Кирил: Религија и(ли) секс?

/, Звук, Блесок бр. 20/Кирил: Религија и(ли) секс?

Кирил: Религија и(ли) секс?

Со последното албумско остварување “Religion & Sex“, инаку прво за етикетата „Трето уво“ и саундтракот за филмот на Милчо Манчевски „Прашина“, Кирил Џајковски го затвори кругот чие исцртување своевремено (средината на осумдесеттите) започна со првата македонска електро-поп постава БАСТИОН. Конечно, неговата музика, тој неверојатно возбудлив спој на современи електро „лупови“ со емотивната возвишеност на македонското фоклорно наследство, е бележит сегмент на вкупната денешна глобална звучна понуда.

#1 „Не живееме во вакуум. Не сме глупави. Размислуваме! Нашата музика тргнува од ритамот, но не завршува таму, ја има и во срцето и во главата. Таа има своја единствена универзална порака“ – ќе каже меѓу другото во едно интервју Кирил Џајковски, во предвечерието на обелоденувањето на единствениот албум („Бастион“ 1984 година) на својата прва позначајна постава БАСТИОН (сепак, дотогашното делување во ПОСТ СКРИПТУМ и БЕРЗА беше убава дружба на другари од средношколските клупи и ништо повеќе од тоа). И, кога кон ова ќе се дополни дека во споменатиот бенд, инаку веројатно и првиот што го задуши примитивизмот и конзерватизмот на матичнава средина од средината на осумдесеттите, покрај споменатиот членуваа и басистот Љубиша Стоисавлевиќ – Кучкар и актерката и пејачката Ана Костовска. Меѓутоа, не мала улога во делувањето на БАСТИОН имаше Милчо Манчевски. Тогаш младиот режисер, што образованието во професијата го стекна од онаа страна на Атлантикот, за албумот ги стокми сите текстови, сними два видео клипа (“Hot day’s in Mexico“ и „Бои“) што дежурните бранители на поредокот од националната ТВ куќа ги забранија по брза постапка (?!) и заради тоа, разбирливо, беше третиран како „четврти член“ во групата. Од друга страна, БАСТИОН ја подготвија музиката за филмот „Мусака“ на Манчевски, остварување кое, погодувате, заради којзнае какви причини на некои овдешни „авторитети“ (наводно немало пари и сл.) остана на нивото на сценарио околу кое се крена голем прав и кое беспотребно остана во „бункер“ до денешни дни. Инаку, без пожелуваната (неопходно потребна) медиумска поддршка и покрај поволните оценки на критиката во тогаш заедничката држава, бендот набрзо ја заврши авантурата. „Највисоката, неосвоивата кула од крепоста“ остана да биде сведоштво за поинаквите (не само звуковни) размисли на една генерација чија немирливост и бунтовништво не можеа да бидат пеплосани од оние кои им минало времето и чии погледи не досегаа зад плотот. Секое време со својата неуништива глупост.
Крајот на бележаната одисеја, за Кирил Џајковски, претпоставуваше и почеток на едно поинакво животно искуство. Во периодот 1987-89 година тој застана зад клавијатурите на легендарната македонска рок група ЛЕБ И СОЛ, оставајќи немал дел од сопственото авторско кредо на веројатно најкомерцијалните два албума што ги потпишала поставата: „Како какао“ (1987) и „Патуваме“ (1989), обата оригинално обелоденети од тогаш моќниот загрепски „Југотон“.
Од почетокот на деведесеттите и безмалку до крајот на минатиов век, Кирил ќе живее на релација Скопје-Мелбурн и обратно. Во опкружувањето во кое функционираат законите на дискографскиот бизнис и каде успехот главно зависи од капацитетите на перцепција на (пот)просечниот слушател, првично ќе стане дел од екипата RAZORBRAIN (музички сродна на она што некогаш го работеа БАСТИОН), за по двете албумски остварувања (за кои е познато дека поарно поминале во Велика Британија отколку во матичната средина), да ја напушти групата и да го започне сопственото поинакво звучно патешествие. Чувствувајќи го просторот и времето во кое опстојува, со конечно сознание дека во синтисајзерите, компјутерите и електронските помагала има податлив сојузник, а не непријател што треба да се навјаса, со носталгијата што му го стега грлото, посега по креирање на музичка форма во која се испреплетуваат современите глобални ритми, што ги подразбира и непарните (искршените) македонски. Значи, како неколкумина од неговата генерација (Чаповски, Ориѓански, Трајковски, Спасовски… На пример) кои до суштината на изворниот код на македонскиот мелосен јазик стигнаа откако ги „преџвакаа“ идиомите на западната (англо-саксонската) поп музика, Кирил е „ослободен“ од обврската да ја препрочитува еднаш дадената (патем: генијална) матрица и е