Интервју со Sam Andrew

/, Звук, Блесок бр. 18/Интервју со Sam Andrew

Интервју со Sam Andrew

„Откривам нешто ново во она што го свирам“

#2ВИ: Кажи ми нешто повеќе за твоите музички почетоци, кога започна да свириш. Дали гитара беше твој прв инструмент и кој влијаеше врз тебе и твојот стил на свирење?
СЕ: Започнав да свирам гитара, бидејќи тоа беше инструмент на кој свиреше татко ми. Тој знаеше да чита ноти, додека во фамилијата на мајка ми имаше музичари по интуиција кои свиреа според „уво“. Мислам дека ги наследив и двата семејни квалитети. Слушав имиња како Ти Боун Вокер, Литл Ричард, Хенк Вилијамс, Чак Бери, Ајвори Џо Хантер, Чарли Паркер, Фетс Домино, Чет Еткинс, Пол Дезмонд, Мунглоус… И редица други, многу големи музичари. Секогаш ја сакав музиката.

ВИ: Сан Франциско стана музички центар на САД во средината на шеесетите години и вие бевте дел од таа сцена. Пред да го формираш „Биг Брадер“, дали имаш настапувано и во некои други бендови во тоа време?
СЕ: Свирев саксофон во мал состав во Марин Каунти од другата страна на Голден Гејт мостот во Сан Франциско. Во истиот состав свиреше и Џон Чиполина кој подоцна ги формираше „Квиксилвер Месинџер Сервис“. Свиревме едноставни работи и одлично се забавувавме. Исто така свирев и џез на гитара и се дружев со луѓето да свириме по клубови, но тоа беше спорадично и неорганизирано.

ВИ: Во „Енциклопедија на поп, рок и соул музиката“ на Ирвин Стемблер стои, дека ти се сретна со идните членови на „Биг Брадер“ Питер Олбин и Џејмс Герли во викторијански замок кадешто исто така се наоѓаше и Чет Хелмс. Како дојде до вашето здружување? Дали имавте исти идеи околу музиката и кој го измисли името „Биг Брадер & Холдинг Компани“?
СЕ: Еднаш го слушнав Питер Олбин како свири во една прекрасна викторијанска куќа во Сан Франциско. Се качив по скалите до неговата соба, се претставив и реков: „Ајде да направиме бенд“. Тоа беше пред Чет Хелмс и Џејмс Герли да се појават. Кога Чет дојде да нè слушне како свириме, тој го донесе и Џејмс Герли да свири со нас, а исто така донесе и една листа на имиња за бендот. Едното беше „Биг Брадер“, другото „Холдинг Компани“, едноставно ги споивме.

ВИ: Дали свиревте сопствени композиции тогаш или едноставно си правевте „џем сешн“?
СЕ: Јас секогаш пишував песни, дури и кога бев мал. Така, кога „Биг Брадер“ започна да се случува јас веќе имав многу музика за бендот. Се разбира, свиревме и композиции од други бендови.

ВИ: Во тоа време во Сан Франциско имаше буквално стотици одлични бендови, навистина опасна конкуренција.. Како успеавте да стигнете до врвот покрај имињата какви што беа „Грејтфул Дед“, „Џеферсон Ерплејн“, „Кантри Џо Енд Фиш“? Дали причината за вашиот успех беше квалитетот на бендот, добар материјал, менаџер, околности или комбинација на сите овие елементи?
СЕ: Немаше многу бендови во почетокот, воопшто не. Мислам дека беа четири или пет бендови кога започнавме: „Шарлатанс“, „Џеферсон Ерплејн“, „Грејт Сосајети“, „Квиксилвер Месинџер Сервис“, „Кантри Џо Енд Фиш“ и тоа беше сe’. Ние бевме еден од тие бендови, пред да дојде Џенис Џоплин. Ние свиревме без неа една година пред тоа, бевме познати во Сан Франциско… како и сите други бендови. Мислам дека „околности“ би бил вистински одговор на твоето прашање. „Околности“ и „менаџер“. За да успееш ти треба талент, „тајминг“, напорна работа и добри луѓе што ќе ти помогнат. Многу луѓе имаа многу талент, но повеќето ги немаа сите овие елементи. Напорна работа и „тајминг“ (околности) се можеби најважните работи.

