Музиката и технологијата

/, Звук, Блесок бр. 35/Музиката и технологијата

Музиката и технологијата

Глас: Дали би можеле да сугерирате нови начини на кои младите композитори и, до извесен степен, заинтересираните слушатели да ги сфатат основните концепти на новата музичка технологија?

Милер:
Мислам дека е потребно новите композитори да размислат за светот кој ги опкружува. Тоа е опкружување кое се состои од бежични мрежи, релеи, хибридни системи, филозофии, имигранти од земји на работ на трансформација итн. Премногу луѓе гледаат назад кон 12-тонскиот систем или работите што Вагнер ги направил (Неверојатно е колку филмски саундтраци звучат како верзии на Вагнеровите увертири). „Фундаменталните концепти“ на новата музичка технологија се исто така дел од овој свет како што се и, да кажеме, лаптоп компјутерите. Во индустриските земји, просечното дете ги разбира видео игрите, знае како да го користи телефонот и како да се ориентира во урбаната суперструктура. Тие се дел од секојдневието, постојано надградувајќи го опкружувањето во кое живеат. Можеби композиторите би требало да проверат што прават децата. Тоа би им ги отворило очите.

Рајсман:
Фундаменталниот концепт може да биде изразен во една реченица: сè што можеме да чуеме може да има дигитална репрезентација и да биде складирана, трансформирана и репродуцирана, да биде предмет на ограничувањата на влезот (микрофонот) и излезот (звучникот). Сè што е повеќе од ова: постојат книги и тука е и Интернетот а тука се и училиштата со програми за музичка технологија.
За композиторот мислам дека не е важно да ги сфаќа концептите на технологијата. Тој или таа може да ги искористи на начин на кој им одговара. Технологијата стана евтина и таа е достапна за повеќето луѓе кои сега можат да имаат некакво искуство со технологијата и искуството од работата ќе донесе најблагодарно ниво на разбирање.

Морен:
Мислам дека на истиот начин на кој композиторите Римски-Корсаков и Стравински почнаа да изразуваат „реалистички“ идеи со музиката (на пример, грмотевица или пеење на птици), композиторите можат да изразуваат нијанси на многу специфични идеи на начини кои во исто време се и музички и реални. Според мене, импликаците на таа идеја се многу интересни.

Глас:
Дали новата технологија воведува поинаков начин на слушање?

Рајсман: Не, бидејќи музиката е единствена и тука спаѓа слушањето. Не верувам дека има поинакви начини на слушање; единствено постојат различни преносни механизми и различни нивоа на внимание. Единствено ако некој не измисли нова преносна технологија каде повеќе нема да ни бидат потребни ушите… Тогаш тоа навистина ќе биде нов начин на слушање.

Милер:
Не и за мене. Луѓето поседуваат одредена перцептуална архитектура – основната структура е ушната мембрана, чувството за гравитација и рамнотежата која ја имаме доаѓа од таму и фреквенциите кои можеме или не можеме да ги почувствуваме доаѓаат и од таму. Ние сме условени да ги прифатиме социјалните разгранувања на разните технологии како „константи“ во опкружувањето, но и кај нив исто тако може да се појави една непостојаност како и кај општествата кои ги создале. Сето тоа посочува на фактот дека не се потребни нови начини на слушање туку нови перцепции за тоа што можеме да го слушаме.

Морен:
Без разлика што може да се направи со семплувањето, некој може да најде музички израз каде било. Се разбира, некои луѓе ќе кажат „ова звучи како бучава“, меѓутоа луѓето отсекогаш го кажувале тоа за новата музика. Општо земено, мислам дека луѓето стануваат сè поотворени кон тоа што би можела новата музика да биде – сè додека не си ги побараат парите назад, се разбира.

