Музиката и технологијата

/, Звук, Блесок бр. 35/Музиката и технологијата

Музиката и технологијата

– дискусија –

Филип Глас е домаќин на дискусија меѓу четворица композитори во врска со влијанието на дигиталната технологија врз музиката.

Филип Глас: На кој начин влијаеше дигиталната технологија врз вашиот начин на компонирање?

Мортон Суботник: Со технологијата работам уште од доцните 50-ти и се обидувам да создадам технолошка музика. Технолошката музика, според мене, е поинаква од инструменталната музика; инаку, ќе нема причина таа да се создава. Од моја гледна точка, дигиталната технологија е исполнување на една животна визија. Никогаш не замислував дека ќе биде толку квалитетна. Ефектот кој го имаше беше да ми помогне тоа што го правам да биде поцелосно. Навистина е тешко да се каже како точно изгледа таа промена, бидејќи со технологијата работам уште од самиот почеток. За композиторите кои компонираат инструментална музика, пристигнувањето на дигиталната технологија има поголемо влијание. Мајкл Рајсман: Како и повеќето од мојата генерација, сè уште компонирам музика на работна маса со лист хартија и молив во рака. Може да се каже дека најзначајниот развој во дигиталната технологија е развојот на дигиталниот синтисајзер и технологијата за семплување. Останатите пронајдоци кои спаѓаат во областа на дигиталното, како што се CD и DVD дигиталното процесирање на сигналот и снимањето на хард дискот се од своја страна корисни меѓутоа тие не создадоа нови начини за создавање музика како синтисајзерите и семплерите. Сега, кога компонирам, јас сум свесен за можностите на електронскиот медиум и повеќето од работите што ги работам вклучуваат и синтетички и акустични звуци.
Дигиталната технологија исто така влијаеше врз процесот на компонирање со тоа што сега е релативно лесно да се сними една електронска нумера па дури и во едно евтино домашно студио. Кога почнав да компонирам музика, единствениот начин на кој можев да слушнам едно ново парче оркестрална музика е да ги копирам сите делови и да ги отсвири еден оркестар. Ова не е лесна задача ако не сте некој познат композитор. Иако нема да звучи исто, синтисајзерскиот оркестар ќе овозможи реализација која е доволно добра за да може да се учи од неа.

Пол Милер (или DJ Spooky): Мислам дека технологијата е продолжение на тоа што веќе претходно се има случувано. Споредено со нотационите симболи на европската класична музика и ритмовите на западноафриканската музика, компјутерот е формализација на истите тие процеси. Компјутерот прави сето тоа што беше формално и структурално ориентирано да стане имплицитно во својата основна форма на интеракција. Мислам на тоа како Џон Кејџ зјапал во пијаното за време на „тивките“ композиции. Тој сакал да го потенцира медитативниот аспект на креативниот чин. На технологијата сакам да гледам како на еден вид канал за истите импулси. Исто така, тоа ми овозможува во исто време да работам со голем избор на материјали. Тоа е еден вид симултаност која навистина прави да се разликува дигиталната композиција од аналогната – да не заборавиме на физичката „дематеријализација“. Со други зборови, мене не ми е потребен оркестар; можам да го симулирам без проблеми, ви благодарам. За да ја скратам приказната, за мене технологијата не го има променето процесот на компонирање туку го има однесено во поинакви и нови области.

Глас: Дали можете да кажете нешто за развојот на новата технологија (добри и лоши ефекти) во врска со ширењето на новата музика?

Рајсман: Нема сомнение дека најголемиот развој во ширењето нова музика е комбинација на користење на Интернетот и на хард дискот. CD-то е, се разбира, сеприсутен дигитален формат, меѓутоа не претставува промена на парадигма. Сепак, Интернетот заедно со развојот на стриминг аудио форматот и MP3 компресијата, воведоа нови начини на преслушување и набавување музика. Исто така, тој ѝ овозможи на новата музика да најде своја публика побрзо од порано, кога композиторите беа присилени да се потпрат на андерграунд или концертни простори. Интернетот претставува слобода на звучните бранови. Општо земено, за сето ова мислам дека е позитивна работа; меѓутоа, се прашувам, како изведувач и продуцент, како оваа слобода ќе влијае на музичката индустрија.

