Мечти и тишини

/, Звук, Блесок бр. 48/Мечти и тишини

Мечти и тишини

Интервју: Вера Милошевска – Љубојна

Обичното пресвирување на веќе снимена музика, која можеш да ја слушаш кога и како сакаш, нам не ни е доволно привлечна идеја. Со визуелната проекција музиката се дополнува и се издига до едно целосно доживување. Некако ни се чинеше дека нашата музика самата го бара тоа, вели Вера Милошевска, пејачката на Љубојна

#1 Вера Милошевска (вокал), Оливер Јосифовски (бас, семплови), Петар Христов (кларинет), Бојан Петков (акустична гитара), Најдо Шаќиров (електрични тапани) и диџеј Јордан (грамофони) се музичарите што ја чинат сегашната постава на групата Љубојна. Составот свири микс на акустична, електрична, традиционална и современа музика, а во изминатите три години одржа над педесетина концерти низ светот. Љубојна музицираше во Торонто, Истанбул, Москва, Венеција, Рим, Марсеј, Париз, Њујорк… Зад себе го имаат албумот П.С.О, објавен во октомври минатата година. На овој проект, покрај музиката од театарската претстава на режисерот Љупчо Ѓоргиевски – Парите се отепувачка, поставка на Народниот театар од Битола, која освои грст награди на театарските фестивалите по светот, се најдоа и композициите што членовите на Љубојна ги создаваа во процесот на креација и изведба на делото, а беа снимени во Пловдив, во февруари 2005 година. На студиските сесии како гостин учествуваше и Златко Ориѓански, член на култните македонски групи Лола В. Штајн и Анастасија.
Составот повторно е исправен пред нови предизвици, а разговорот со Милошевска нуди дел од одговорите на некои од нив.

По пауза од неколку месеци од објавувањето на деби-албумот, Љубојна во понеделникот, 29 мај, во културниот центар Мала станица конечно ја имаше скопската промоција на изданието. Зошто толку долго се чекаше на овој потег?
– Познато е дека првичната промоција на П.С.О ја имавме на крајот од октомври минатата година во Битолскиот народен театар како матична куќа од која тргна целиот проект – театарската претстава, музиката што ја свиревме во неа. Во ноември, пак, албумот излезе во продажба и можеше да се набави во подоброснабдените музички продавници и во некои од книжарниците во Македонија. Во меѓувреме се случија и некои помали проекти во кои ние правевме музика… Соработувавме и со Рисима Рисимкин на балетот Дневник за нас. Некако како да се чекаше на момент кога ќе се создадат поволни услови за промоција на албумот во Скопје. Долго размислувавме кој простор би бил најпогоден, особено што промоцијата ја замисливме како перформанс со видеопроекција.

#2Сосема разбирливо ако се има на ум она што вие го творите и свирите – музика во која има многу енергија и артизам и која своите корени ги има во изворната традиција на Македонецот.
– Обичното пресвирување на веќе снимена музика, која можеш да ја слушаш кога и како сакаш, нам не ни е доволно привлечна идеја. Со визуелната проекција музиката се дополнува и се издига до едно целосно доживување. Некако ни се чинеше дека нашата музика самата го бара тоа. Тоа е музика во која има многу тишина. И затоа ни требаше исто таков простор – со многу тишина, архитектонски чист и едноставно декориран. Просторот во дел од галеријата на Мала станица е токму таков и е чудно интимен, можат да присуствуваат само мал број луѓе. Толку малку и беа поканети. Проекцијата одеше на три видеобима како прозорци, пред кои, без никакво нарушување меѓу двата медиума, се одвиваше краток концерт.

На сцената не бевте само вие туку и вашите пријатели…
– На подиумот бевме Оливер, Благојче, Најдо, диџеј Јордан и јас, значи сите ние што застанавме зад проектот Љубојна. Сепак, планот ни беше да поканиме и повеќе гости, еминентни музичари и наши пријатели, луѓе одговорни за целата компјутерска обработка… Затоа тука беа и Горан Трајковски од Мизар, Бранко и Пеце од Фолтин, Џијан и Оливие од Пројект Жлуст , луѓе кои несебично ни помогнаа да ја заокружиме идејата и промоцијата да биде таква како што ја замисливме. Да ужива публиката во мини-концертот што го понудивме.

Промоцијата треба да биде вовед во серијата настапи на Љубојна во летниот период. Што од сето тоа засега е извесно?
– Засега само нашето гостување на First perfoming Balkan art festival, саем на уметноста во Солун, соседна Грција. Потоа следуваат уште неколку мали проекти за кои сè уште е рано да се зборува.

А, до каде сте стасани со подготовките за новата албумска објава? Што е она што сега ве провоцира да го работите? Ќе останете ли доследни на почнатата потрага?
– Да, размислуваме за нова музика. Често зборуваме за тоа. Не можам да кажам дали подготвуваме, бидејќи создавањето музика никогаш нема конкретен и точно планиран почеток, како проект. Музиката се движи во нас. И во моментот кога најмалку мислиш, таа тогаш си излегува. Инаку, авторската музика е онаа што најмногу провоцира. Затоа што е најжива и најкрвава во секоја смисла. Мислам дека сите оние што се занимаваат со личната борба ги интересира авторството. Тоа не опфаќа вид музика, оти музиката сама по себе има многу стилови.

#3На една жива пулсирачка сцена, со многу различни стилови и енергии, сигурно го позициониравте и сопственото место. Каде ја гледате Љубојна на современата македонска музичка сцена?
– Актуелната домашна музичка сцена почнува да оживува и да се придвижува, но сè уште се тетерави. Единствената опасност што ја демне секоја уметност се нејзиното заглавување и вештачко реанимирање на она што е веќе мајсторски создадено. Во таа смисла, музиката оди напред кога не се споредува со друга, кога не се банализира. И кога не се зборува повеќе отколку што се создава. Само во такви услови може да созрее. Ете тука е позиционирано местото на Љубојна.

звучен запис

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 48|