Интервју со Sam Andrew

/, Звук, Блесок бр. 18/Интервју со Sam Andrew

Интервју со Sam Andrew

ВИ: Уште настапувате многу низ светот. Како ви успева да го правите тоа по толку години, дали музиката сè уште ви е движечка сила што ве тера напред?
СЕ: Музиката секогаш возбудува, секогаш се пронаоѓам во неа, наоѓам нешто ново во она што го свирам. Јас не се натпреварувам за најбрз гитарист во светот. Сакам да откривам нешто навистина ново во мелодиите и тоа да ѝ го пренесам на публиката додека ѝ го свирам она што сака да го слушне. Со оглед на тоа, дека никогаш нема да го постигнам тоа, музиката не може да ми здодее. Таа е секогаш предизвик.

ВИ: Покрај твоите познати композиции, претпоставуваме, дека правиш нови. Како публиката реагира на твојот понов материјал? Дали твојот музички пат е неизменет или се обидуваш да одиш по нови, неоткриени патишта?
СЕ: Да, пишувам музика цело време и се чини дека на публиката ѝ се допаѓа. Мислам дека мојот музички правец се менува постојано. Во секоја песна се обидувам да внесам нешто ново.

ВИ: Што можеш да кажеш за моменталната состојба на музичката сцена, во споредба со звукот на тие, изминати времиња? Мислам дека ти најдобро можеш да го објасниш тоа.
СЕ: Сега музичарите се подобри. Тие имаат подобра техника и подобро образование. Тие се веројатно подисциплинирани од нас. Но, не мислам дека тие ја имаат истата инспирација што ние ја имавме. Сега го нема она диво ветувачко чувство на музиката како во шеесетите години. Да се има тоа чувство е мошне важно за уметникот. Мислам дека тоа чувтсво може да се врати во музиката во секој момент.

ВИ: Дали ти, односно бендот, сте во контрола околу вашиот музички материјал што со години се издава, разни компилации, необјавени снимки, концерти и слично?
СЕ: Ние сме во партнерски однос со братот и сестрата на Џенис Џоплин кои го наследија нејзиниот дел од она што го правевме со „Биг Брадер“. Сони Мјузик го поседува нашиот материјал (освен пиратските снимки) и тие ќе го издаваат материјалот сукцесивно. Обично тие најпрвин се договараат со братот и сестрата на Џенис, што за нас е малку чудно, бидејќи тие немаа ништо со нашата музика, во тоа време беа мали деца. Но, тие се добри луѓе, има разбирање меѓу нас, се сакаме и работиме заедно за иста цел.

#4ВИ: Сакав да те запрашам за омотите на вашите плочи, особено за оној што го направи Роберт Крамб. Дали паметиш како се случи тоа, односно кој имаше последен збор околу тоа?
СЕ: Во времето, кога требаше да се одлучи каков омот да се направи за албумот „Ефтини задоволства“, сите бевме големи љубители на „андерграунд“ стрипот, особено „Зеп Комикс“. Ги знаевме сите автори: Виктор Москозо, Вес Вилсон, С. Клеј Вилсон, Гилберт Шелтон, Маус и Кели, но сивата еминенција за сите беше Роберт Крамб. Мислам дека решивме тој да го прави омотот и поради тоа што сакавме да го запознаеме подобро. Џенис не беше таа што ја донесе одлуката, иако беше полна со ентузијазам за целата работа околу Крамб, особено кога сите се согласиве. Крамб дојде на наш концерт … мислам дека беше во двораната Филмор… и тој не гледаше околу три часа. Неговата идеја беше да направи омот кој ќе изгледа како ученички алманах со наши слики и мала биографија на музичарите. За предната страна на омотот, тој нацрта скица на алманахот, но за таа страна не ни беше многу грижа (иако сега би сакал да ги имам тој цртеж!), така што задната страна едноставно ја префрливме на првата страна. Задната страна навистина изгледа како „задна“, доколку знаете дека се работи за задната страна. Во основа, се работи за серија податоци кој што направил околу плочата. Восхитувачка работа околу Крамб е тоа што ќе дојдеше, ќе нè погледнеше и во своите цртежи ќе нè претставеше какви сме или какви би сакале да бидеме. Сликата на Џејмс Герли го прикажува како свештено лице, како ангел, што он всушност денес и?! Цртежот на Дејв не го покажува Дејв воопшто и тоа навистина зборува само по себе. Јас често мислев дека „Биг Брадер“ можеше да се вика и „Каде е Дејв?“, бидејќи постојано некаде се губеше. Тос секогаш беше изгубен! Џенис, според цртежот на Крамб, изгледа токму таква каква што сакаше да се претстави. Секој што го знае Питер, ќе се сложи дека тој е вистинската личност во цртежот на Крамб. Јас бев на концертот кога Крамб дојде да нè набљудува, заедно со неколку добри пријателки кои и денес се мои добри пријателки. Тие беа русокоси и тогаш одлично се забавувавме . Уживавме во дружењето, тие беа интелигентни, артикулирани и добри жени. Крамб ме нацрта окружен со русокоси и некоја злобна насмевка и самозадоволство на моето лице (подобра од Џорџ Буш Јуниор!). Тоа е портрет на она што јас бев тогаш, но русокосите беа пријателки, не обожавателки.
#1 „Козмик Блуз Бенд“ беше како еден вид акционерско друштво и омотот на плочата го рефлектира токму тоа. Тој беше направен во уметничкото студио на „Колумбија Рекордс“, каде што делумно го копираа стилот на Крамб. Откако Џенис почина направивме уште две плочи, еден од тие омоти е „анти уметност“ на Боб Сајдерман кој го направи прочуениот омот на „Блајнд Фејт“. Другиот омот го правеше Денис Нолан кој е извонреден уметник. Тој нацрта силуета од секој од нас, и секоја силуета не претставува кои и што бевме во тоа време, силуети на музичари кои се обидуваат да успеат во раните седумдесети години.

ВИ: За крај, имаш ли нешто да им порачаш на твоите љубители во Македонија, особено на оние кои те познаваа од почетокот и кои сè уште ги чуваат твоите плочи и те сакаат?
СЕ: Се разбира. Би сакал да се заблагодарам на секого и посакувам да се запознам со секого во Македонија. Жал ми е што тоа не го направив порано и би сакал да дојдам и да видам како се живее кај вас и да се дружам со вас. Тоа би можело да биде мошне интересно.

ВИ: Којзнае, можеби некогаш ќе се сретнеме во Македонија?
СЕ: Не знаеш колку многу би сакал тоа да се оствари. Ајде да го направиме тоа!

звучен запис

2018-08-21T17:22:00+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 18|