Кирил Џајковски – модерен музичар

/, Звук, Блесок бр. 41/Кирил Џајковски – модерен музичар

Кирил Џајковски – модерен музичар

Немавме многу време, но затоа имавме многу енергија

Би сакал времињата што доаѓаат помалку да ги рационализирам, а повеќе да ги пречекам со ентузијазам и позитивна енергија. предизвикот на секој проект што ќе го работам, како и досега, да го совладам во потполна креативна слобода – вели во интервјуто за Блесок Кирил Џајковски, нашиот најплоден автор на филмска музика

#1 Во текот на изминатава недела на пријатели, новинари, актери, филмаџии… урбани луѓе од градов и државава, им беше поделен целокупниот тираж со саундтракот за филмскиот хит Балканкан што како сопствено издание го отпечати Прва партизанска продукција. Со тоа режисерот и продуцентот Дарко Митревски и авторот на музиката Кирил Џајковски затворија уште едно поглавје од сторијата за успешниот проект. Овој вториов, дури и не исчека чесно да се изврти носачот на звук во етерот, а веќе го фати авионот за Австралија каде ги завршува преговорите околу еден интернационален проект. Типично за Кирил, кој не милува многу да ги појаснува нештата, туку само да си ја гледа работата. А, богами и го прави тоа мошне умешно и квалитетно. Затоа, Џајковски денес не е само оној кој почнал со Бастион, првиот македонски електро-поп бенд, ниту момчето кое свиреше клавијатури со Леб и сол, артист кој прави електронска музика со умно посегање по сопствените гени, дел од Aparatchiks, соработник на Кисмет таму „долу некаде“, автор на „наменска“ музика ценет и баран од врвни режисери… туку прототип на модерен музичар, креативец кој живее во своето време и создава музика чија моќ ќе патува во иднината. А, преписката со него, одеше некако вака:

Како Кирил го објаснува интересот за Баба Зумбула? Очекувавте ли со Дарко Митревски, режисерот на Балканкан и авторот на текстот за песната, дека ќе ви се случи хит?

– Искрено, не знаев што да очекувам. Единствено само се надевав дека на публиката ќе ѝ се допадне, посебно имајќи в предвид дека одамна не сум направил вокална нумера од овој вид. Ваквата реакција навистина е големо и пријатно изненадување. И сево ова е атрактивна промоција на Балканкан, што посебно ми е драго, зашто сметам дека филмот на еден забавен и духовит начин ја отсликува оваа необична сторија.

Музиката му дава една особена динамика на филмот. На моменти дури тој делува некако „спотовски“.
– Со Дарко се најдовме на иста бранова должина и соработката ни беше беспрекорна. Тој имаше многу јасна визија и прецизни инструкции во врска со употребата на музиката во филмот. Немавме многу време, но затоа имавме многу енергија и детерминираност. А спотовската димензија секако произлегува и од сензибилитетот на Дарко како режисер и автор, а и од самиот филмски материјал кој обилува со урбана динамичност.

Речиси едновремено работеше и на музиката за филмот Големата вода на Иво Трајков. Со оглед дека се работи за текстови врзани за нашево поднебје, ти претставуваше ли проблем да не се повториш?
– И двата филма се појавија во јавноста некако истовремено, но беа работени во различни периоди. Самото завршување на пост-продукцијата, посебно со Големата вода и временската коинциденција створија привид дека работев на овие филмови истовремено. Но факт е дека временската дистанца помеѓу двата проекта беше скоро една година, а пак стилската разлика на двете филмски приказни беше толку голема што не ми создаде проблем во однос на свежината и оригиналноста во самиот пристап кон музиката.

Во последно време соработуваше со режисери како Милчо Манчевски, Иво Трајков и Дарко Митревски, излегува дека си најбараниот автор за филмска музика кај нас во Македонија. Ти импонира ли тоа?
– Мора да се признае дека во последниве неколку години ја имав таа можност да работам со најдобрите режисери од Македонија. Тоа го чувствувам како огромна привилегија, но и како голема одговорност. Филмската музика отсекогаш ме привлекувала и сигурно би сакал да продолжам во таа насока. Драго ми е што на некој начин бев дел од една мала ренесанса во филмската активност во Македонија и се надевам дека овој тренд ке продолжи и во блиска иднина.

