Чикаго. Тие станале блиски пријатели и нивното пријателство траело сè до смрта на Волф во 1976. И до денешен ден Колин го спомнува Волф како најголемата инспирација.
Неговиот последен албум (во сопствена продукција) „Враќање во Тенеси“ го содржи, според критиката, веројатно неговиот најдобар материјал досега, но и колекција обработени теми на некои од најпознатите имиња во акустичниот блуз. Верзиите на Колин Линден едноставно делуваат инспиративно, без оглед дали се направени во соло варијанта или со придружба на извонредни музичари како Лари Тејлор на бас и Стивен Хоџис на тапани. Овие двајца музичари се прва лига, факт што го потврдува и нивната соработка со луѓе како Том Вејтс, Џон Хемонд, Ал Грин, „Кенед Хит“ и редица други. „Враќање во Тенеси“ е прекрасна колекција на акустичен блуз во изведба на даровитиот и наградуван изведувач, продуцент и автор, неговото деветто издание во кариерата, мало ремек-дело кое особено им се препорачува на љубителите на акустичен блуз; музика која со задоволство се консумира и претставува доказ за неверојатна музичка способност на Колин Линден.

2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 52|