во позиција да создаде музика што ќе го има духот на минатото, но која ќе пулсира со времето во кое е создадена. Оттаму, разбирливо е што со нагласено внимание ќе бидат проследени обата проекта (“Synthetic Theatre“ од 1996 и “Homebound“ од 1999 година) што ќе ги потпише и обелодени за сопствената (австралиска) етикета “Avant Garde Records“. Згора, за одбележување е и заедничкиот проект со Владимир Дивљан, некогашниот лидер на култниот белградски бенд од периодот на југословенскиот „нов бран“ ИДОЛИ, озаглавен како APARATCHIKS (електронска пресметка со рецидивите на „пост-комунизмот“), а во еден период Кирил речиси и ќе се смета за „кооптиран“ член во, тогаш забревтаниот, КИСМЕТ (периодот кога македонско-австралиската постава на Горазд Чаповски, за американската етикета “Tone Casualties“ го издава одличниот “Wake Up Gods“) и ќе биде градена стратегија за заеднички пробив во светот на обете имиња. Конечно, засилената активност и на КИСМЕТ и на Кирил во татковината набрзо работите ги постави на свое место. Развивањето на идејата походот кон новонастанатите држави од Балканот, кон Европа… Да почне токму од средината во која веќе се етаблирани, обајцата автори ги врати повторно дома, во родното Скопје.
Од своја страна, Џајковски на стартот од новото столетие најнапред во неколку наврати се појави со перформанси на сцените во главните градови на соседните држави, отстапи свои дотогаш необјавени композиции (една од верзиите на “Religion & Sex“ беше на вториот семплер на Прогресивната мултимедијална група, а „Убиство“ на „Прескок“ што одеше со педесеттиот број на магазинот МАРГИНА) за компилациите со електронска музика со што најдиректно влијаеше на афирмирањето на новата генерација автори од современата македонска електронска музичка сцена, за подоцна да ѝ се препушти на плодната соработка со режисерот Александар Поповски (музиката за театарските претстави „Роберто Зуко“, „Буре барут“ и „Диво месо“).
Паралелно со работата врз материјалите за театарските постановки, Кирил во Лондон, за потребите на DJ-ите на винил ќе го отпечати ЕП-изданието “Primitive Science“. На оваа скапоцена објава за секој проследувач на случувањата во современата електронска музика, покрај оригиналната верзија на композицијата, ќе се најдат миксевите на познатите BUSHVAKA, DREADZONE и Deni Briotit од нам познатите RENEGADE SOUNDWAVE, што е признание што го пожелува секој светски музичар и кое подразбира дека неговата музика го заслужува вниманието на оние што знаат да го прочитаат современиот глобален бит.
Што да се каже, пак, за одличната трип-хопична обработка на народната песна „Стојне, ле моме кочанско!“ од албумот на нашата голема народна певица Вања Лазарова – „Ритмистика“, освен констатацијата дека е тоа највозбудливиот ововремен хит направен врз изворна музичка матрица. Еднаш, засекогаш.
И, ако е познато дека зад споменатото остварување со својот авторитет застана „Трето уво“, тогаш разбирливо е што Кирил се одлучи својата најнова објава “Religion & Sex“ да ја обнароди со знакот на овој наш издавач и така да ја „озакони“ соработката со агилниот Иво Јанковски. Инаку, на ова издание се поместени продукциските интервенции и миксевите на композиции, главно познати од досегашните изданија и работени во периодот 94-97 година, кога Џајковски крај себе во студиото го имал Марк Инграм. Оттаму материјалот изобилува со бројни семплови од македонската традиционална музика, користени се и гласовите на Вања Лазарова и Горан Трајковски, а целокупната понуда си го носи белегот на времето во кое настанувала, со задршка дека „трилогијата“ насловена како “Blueuropa“ условно нè воведува во атмосферата на „наменската музика“ што ја создава авторот.
Интересно е и тоа што за обвивката на изданието се користени слајдови на Милчо Манчевски, кој во меѓувреме активно се занимаваше со фотографија, а ова неизоставно нè доведува до заклучокот дека конечно кругот е повторно исцртан. Останува, да чуеме до каде исчекорил Кирил во светот на современата музика. Еден од можните одговори неизоставно го крие саундтракот за филмот „Прашина“ чија јавна промоција допрва следува.
П.С.: Со цел да се избегне пиратеријата на македонските аудио продукти, „Трето уво“ со секој купен оригинален диск со музиката од албумот дарува сурф картичка за 10 часа бесплатно сурфање преку Он.Нет.

звучни записи

2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 20|