„Неодговореното прашање“

/, Звук, Блесок бр. 83/„Неодговореното прашање“

„Неодговореното прашање“

– осврт кон The Unanswered Question од Чарлс Ајвс –

„Што е смислата на животот?“ – исконско прашање кое се поставува постојано низ историјата на човештвото, чиј одговор е баран во религијата, филозофијата, науката, уметноста, па и во окултните сфери. Прашањето е сè уште присутно, за суштината на одговорот сме индивидуално одговорни, а потрагата по одговорот го создала едно од најмаркантните ремек-дела на дваесеттиот век, The Unanswered Question од Чарлс Ајвс (Charles Ives).
Чарлс Ајвс имал неограничена доверба во исцелителната моќ на уметноста, тој се стремел кон концепт кој не е лимитиран со мали именки како христијанин, паган, Евреин или ангел, туку имал визија која е повисока и подлабока од самата уметност, преку која се обидувал да го даде одговорот на вечното прашање.
Тој верувал дека е божествена умисла човечкиот дух да еволуира, заедно со природата, кон совршенство. Секој од нас е дел од херојско индивидуално патување низ растот и развивањето, како и откритието дека тоа е дел од нагорната патека на целото човештво. Ајвс верувал дека музиката игра суштинска улога во ова патување, без разлика каква е, сè додека е сериозна, искрена и автентична, затоа што сметал дека надворешниот звук е несовршена манифестација на вечниот внатрешен дух.
The Unanswered Question
првобитно било компонирано како прв дел од циклусот “Two Contemplations”, чиј втор дел е исто толку популарната композиција “Central Park in the Dark”. Како и многу од делата на Ајвс, овие композиции биле релативно непознати од нивното издавање во 1940 година. Денес двете дела се третирани како засебни композиции и можат да се изведуваат и заедно и одвоено. Премиерата на оркестарската верзија на делото, кое е напишано во 1906-та, а преработено во периодот 1930-1935, била на 11 мај 1946, во изведба на камерен оркестар на студенти од Julliard School, под диригентската палка на Теодор Блумфилд (Theodore Bloomfield).
The Unanswered Question
е првото дело во дваесеттиот век, во кое се користел просторот како клучен елемент на композицијата. Композиторот определил три групи на инструменти кои треба да се сместени на различни места во концертната сала, па дури и вон бината и сценскиот простор. Просторната музика (spatial music), иако и претходно присутна во западната музика, почнувајќи со антифониот пристап, како компонента која е специфична за новите музички техники, се појавува заедно со концептот на Raummusik во 1928-та во Германија. Дотолку повеќе е голем генијот на Ајвс, бидејќи ваквата идеја и концепт се поврзани со електроакустичната музика, поради можностите кои ги нудат новите технолошки достигнувања.
Во The Unanswered Question, минијатурата која самиот Ајвс ја нарекол „космичка драма“, тој аплицира револуционерни приоди, но најважно од сè е дека тука е почетокот на крајот на линеарната, еднослојна и еднодимензионална музичка уметност. Концептот на просторна и временска повеќедимензионалност, тонална, модална и темброва повеќеслојност, колизии на блокови во колажна техника, кои креираат нова енергија – сите овие никулци на нелинеарно размислување, кои понатаму ги развиваат различните композиторски школи и великаните на музиката во дваесеттиот век, се кристализирани токму во оваа композиција.
Изградена како колаж од три различни слоја, кои навидум се нерафинирано координирани, The Unanswered Question функционира во беспрекорна макроритмичка пулсација на секој од деловите. Првиот слој е како фон, токму со него започнува композицијата. Тој звучи постојано, во позадината и во него неизменето се повторува тивок и прогонувачки убав корал, кој самиот Ајвс го нарекол „тишината на Друидите“.
Врз таа „тишина“, соло трубата се појавува со енигматската фраза, која го претставува „вечното прашање на егзистенцијата“. Не случајно токму овој тембр, токму овој инструмент ја носи симболиката на прашањето и екстремно контрастира со бојата на гудачкиот оркестар. Тие се неспоиви, тие не реагираат еден на друг, и покрај тоа што трубата одново и одново ја повторува својата фраза.
На речиси секоја појава на прашањето, дувачкиот квартет кој Ајвс го нарекува „пробивни одговарачи“, се појавува со обид за одговор. Првичните обиди се емпатични кон прашањето, во интонациска и емоционална смисла, но како што повторувањето на истата фраза станува сè пофрустрирачка, така и одговорите стануваат сè поцинични и завршуваат со потсмев. Трубата за последен пат го поставува прашањето, на кое одговор е само тишината.
Од почетоците на неговата кариера, Ајвс бил наречен пророк поради создавањето негов сопствен модернизам, пред тој воопшто да се појави во творештвото на кој било друг композитор. Требало да помине многу време, за да се сфати величината на неговите иновации во музичкиот израз, како и да се запраша дали Ајвс бил визионер и се стремел кон нешто подлабоко и посуштинско, или неговите иновации се само аудитивни експерименти.
Тој навистина се стремел кон нешто поинакво, а тоа е дел од The Unanswered Question. Преку едноставен драматуршки концепт, Ајвс прави филозофска поента: прашањето е подобро од одговорот, во бескрајноста на креацијата. И оние, решени да го изнасилат одговорот, треба да се подготвени да изгледаат смешно пред лицето на таа бескрајност. Во секое дело на Ајвс постои вонмузичка логика и поента, која не ја нарушува естетиката и стаменоста на звукот, туку напротив, го продлабочува значењето на секој тон, мелодиска линија или акорд. Во The Unanswered Question, сублимирано е поставен неговиот единствен и оригинален приод, во кој ги гледаме сите елементи на неговото уметничко размислување, а притоа е создадено дело кое е истовремено револуционерно и безвременско, конкретно и спиритуално, комично и космичко.

Во време кога западот ја одбива идејата за длабочина и суштина, вредно е да се потсетиме колку Ајвс верувал во моралната и духовна важност на уметноста и музиката.
Во време кога суштинските вредности се депласирани, кога се нуди пакување наместо содржина, шарени лаги наместо вистина (колку и да е болна), артифициелни задоволства наместо искрена насмевка, вредно е одговорно да се потсетиме на вечно неодговореното прашање: „Што е смислата на животот?“

[При пишувањето на овој осврт, користени се и согледби од есејот на Јан Сфаворд (Jan Swafford) под наслов „Прашање е подобро од одговор“ (“A Question is Better than an Answer”): http://www.charlesives.org/ives_essay/]

2018-08-21T17:20:55+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 83|