#3ВИ: Кога се сретнавте со Џенис Џоплин и како таа стана член на бендот? Дали ја „откри“ некој од вас или некој ви сугерираше да ја „проверите“ Дали во тоа време таа беше во Сан Франциско или дојде од некаде?
СЕ: Чет беше „големиот брат“ во „Биг Брадер“. Тој веројатно е најзаслужен за нашите први успеси. Тој го „крстеше“ бендот (и јас помогнав околу тоа) и ја донесе Џенис Џоплин во бендот. Тој ја познаваше Џенис уште од Универзитетот во Тексас каде што заедно учеа. Тој знаеше дека ни треба пејач и прати еден пријател да ја донесе во Сан Франциско.

ВИ: Со Џенис во бендот, имаше ли промени во музичката концепција на „Биг Брадер“? Кој беше задолжен за музичкиот материјал?
СЕ: Кога Џенис дојде во бендот, нашата музика стана „понормална“, поконвенционална и би рекол, регуларна. Ние немавме водач на бендот. Јас бев тој кој знаев најмногу за музиката и воглавно јас ги аранжирав песните. Кога стануваше збор за бизнисот, тогаш басистот Питер Олбин беше најодговорен за одлуките.

ВИ: Кој период во кариерата, лично, го сметаш како најдобар за тебе како музичар?
СЕ: Сите периоди ги сакам. Ја сакам енергијата на шеесетите години. Уживав во повторното одење во училиште во седумдесетите и учејќи за хармонија и контрапунктот, пишувајќи класична музика, особено за гудачки квартети. Свирев џез во осумдесетите години и навистина го сакав тоа. Во деведесетите напишав многу композиции и настапував како „Сем Ендру Бенд“ со многу талентирани луѓе. Како музичар уживав сето време!

ВИ: Безбројни концерти, големи фестивали се забележани во твојата кариера, имаш ли некои посебни сеќавања, убави спомени?
СЕ: Беше забавно да се свири во Алберт Хол во Лондон. Паметам една вечер кога во Стокхолм се опијанивме со градоначалникот. Тоа беше добро. Џенис ми ја подари нејзината Гибсон „Хамингбрд“ гитара и мислам на неа секогаш кога ќе ја свирам, а тоа е секогаш!

ВИ: Ти настапи со многу познати рок и блуз легенди, има ли некои имиња кои особено ти значат? Музичари со кои посакуваше да настапиш, а поради некои причини немаше можност?
СЕ: Убаво беше да се биде блиску до Џими Хендрикс, да се гледа како свири. Тој беше мошне повлечен човек кој многу размислуваше за музиката. Б.Б.Кинг беше нешто посебно за мене. Тој беше наш гитарски херој и беше привилегија да се настапува со него. Посакував да ги сретнев Џон Колтрејн и Кенонбол Едерли, тие имаа големо влијание врз мене.

ВИ: Какви се твоите спомени за Џенис? Дали бевте блиски пријатели, каква беше таа како личност, како музичар?
СЕ: Џенис беше мошне интелигентна и забавна личност. Заедно напишавме многу музика, споделивме многу шеги и смеа. Таа беше мошне остроумна и секогаш можевте да бидете сигурни, дека ќе каже нешто невообичаено, смешно и вистинито во исто време. Таа уживаше во животот, но во исто време имаше и некаков циничен поглед на него.

ВИ: Дали понекогаш жалиш за тие времиња, за нешто што сакаше да го направиш, но не го направи?
СЕ: Најповеќе жалам што го напуштив „Биг Брадер“ и отидов во „Козмик Блуз Бенд“. Сметам дека Џенис и јас не требаше да заминеме, кога го направивме тоа. Тоа беше голема грешка. Таа можеше да замине подоцна, доколку сакаше и мислам дека ќе беше посреќна. Исто така посакувам да можев да напишам повеќе музика во различни стилови.

ВИ: Каква е моменталната постава на „Биг Брадер“?
СЕ: Јас на гитара и вокал, Питер Олбин – бас, Дејв Гец – тапани (оригинални членови од првата постава на бендот-н.з.), Том Финч – гитара и Лиза Милс – вокал.

2018-08-21T17:22:00+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 18|