Суботник:
Многумина од нас сè уште слушаат постара музика. Причината за тоа е технологијата со која е снимена, односно минатото трајно се претопило со сегашноста. Не верувам дека ќе има толку големи проблеми кај класичната музика како кај музиката која постои единствено во звучниците и компјутерите.
Во оваа област, дигиталната технологија сосема е демократизирана поради тоа што сега е сосема евтина. Споредено со купувањето пијано и годините потрошени на учење како да свириш на тоа пијано, можеш да купиш многу добар компјутер за 500$ и да го опремиш за создавање музика. Ова е огромна промена. Да се создаваат сложени музички излагања никогаш не било така возможно или достапно. Од друга страна, пред извесно време секој кој пишуваше користејќи инструменти имаше слична музичка позадина или образование. Сега можеш да го сториш тоа без каква било музичка позадина и со тоа типот на музиката кој ќе го создаваш ќе биде поинаков.
Луѓето кои создаваат музика доаѓаат не од традицијата на Бетовен или Брамс туку од поп музиката. Нивната приврзаност кон историјата е сосема поинаква. Ние тежнееме да размислуваме дека авангардната музика секогаш се појавува од уметничката музика со висока класа. Иронијата е во тоа што денес на фестивалите за електронска музика тие создаваат амбиенти и бучава, еден вид сировина кои попрво би ги поврзал со Футуристите од почетокот на минатиот век. Меѓутоа, тие се појавија од поп музиката и светот на техното. Овие светови сега се раздвојуваат поради различните контексти во создавањето музика.

Глас: Како што е познато, новите развои во дигиталната технологија во голема мера беа позитивни што се однесува до композицијата и снимањето на новата музика. Какво влијание има и ќе има ова врз тоа како заработуваат композиторите и изведувачите?


Суботник:
Тука не гледам голем проблем. Големите оперски и оркестарски компании нема да исчезнат од концертните хали и потенцијалот да се заработи нема многу да се намали. Тука ќе има многу повеќе шанси од гледна точка на композиторите веднаш штом се приклонат кон технологијата. Познавам луѓе со кои студирав а кои подоцна почнаа да компонираат музика за цртани филмови за Никелодеон. Тие најдоа многу добро платена работа и сè уште создаваат своја музика. Тоа е нешто ново за нас. Филип мораше да вози такси за да се издржува. Сега постојат многу можности за композиторите кои поседуваат адекватни технолошки знаења. Композиторите кои компонират инструментална музика секогаш ќе останат во истиот чамец. Мојот совет до младите композитори е да останат поврзани со технологијата. Тоа не е толку важно за нивната музика колку што е важно за проширувањето на можноста да се заработи за живеачка и со тоа да останат во музичкиот свет. Без познавање на технологијата тоа ќе биде тешко да се направи.

Морен:
Кога бев многу млад, пишував дела за синтетски инструменти како и за оркестар. Откако ги пресметав трошоците и логистиката за дури и да ангажирам еден оркестар за да одржи проба, многу бргу се завртев кон идејата да создавам оркестрални дела преку дигитални семплери – тоа беше единственото нешто кое можев да си го приуштам. Ако не го изберев тој пат, сè уште ќе се мачев да ги слушнам моите први дела.

Милер:
Можам да видам колку талентирани луѓе чекаат да бидат забележани и гледам како многу талентирани луѓе ги ставаат своите дела на Интернет со слободен пристап за сите. И обете категории на луѓе не заработуваат многу пари. Тие го прават тоа поради љубовта кон музиката. Ми се допаѓа тоа, меѓутоа мразам кога сум шворц… мислам дека ќе има многу можности за работа во опкружување каде сè што ќе правиш ќе биде достапно преку шеринг принципот. Тоа веќе се случува, но ако не си дел од ова ќе биде тешко да заработиш за живот на овој начин. На крајот, луѓето ќе мораат да бидат креативни за тоа како да бараат приходи за настапи кои можат да се исплатат: компонирање музика за ѕвоното на мобилните телефони, за филмска музика, ТВ реклами, џинглови за веб сајтови. На светот дефинитивно му е потребна нова музика. Луѓето едноставно ќе треба да се сетат како да направат сето тоа да профункционира на начин на кој ќе можат да заработат. Тука е местото каде мислам дека новите композитори ќе треба да истражуваат – посебно ако заработуваат од музика која можеби не е комерцијална во „нормална“ смисла на зборот. Секојпат кога ќе се приклучам онлајн гледам дека мојата музика е достапна секаде со помош на MP3 фајловите и дека воопшто не заработувам на тој начин. Веднаш штом ја ставиш својата музика таму некој ќе направи копија и крај. Поради тоа треба да се смислат алтернативите. Се обидувам да го раштркам тоа што го правам во повеќе различни контексти и платформи. Тука има многу работа, но сепак ти помага да не останеш шворц.

Превод од англиски: Ненад Георгиевски

АвторФилип Глас
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 35|