Суботник: Во случајот кога треба музиката да се пушти надвор, јасно е дека Мрежата и телекомуникациите ја олеснуваат работата бидејќи нема да биде потребен издавач. Во секој случај, ние никогаш не продаваме толку албуми како оние од поп музиката. Сегашната технологија го демократизира целиот тој процес. Секој може да направи својата музика да биде достапна за сите. Од друга страна, количината на музика со која големите издавачи ќе се справуваат ќе се намали. На пример, ако имате оркестрално дело, ќе ви биде сè потешко да го снимите бидејќи самите нема да можете да го направите тоа.
Развојот на независното издаваштво ќе значи нови формати кои се доволни сами за себе: мали групи музичари и директно создавана дигитална музика. Ефектот на демократизацијата и намалувањето на веќе ограничените фондови за големите компании најверојатно ќе значи се помал број композитори кои ќе ги завршуваат своите опери и поголеми оркестрални дела.

Џон Моран: Луѓето најмногу зборуваат за тоа како Интернетот ќе направи музиката на секој композитор да биде достапна за сите. Сепак, во денешното медиумско опкружување, не сум сигурен како некомерцијалните уметници можат да се натпреваруваат со сумата која се троши на реклами кои големите корпорации можат да ги искористат за блокирање некои индивидуи. Еднаш, генералниот на Sony Classics ми кажа нешто што влијаеше позитивно на мене, дека ако не почнам да компонирам музика за холивудските филмови, ќе умрам непознат и никој нема да слушне што имам сработено. Тоа делуваше инспиративно – можеби навистина беше во право.

Глас: Дали е возможно да се очекува реакција (или да се оди во спротивен правец) од технолошката зависност во иднината?

Милер: Технологијата, која во себе носи некоја мега катастрофа е тука засекогаш. На таа работа гледам како да е дел од еволуцијата – тоа е навистина прв чекор во трансформација на врстите. Сè, почнувајќи од изучувањето на ДНК, па сè до летовите во вселената и правењето филмови – сите тие посочуваат на истото чувство кон опкружувањето како информации кои постојано се менуваат. Кај идните генерации нема да постои „зависност“ од технологијата. Кај нив технологијата ќе постои како главен аспект на нивната егзистенција – јазиците кои ги зборуваме и храната која ја јадеме се аспекти на технологијата. На овие „системи“ гледам како на апстрактни машини: на ист начин на кој филозофите Жил Делус и Феликс Гатари се соочувале со работи како што се интерпретативни рамки на размислување. Без разлика дали се работи за ритам машини или абориџини кои свират на диџериду во австралиските пустини, работата која ги спојува е машинеријата на културата како организационен систем. Во тој контекст, технологијата има многу поширока улога отколку некој кој едноставно седи и користи некаков компјутер кој му е при рака. Зависноста во основа е дел од процесот да се биде човек.

Рајсман:
Не се согласувам дека ќе има реакција бидејќи не постои зависност. Секогаш ќе постојат човечкиот глас и звукот на жичаните, дувачките и ударачките инструменти; акустичната музика не исчезнала ниту ќе исчезне. Како изведувач, постојано сум пријатно изненаден кога ќе видам како доаѓаат луѓе на концертите. Во себе имам страв дека некогаш ќе се случи тие да престанат да доаѓаат и дека еден ден ќе настапам на концерт на кој никој нема да се појави. Меѓутоа, тој страв никогаш не се покажал реален.

Суботник:
Таа е тука засекогаш и никој нема да може да ја игнорира; барем не повеќе од тоа да ги игнорираат автомобилите. Од друга страна, кога се појавија дигиталната технологија и компјутерите се обидовме сè да правиме преку нив. Како што се испостави, некои работи се подобри кога не се правени on-line. Тоа што ќе се случи нема да биде бегство од технологијата како таква, туку кога ќе дојде крај на љубовта ќе почнеме да зборуваме „кафето кое е сварено во ѓезве е поубаво од кафематот“. Одредени постари технологии ќе се вратат во игра бидејќи тие функционираат подобро, а не бидејќи се дистанцираме од технологијата. Се работи за слободата да се прават работите на овој или на оној начин. На пример, за време на e-mail бумот, во Франција постои компанија која изработува fountain пенкала. Тоа не значи дека луѓето се дистанцираат од е-поштата, туку тоа значи дека некои луѓе повеќе им се допаѓа да пишуваат со такви пенкала.
На ова гледам како златно доба, односно дека конечно нема да има некои големи нови опции и наместо да гледаме што се случува ние можеме да гледаме кон тоа што во моментов го имаме и да видиме што ќе направиме со тоа. Сега би требало да превземеме лична одговорност да направиме новата технологија да биде сè што мислиме дека би можела да е отколку само да ја искористуваме нашата предност за да ја објавуваме нашата музика.

АвторФилип Глас
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 35|