#2Имаш потпишано и десетина театарски проекти со Александар Поповски. За претставите Буре барут, Роберто Цуко, Балканот не е мртов, Диво месо, Дракула… доби многу пофалби, но пошироката публика малку што од сето тоа успеа да чуе. Што со тоа море театарска музика?
– Подолго време планирам да објавам една компилација од сите тие театарски музики, но поради презафатеност со други проекти не сум бил во можност тоа да го реализирам. Во секој случај е нешто што сигурно ќе мора го издадам, само е прашање на време. А со Ацо постојано планираме нови проекти, и театарски и филмски. Нешто од тоа веројатно ќе се оствари уште оваа година. Планираме во Словенија да го работиме новиот текст на Дејан Дуковски.

На што конкретно сега работи Џајковски? Повторно музика за филм – интернационална продукција, или … До каде е стасано комплетирањето на материјалите за твојот долгонајавуван нов албум? Ќе има ли потем перформанс-средби со публиката?
– Во моментов ја миксам музиката што треба да се најде на саундтракот за Големата вода. Колку што ми е познато, филмот би требало да почне да се прикажува пролетва, кога и официјално ќе биде промовиран и дискот со музиката од него. Откако ќе завршам со финалниот микс за тоа издание, ќе продолжам со работа на материјалот за новиот албум. Него секако би сакал да го поддржам со промоција во живо. Кога и како, уште е рано да се каже. Едно знам, интересен ми е тој концепт на свирка со придружни музичари како на Сајмиште пред неколку години и би сакал да направам една турнеја по Македонија.

Ако се има на ум интересот на Баба Зумбула, логична би била размислата и за нов проект со Влада Дивљан, музичарот со кого во Австралија во изминатите години заеднички го потпишавте проектот Aparatchiks.
– Нов проект со Влада е нешто за што зборуваме со години. И навистина се надевам дека оваа година барем ќе се обидеме тоа да го реализираме. Ние одлично соработуваме и мислам дека е време да издадеме нешто ново, без разлика под кое име.

Мнозина со право се прашуваат зошто Кирил, Ана Костовска, Љубиша Стоисављевиќ – Кучкар и Манчевски, не се решија да го реобјават албумот на својот некогашен состав Бастион? Зошто не се решивте без некои особени претензии да направите барем ремикси на тие песни? Зарем тоа не ти се чини како добра идеја или… едноставно не би сакал да се плеткаш со минатото?
– Ми се чини дека најдобро е целата приказна со Бастион да остане дел од едно убаво, носталгично, мошне креативно минато. Иако не ја отфрлувам можноста за реиздание, едноставно како документ на едно време.

#3Наскоро, уште една твоја песна ќе се најде на една од компилациите што се појавуваат во светот на големиот дискографски бизнис. За што се работи и колку таквото присуство ти помага во промоцијата на светската музичка сцена?
– Деновиве треба да се појави една нумера од саундтракот за Прашина на една француска компилација на европски автори на филмска музика. А, пак, ремиксот на песната Примитивна наука на Бушвака ќе се појави повторно на англиска компилација, овојпат како дел од серијата Ѕ4К на лондонската фирма Дистинктив рекордс. Бидејќи се работи за компилации со светска дистрибуција, присуството во овие изданија секогаш помага во афирмирање на она што го работам во пошироки рамки.

Во твоето творештво мошне умно е надграден македонскиот музички јазик. Битисаме во време кога и кадарни и некадарни и се нафрлаат на традицијата. Од што зависи твојот личен пристап?
– Добриот вкус. Сè зависи од пристапот на авторот и неговата употреба на традиционалната музика. Други правила нема.

Што подразбираш ти под поимот модерна музика и како ја проектираш сопствената иднина како музичар – како сериозен автор на т.н наменска музика или како човек кој посакува да ги ужива сите слободи во творештвото?
– Поимот модерна музика станува сè порастеглив и потежок за дефинирање. Јас би сакал времињата што доаѓаат помалку да ги рационализирам, а повеќе да ги пречекам со ентузијазам и позитивна енергија. Предизвикот на секој проект што ќе го работам, како и досега, да го совладам во потполна креативна слобода.

2018-08-21T17:21:34+00:00 март 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 41|